Беседа за светите браќа Кирил и Методиj

2022

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Помнете ги вашите наставници, што ви го проповедаа Словото Божјо, и гледајќи на крајот од нивниот живот, подражавајте ги во верата. (Евр. 13, 7)

Вака се говори браќа и сестри во Светото Писмо за светите апостоли, и за сите оние нивни наследници, кои го проповедале Словото Божјо, епископи, исповедници, маченици за верата наша света Православна.

Денес, овој свет соборен храм на Тетовско-Гостиварската епархија, кој е посветен на светите браќа Кирил и Методиј, ги прославува овие Божји угодници, овие два големи горостаси на Црквата наша света Православна. Овие прекрасни славеи што го навестија Словото Божјо и го проповедаа, не само кај нас македонците во Македонија, туку го проповедаа и далеку на Исток меѓу оние агарјански, муслимански племиња. Потоа меѓу Хазарите кај Херсон, каде што го нашле и телото на светиот епископ Климент, папа Римски, кога Црквата била едно во Господа, сè до 1054 г. Овие Божји угодници биле избрани да бидат проповедници на т.н. четврт свет – а тоа е словенскиот свет, кој бил просветлен и осветен со проповедта, со Словото Божјо, ко го проповедале овие Божји горостаси, светите Кирил и Методиј.

Тие ја создадоа и глаголицата, писмото наше и сесловенско, преку кое всушност беа просветлени, ја примија просветата и културата словенските народи. Овие Божји угодници, и денеска ако погледнеме и го преброиме православниот свет, ќе се увериме дека најбројна е паствата православна каде проповедале светите Кирил и Методиј. Зашто најголем број на православните е во денешна Русија, и другите словенски земји, а останатите, во споредба со нив, се можеби помалку од половината. Ете колку е големо и горостасно делото на овие Божји угодници. Секој народ, браќа и сестри, во својата историја има моменти и луѓе кои биле заслужни за нивниот успех. И по прашањето на знаењето, науката, но и по прашањето на верата. Знаењето е многу голема работа, но не е поголема од верата. Зашто верата е суштината. Бидејќи светите браќа Кирил и Методиј не проповедаа нешто друго, туку како што вели Светото Писмо, научени од Светиот Дух говореа светите Божји луѓе (2 Петар 1, 21).  И овие свети Божји луѓе не говореа од себе, туку од Светиот Дух, зашто беа исполнети со благодатта Божја, која е несоздадена енергија што нам православните ни се дава преку светите тајни, почнувајќи од Светата Тајна Крштение, Миропомазание, Покајание, Исповед, Венчание, Маслосвет, Свештенството, и секако, преку Тајната на сите Тајни, Евхаристијата – Причесната, од која извираат и во која се влеваат сите Свети Тајни.

Ете така, браќа и сестри, исполнети со оваа Божја сила, благодатта Божја, тие од никого не се плашеа. Беа повикани и проповедаа меѓу најголемите непријатели, и многумина од нив обратија во верата. Но, никогаш не мирува сатаната, со неговите демони, браќа и сестри, и луѓето кои ја исполнуваат волјата на сатаната и неговите денови. Па така и овие Божји угодници беа гонети во текот на целиот свој живот, иако имаа благослов да го проповедаат словото Божјо во Моравија и Панонија, беа обвинувани кај тогашните папи дека тие проповедаат нешто што не е дозволено. А што всушност тие проповедаа и против што се бореа? Се бореа, против една, во тоа време опасна ерес (погрешно учење): дека верата треба да им се проповеда на луѓето на три јазици – на еврејски, грчки и латински. Таа тријазична ерес беше погубна за многу народи. И ако потклекнеа светите браќа Кирил и Методиј, на оваа провокација, дека Словото Божјо треба да се проповеда на овие три јазици, денес не ќе постоеја православните народи, пред сè ние македонците, и сите словенски народи. Зашто, светите Кирил и Методиј се проповедници, учители и просветители на сите Словенски народи. Ако не постоеја во верата наша света Православна овие народи, православието ќе беше на прсти изброено. Но, тие се спротивставија на тоа не со човечко мудрување, туку со Божјите зборови, преку устата на светиот апостол Павле, кој вели: Повеќе сакам да кажам пет зборови на разбирлив јазик, отколку илјада зборови на неразбирлив јазик. Зашто кога говорам на неразбирлив јазик, тогаш мојот ум се моли, ама браќата немаат никаква полза од тоа. А кога говорам на разбирлив јазик, тогаш и умот мој се моли, ама и браќата имаат полза (1 Кор, 14).

Така, тие го одбраниле пред папата учењето дека евангелието треба да се проповеда на сите јазици. Зашто Господ Исус Христос кога ги испратил своите свети ученици и апостоли да го проповедаат Словото Божјо, им рекол: одете и научете ги сите народи крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и да пазат сè што сум во заповедал (Мт. 28, 16-20). Не им рекол одете кај некои народи, или кај Евреите, Латините и на Грците проповедајте им го Словото Божјо, туку на сите народи. И токму тоа е големината на проповедта на овие големи Божји угодници, светите браќа рамноапостолни Кирил и Методиј. Тие, браќа и сестри, биле свесни дека не од себе говорат, и силата што во нив е сила Божја која ја добиле одозгора уште светите Апостоли на Духовден. Како што им ветил Господ Исус Христос дека ќе им испрати Дух Утешител, Духот на вистината кој од Отецот Исходи, ете, тој Свет Дух говорел во нив. А тие кога проповедале им велеле на луѓето: Браќа, и ние сме луѓе како вас! Што значи, тие не биле некакви поинакви луѓе. Исти како нас луѓе, иста природа човечка. Но како што вели св. Апостол Павле кој бил гонител на цркгвтат Христова пред да стане христијанин, дека се потрудил повеќе од сите апостоли. И токму заради трудот, по милоста Божја, ја добил благодатта Божја да биде првоапостол. Замислете, од гонител на Црквата Христова и на Христа, да се стане првоапостол. Преку благодатта Божја. Токму преку неа и ние можеме секогаш да ги надвиеме и да ги победиме сите искушенија, сите слабости, сите потешкотии, сите страдања и сите болки.

Браќа и сестри, да не заборавиме дека ние сме денес исправени пред еден тежок испит како народ и како нација. И нашата Црква исто така, зашто  навистина, ако погледнеме и велиме дека имаме во Македонија, можеби повеќе од милион и тристотини илјади православни, но не сме сите православни во душите и срцата, бидејќи голем дел од нас само се декларираме како православни христијани, но животот наш и постапките наши, ни одблизу не се православни, христијански. Ако погледнеме и направиме споредба со вистинските христијани, со оние кои ги давале животите за верата наша света Православна, ако денес некој од нас побара, ние да покажеме како раните христијани дека сме подготвени да ги положиме нашите животи за верата наша света Православна, можеби еден на сто, од нас ќе излезе и ќе каже: да, јас ќе излезам и ќе го положам животот за нашата света вера. Зашто сме се оддале на уживањата од овој свет, и повеќе сакаме да уживаме, што се гледа од тоа што нашиот род македонски е доведен на работ на опстојувањето како народ православен.

Да си спомнеме за тоа, која е пораката на Божјите учители, рамноапостолните свети Кирил и Методиј: Тие биле седум деца. Ете ја пораката за нас православните. Не помалку од седум деца, колку што биле семејството на светите браќа Кирил и Методиј. Ама кај нас тоа не се случува. Ние велиме, едно или две најмногу. А народната вели: ако имаме едно, како да немаме ниедно. А ако имаме две, како да имаме само едно. Зашто никој не знае што може да се случи, браќа и сестри.

Но и не е тоа битно колку деца ќе се родат. Битно е да не се убие ниту едно дете во утробата на неговата мајка, и да не се спречи раѓањето на децата. Тоа е најбитната порака. Зашто ако го почитуваме животот што ќе се зачне во утробата на мајките, говорам за нас православните, конкретно во нашата Црква, тогаш ќе опстоиме и како народ и како Црква. И ако ги воспитаме нашите деца во духот на нашата света православна вера и црква.

Да не заборавиме дека светите браќа Кирил и Методиј ни оставиле и други аманети, и други пораки. Тие проповедаа со Словото Божјо љубов, проповедаа мир и благосостојба. А што ни порачуваат оние, што денес преку раката на одделни писатели и новинари пишуваат за тоа дека треба да има омраза меѓу нашиот народ? И како последица на таа омраза ние денеска тагуваме и со тетовчани и со оние четири жртви што паднаа за одбрана на нашата вера и на нашата Македонска нација, меѓу кои секако верувам дека се тука и родителите на тие момчиња, наши херои, кои покажаа маченичка храброст да пострадаат за одбрана на Татковината и за одбрана на нашата православна вера.

Ете тоа е херојството на тие луѓе. А нивните родители да не тагуваат премногу. Туку да се радуваат, бидејќи нивните деца, длабоко веруваме дека се во Царството Небесно. Оти ги положија своите животи за одбрана на татковината и за одбрана на нашата православна вера и црва.

Така, браќа и сестри, и ние треба, сето она што нам ни го оставиле во аманет светите браќа Кирил и Методиј, да го продолжиме. Тие оставија пораки за љубов – и ние да се љубиме едни со други, и да го љубиме Создателот наш, Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух. Тие го проповедаа Словото Божјо скоро во целиот свет тогашен, до кај што допре нивното слово, ние да ги воспитаме барем нашите деца и поколенија во духот на нашата света вера и црква.

Главниот Универзитет во нашата држава е посветен токму на светите браќа Кирил и Методиј. Да не забораваме дека св. Кирил и Методиј проповедале директно, но и индиректно, преку нивните свети ученици Климент и Наум, охридските чудотворци, Сава, Горазд и Ангелариј. А, делото на св. Климент и Наум, понатаму станува основата во нашата земја за светата православна вера. Ако не беа св. Кирил и Методиј и св. Климент и Наум, ние ќе бевме претопен народ. Ќе бевме или латини, или грци, или на некои од соседните народи, што и денес ни се заканува ако не бидеме доследни да го исполниме она што ни го оставиле светите браќа Кирил и Методиј.

Да се помолиме браќа и сестри, преку нивните свети молитви, Господ наш Исус Христос да ги просветли нашите умови и да отстрани од нив секакви лоши мисли, помисли и фантазии. Да ги очисти нашите срца од секакви нечисти желби, од секакви нечисти похоти, страсти и грешни дела. И така просветлени, да можеме да го следиме нивниот пат, за и ние да можеме да го наследиме Царството Небесно. Амин!

Нека е честит празникот и за многу години!

Беседата е изговорена во Тетово, 24.05.2015

Next article8-ми Ден, бр. 57