Едноставни слики за Царството Небесно

1315

Рождеството Христово – не е само неработен ден, голем празник. Тоа е настан од вселенски карактер. На земјата дојде Небесниот цар, дојде смирено – како малечко дете. Кога пораснал, Неговото Царство станало блиско за луѓето. Толку блиско, што Христос ги повикувал луѓето веднаш да влегуваат во тоа Царство.

Но како да се влезе? Како обичниот човек да почувствува што е тоа Царството Небесно? Господ ни ја предава духовната реалност на Царството преку Своите параболи, то ест, преку кратки раскази-цртежи, уподобување.  

Во кујната

Еден образ на Царството, мисловно нè пренесува во обичната кујна (Мт. 13, 33). Жена меси леб. Таа го става квасецот во три мери брашно, и процесот започнува – сето тесто се подигнува, и време е да се затопли печката.

Историчарите спорат за тоа, дали можеме правилно да ги измериме древните три мери брашно, споредувајќи ги со денешниот мерен систем. Некој од историчарите тврди дека три мери, сочинуваат околу 40 литри. Нека биде и така. Тогаш излегува, дека жената од приказната правела леб не за едно семејство, туку – за цело село. И за сиот тој леб, на жената ѝ бил потребен само мал грст квасец.

Под квасец, секако се подразбира една незабележлива активна сила, која сè преобразува, сиот наш живот и животот на луѓето кои ни се блиски.

Царството Небесно започнува со еден многу мал незабележлив настан, со мала благодат. За тоа е и приказната.

Често, во животот ние бараме нешто големо, масштабно, грандиозно. Мислиме дека духовните настани мора да нè поразуваат со нивната појава. А тука, приказната е за мали работи, со кои започнува големото.

Царството Божјо започнува во нашиот живот со малата молитва, на пример. Си доаѓам дома на вечер, после доста напорен ден, страшно сум изморен – и да го извршам вечерното правило, цела получасовна молитва, не сум способен. И тука ми се појавува мислата: ако немам сили да го завршам вечерното правило, утрото е поумно од вечерта – ќе си легнам, а наутро ќе се помолам. Што да правам? Тоа е вистинското време да се сетиме на параболата за квасецот и трите мери брашно. Ќе додадам и еден шепот квасец – ќе се помолам кратко (ќе ја прочитам „Оче наш“ и ќе речам: Господи, прости ја мојата слабост. Денес не можам да го прочитам молитвеното правило пред тебе. Благослови ме да одморам“). И после таа малечка молитва, може да си легнеме, надевајќи се дека ноќта е благословена од Бога.

Истото се однесува и на добрите дела. Често, во голема мера да им се помогне на луѓето – е надвор од нашите сили, но никој не ни смета да направиме за луѓето малечко добро дело, од душа. Често одиме по патот на доброто, по патот во Царството Небесно со детски чекори. Околностите не ни дозволуваат да зачекориме со цела нога.

Од малото започнува големото. Се случува, од потонатата мала вера во срцето на човекот, да започне целосно преобразување на сиот негов живот, кој навидум сталожен долги децении, не би можел да се промени. Благодатта во човекот се умножува. И човекот одненадеж гледа, дека благодатта Божја е сесилна, дека благодатта никогаш не е „премногу малку“.

Во полетo

Уште една слична приказна од Небесниот Цар. Од кујната преминуваме во полето. Параболата го споредува Царството Христово со семе кое расте (Мк. 4, 26-29). Посеал човек на своето поле семе. Како расти под земјата, не гледа. Со време се појавуваат класови, узрева, се полни зрното и на крај доаѓа и жетвата. Тоа е целата приказна.

За што се работи таа? Малечкото зрно пченица од рацете на сејачот лета на земјата и веднаш исчезнува. Надворешно, ништо не се случува: има зрно, и земјата го погребува во себе. Всушност, не е така – плодородната почва го пробудува зрното во живот, не го убива. Зрното расте по малку. На крај, никулецот излегува надвор, едвај забележлив. Расте понатаму. Принесува плод – многу зрна. Успева прави животворниот леб.

Како паѓа семето на Царството Небесно во срцата на луѓето, тешко дека гледаме. Што се случува во душите на луѓето, во нивните срца? Започнува будење за нов духовен живот. Најпрвин, духовниот раст се одвива сосема незабележливо. Потоа, тој раст станува малку-по малку очигледен. Духовното начало се пројавува надвор. Минува времето. Доаѓа период на духовна зрелост, период да Му се принесат на Бога плодовите за вечното Царство.

Ние, толку често се стремиме да ги форсираме настаните. Ги брзаме. Веќе се навикнавме: фастфуд – е толку удобна брза храна; за многу зафатените граѓани се нудат техники за брзо читање; а за мечтањето за „брзи пари“ и тренинзите за „брзи односи“ нема ни да зборувам.

Да ги поставиме под сомнеж наметливите стереотипи на современата фаст-култура. Вистинските односи меѓу луѓето се градат долго, поинаку не може. Ако човек успее да направи брзи пари, тие лесно го претвораат својот газда во Кузма Скоробогатиот од руските сказки или во забавниот скржавец од приказните. По повод брзото читање: една книга треба да се површно, поголемиот дел – по дијагонала, а друга книга треба да се чита бавно, или најдобро гласно; а ако немаме време да ја читаме бавно, подобро да не ја ни ваѓаме од полица. Денес има многу курсови за брзо читање – но нема курс за оптимално читање, или дури и за бавно читање. Иако, идејата веќе постои. Веќе постојат обиди да се отворат во градовите ресторани со здрава храна – слоуфуд. Така што, да ја тргнеме на страна модерната страст кон големи брзини.

Духовниот раст кај човекот е бавен, како во приказната за семето кое расте невидливо. Оние кои им нудат на луѓето брз духовен раст – се измамници и сектанти.

Познавам многу, кои неодамна влегле во Црква и се обидуваат на ближните да им го всадат семето на Царството Небесно. Добро прават. Само треба да се сеќаваат на параболата за тоа како растат зрнцата на Царството. Тоа семе не расте толку забележително, толку брзо, туку побавно отколку што сакаме. Нам ни треба трпение – и тогаш ќе го поминеме заедно сиот наш живот, сиот духовен пат, од млад никулец до самата животоспособна зрелост. И ќе му принесеме на Бога плод.

Ѓакон Павел Сержантев

Извор: http://www.pravoslavie.ru/english/100190.htm

Previous articleТрадиционален пикник во манастирот „Свети Наум Охридски“ - Роклин
Next articleГи почитувате ли сообраќајните правила? - ѓакон Владимир Василик