Што да прават родителите за нивните деца да станат добри луѓе

2200

Нема родители, кои не би сакале децата да им станат успешни и вредни луѓе. Дури и големиот грешник си го казнува детето за сторената грешка, со што покажува дека и тој, иако лош човек, сепак сака неговиот син да не биде лош, туку добар човек. Значи, да се воспитуваат децата во доброто е желба на сите родители. Но, желбите се едно, а остварувањата, понекогаш сосема спротивни – некои деца стануваат добри, а некои лоши. Како е можно тоа?

Според наше мислење, бидејќи не е доволно само да се сака, туку мора да се знае и што треба да се прави за желбите да постанат стварност.

Праведниците Јоаким и Ана, Господ ги наградува со преблагословен Плод. За нивната побожност ги израдувал со ќерка, Пресвета Дева Марија. „О, блажени сопружници, Јоакиме и Ано“, вели свети Јован Дамаскин, „по плодот ваш се позна дека навистина сте непорочни и свети, како што и Словото Божјо вели: „По нивните плодови ќе ги познаете“ (Мат. 7, 16). Од вашето раѓање достојно го насочивте вашиот живот кон Бога, како што Му е нему угодно. Живеејќи чисто и праведно, ја родивте ризницата на девственоста – Пресвета Дева“. А во житието на овие свети читаме: „Тие, со добродетелите ги надминуваа другите луѓе и пред Бога се покажаа најдостојни за да бидат родители на Мајката Божја. Таков дар немаше да им биде даруван, ако нивната праведност и светост не беше поголема од другите“.

Зошто Господ ги наградил Захариј и Елисавета со синот Јован, подоцнежниот светител, Претеча и Крстител? Повторно поради нивната побожност! „И обајцата,“ – вели светиот евангелист Лука, – „беа праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови беспрекорно“ (Лука 1, 6).

Ќе кажете дека ова се многу возвишени примери, недостижни за вас. Но, каков е случајот со другите светители? Во житието на свети димитриј Ростовски, на пример, читаме дека неговите родители „беа благородни, украсени со вера и христијанска побожност, и во сѐ ги исполнуваа Господовите заповеди“. Каква беше мајката на свети Јован Златоуст, како и мајките на многу други светители? Читајте ги „Житијата на Светиите“ и ќе се уверите дека, во повеќето случаи, децата станале свети затоа што родителите им биле побожни и свети.

Што треба да прават родителите, за да им раснат децата во добрина и побожност?

Неопходно е уште од раното детство така да ги воспитуваат. „Додека раснеше Света Дева“ – Читаме во житието на Пресвета Богородица – „родителите ја чуваа како зеница… и ја воспитуваа, опкружувајќи ја со таква грижа и внимание, какви што беа потребни за онаа што ќе биде мајка на Спасителот.“

Како се воспитани светителите во своето детство? Во „Житијата на Светиите“ ги наоѓаме следниве одговори на ова прашање: „Родителите го воспитуваат своето дете во страв Божји, поучувајќи го во христијанската вера“, или „роден од побожни родители и воспитуван во побожност, од нив беше пратен на изучување на божествени книги“. Голем е бројот на ваквите примери. Од нив може да се заклучи дека, воспитувањето на децата во побожност им дава на родителите голема надеж, дека децата ќе им станат добри и побожни луѓе.

Родители, желба ви е децата да ви бидат добри! За да се оствари таа желба, пред сѐ е потребно:

Да им бидете на децата пример за вистинска побожност и добродетели.

Вашиот живот да биде светлина на вашите деца.

Вашата вистинска побожност и добродетели, како наследство да преминат и на вашите деца и да се намножат во нив, за нивно и ваше спасение.

Давајќи им добар пример, учете ги на Законот Божји – вселувајте во нивните срца благородна љубов кон Бога и страв Божји (а тоа значи – страв да не се отпадне од Бога и да се падне во грев и страсти).

Учете ги да ги сакаат ближните – т.е. сите луѓе, без разлика.

Оттргнувајте ги од лошо друштво и од лоши дела.

Разумно поправајте ги нивните постапки, зашто Светото Писмо им вели на децата: „Бидете им послушни на родителите свои„, но, им порачува и на родителите: „ Не дразнете ги децата свои, туку воспитајте ги во науката и стравот Господов!“ (Ефес. 6, 1-4)

Учете ги на добро, оддалечувајте ги од злото!

Ако постапувате вака, можете со вера да се надевате дека, од доброто семе положено во детските срца, ќе добиете и добри плодови.

„Ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар“ (Мат. 12, 33).

Свештеник Константин Колесников

Троичник, бр.27, Брегалничка Епархија, 2010

Подготвил: Тоше Јанев

Previous article18 - та Недела по Педесетница - Литургија во Свети Илија во Фусткрај
Next articleСкапоцената вазна