Биографија

Митрополитот Петар (родено име и презиме: Јован Каревски), роден е на 29 Maj 1946 г.  во с. Богомила, Велешко, во земјоделско-занаетчиско семејство од родители Дане и Даница Кареви.

Основно училиште завршил во родното село и како одличен ученик се запишал во средно техничко училиште, електро смер, но пред самиот почеток на учебната година, самоиницијативно и по Божја промисла, се запишува во Богословијата во Призрен.

Средното богословско училиште го завршил во 1966 г. Истата година (1966) се запишал на Богословскиот факултет во Белград, а на Мала Богородица, заминал на 18 месечно отслужување на воениот рок во Љубљана – Словенија. По отслужувањето на воениот рок, во 1968 г., отпочнува со полагање на испитите и во 1970 г. дипломира на Богословскиот факултет во Белград. По дипломирањето е поставен е за професор во Македонската Православна Богословија во Драчево, Скопје, каде ги предава предметите: Свето Писмо – Стар и Нов Завет, Старогрчки јазик, Општа историја, Пастирско богословие и администрација, Црковно пеење и Физичко воспитување.

Професорската работа ја извршува со голем ентузијазам, а со учениците комуницира непосредно, пријателски и советодавно, но одмерено и достоинствено. По професорската дејност во Богословијата, од почетокот на 1972 г. до септември 1976 г., е првиот секретар на Полошко-кумановската епархија, истовремено вршејќи ја и сметководствената, благајничката и референтската функција.

На 6 февруари 1972 г., примил ѓаконски чин, а во 1976 г. произведен е во чин – протоѓакон. Истата година, во месец Август, е ракоположен во свештенички чин. Од септември 1976 г. е парохиски свештеник и благајник во Соборниот Архиепископски храм “Св Димитриј” во Скопје, од каде, во јануари 1978 г., на барање на Ректорот на Богословијата и на Блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј, повторно е поставен за професор во Богословијата.

По упокојувањето на протопрезвитерата Петра, само еден ден по овдовувањето на Преспанско-битолската епархија (почивката на Митрополитот Климент), на 19 јуни 1979 г. е замонашен од Архиепископот Доситеј во придворскиот резиденцијален манастир “Св. Ѓорѓи” во Криви Дол – Скопје.

Во 1979 г., во Перуѓа, Италија, завршува курс по италијански јазик и истата година се запишува на Грегоријанскиот универзитет во Рим, на катедрата Духовна теологија.

На 4 Април 1981 г., по предлог на Архиепископот Доситеј, избран е за втор Митрополит на Преспанско-битолската епархија, и на Духовден 14 Јуни 1981 г., во Соборниот храм  Св. Димитриј во Скопје, хиротонисан е од сите членови на САС на МПЦ. Востоличен е на 15 јуни 1981 г., во Соборниот храм на Преспанско-битолската епархија, Св. Вмч. Димитриј во Битола.

Од септември 1981 г. е поставен да администрира со двете црковните општини во Шведска и една во организирање во Данска. Во тешки услови и отпори на тогашните југословенски власти, организира уште четири црковни општини во Германија: Хановер, Хамбург, Штудгарт и Минхен, и осветува две цркви: Св. Наум во Малме и Св. Кирил и Методиј во Гетеборг, и ги организира македонските верници во Трелеборг и Векше во Шведска.

Во 1982 г. ги довршува  последипломски студии во Рим и ја одбранува магистерската теза “Теологијата на Св. Климент Охридски во неговите напишани дела”.

На почетокот  на неговото архипастирствување презема уште една обврска, да биде во академската 1981/82 и 1982/83 г. професор на Богословскиот факултет “Св. Климент Охридски” во Скопје, по предметот Староеврејски јазик.

Уредник е на архиепископското списание “Воскресение”, а од 1991 г. на Епархиското списание “Вистина”. Подоцна, уредник е и на списанието за вера, образование и наука “Пелагонитиса”, а од 2000 г. и на Епархиското списание “Осми ден”, во Австралиско-новозеландската Епархија.

Со неговото доаѓање на тронот на Преспанско-битолската епархија, која од 1994 г. е преименувана во Преспанско-пелагониска, започнува преродба на литургиски, духовен, просветен и градителски план. Во Преспанско-пелагониската Епархија се изградени и осветени повеќе од 120 цркви и манастири, а обновени и осветени се повеќе од 30, како и над 350 црковни објекти, конаци, параклиси, камбанарии итн. Се изградени, подготвени за осветување, како и во доизградба повеќе од 60 цркви и манастири.

Во 1995 г., Митрополитот Петар од САС на МПЦ беше замолен, како надлежен Митрополит, да го превземе управувањето со Австралиско-новозеландската епархија, за да се спаси Епархијата од распаѓање поради поделбата на два дела.  Со неуморна работа и соработка со канонските свештеници и верниците кои сакаа литургиски живот во Австралија, основани се нови 11 Црковни Општини и два манастири.Во досегашната архипастирска мисија во Австралија, Митрополитот Петар со големо осветување осветил 12 цркви и 1 манастир, а со мало осветување 6 цркви и 2 манастирски цркви, осветил и 9 камен темелници за градби на цркви и манастири. Со судски пресуди вратил во единство на МПЦ 3 Црковни Општини, односно го вратил имотот на МПЦ, и 1 црква на суд со спогодба.

Со распадот на комунистичкиот и монистичкиот систем во Европа и пошироко, во 1991 г., е прв епископ што влегол во Албанија, во Долна (Мала) Преспа, кој во галеријата на храмот “Св. Арх. Михаил” (во време на комунистичиот режим претворен во кино-сала) ја одржа првата проповед, поучувајќи и упатувајќи ги во верата Македонците верници. На нивно барање ги крсти првите 54 Христијани Македонци, по укинувањето на верата во Албанија во 1967 г,. Одтогаш до денес, во Мала Преспа, лично од Митрополитот, и од неговите свештеници, крстени се над 5000 верници, а само во еден ден во с. Стење, на Преспанското езеро, тој крсти 111, а во с. Врбник 96 верници.

Митрополитот Петар, во Богословијата и Богословскиот факултет во Скопје, школуваше 13 ученици и 5 студенти од Мала Преспа. Од нив тројца се свештеници во Преспанско-пелагониската епархија, двајца во Мала Преспа кои богослужат на Македонски јазик, и еден е вероучител.

Под неговата архипастирска грижа во Мала Преспа се изградени и осветени 5 цркви, а целосно обновени и осветени се 5 цркви и еден манастир.

Тој успеал својата мисија да ја прошири и во други делови на Македонија под Албанија, во селата Горно и Долно Крчиште, Пасинки, Стеблево, Арбеле, во близина на градот Пишкупеа.

Во три и пол децениската посветеност на МПЦ, Митрополитот Петар, активно и со изразита љубов кон монаштвото, неуморно се залага за возобновување на монашкиот живот во Преспанско-пелагониската Епархијата, но и пошироко.

Со негов благослов и под неговата грижа во Преспанско-пелагониската и во австралиско-новозеландската Епархија основани се 6 машки и 4 женски манастири со над 30 монаси, монахињи и искушеници.

Како Архиереј, Митрополитот Петар презема и извршува и многу други задолженија: Претседател е на одделот за надворешни односи на МПЦ од 1992 г., под чие претседателство се остварени голем број средби, седници и контакти на ниво на Делегации и Комисии: со Цариградската, Ерусалимската, Руската – Московската Патријаршија, Романската, Грчката, Бугарската, Полската, Српската, Грузиската, Албанската Православна Црква итн. На покана на Митрополитот Петар, во МПЦ престојуваше и Архиепископот на Австралиско-новозеландската епархија на Антиохиската Православна Црква, г. Павле, а во Преспанско-пелагониската епархија и во Епархијата за Арџеш и Мусчел сослужуваше со Архиепископот Калиник и со Митрополитите на Бугарската Православна Црква, Калиник и Неофит (денес патријарх на БПЦ) во Враца, Бугарија.

Од 1994 г. е Претседател на Уставната Комисија на МПЦ, под чие претседателство во 1994 г., се направија посериозни измени и дополнувања на Уставот на МПЦ, а од 2003 г., е претседател и на Комисијата за канонизација на светители во МПЦ.

Учествувал на неколку симпозиуми за интеркултурација на Светото Писмо – Новиот Завет, во Крит, Самос, и Португалија.

На полето на издавачката дејност уште од почетокот се зафатил со печатење на повеќе книги, од кои прво капитално дело е катихизисот „Бог е Жив“, преведен на македонски од оригиналниот француски јазик.

Со негов благослов и залагање, и со материјалните прилози на православните верници во Австралија, се преведени на современ македонски јазик, и во издание на Австралиско-новозеландската и Преспанско-пелагониската епархија, се издадени сите богослужбени книги: Месечниците од Јануари до Декември, Осмогласник, Цветен и Посен Триод и Зборник на празнични и месечни богослужби. Под негово претседателство, Комисијата за редакција, изврши редактирање и превод на Служебникот, на црковнословенски и на современ литературен македонски јазик.