Велигденско послание на Високо-преосветениот Митрополит г. Петар

1961

† ПЕТАР

 ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО

ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА,

ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО НАЈТОРЖЕСТВЕНИОТ ПОЗДРАВ

 ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

superbox-full-40

„Оти, како што Отецот воскреснува од мртви и оживува,

така и Синот ги оживува оние, кои што сака“

(Јован 5: 21)

 Христос Воскресе!

Браќа и сестри!

Христос беше Распнат, умре на Крстот и беше погребан во гробница. И камен тежок е положен над Неговото Тело и печат царски е втиснат на каменот од гробот.

Во ова сите веруваме, без сомневање. Зашто, во ова и не е тешко да се поверува. Бидејќи, за тоа сведочат дури и Неговите непријатели.

Но, дали Христос Воскресна? Дали ја победи смртта? Дали тешкиот камен на Неговиот гроб распука и дали царскиот печат од каменот се распрска на парчиња? Ете, тука е во прашање верата наша. Тука почнува од сомнеж да трепери срцето наше. Тука разумот наш се прашува: како можеше да Воскресне, кога веќе умре?

И не е чудно нашето сомневање. Па зарем Тома, Христовиот ученик и апостол, не се посомневал? И зарем не бараше докази? Така е, зашто навикнавме во голема мера да се приврзуваме за овој земен живот и за овој свет, а сè што е над овој свет не го гледаме и не го сфаќаме. Меѓутоа, минлив и безвреден е овој свет, а над овој, е вистинскиот свет, кој се задобива со распнување на телото наше со страстите. Зашто нашата вера е Крстовоскресна. И така, жртвувајќи го овој свет, пристапуваме кон светот Христов. Воскреснатиот Христос воскреснува во нашите души, во нашите дела, во нашите животи…

Радувајте се: Христос Воскресе!

Воскресна Оној, Кој од лукавиот ученик беше предаден на смрт; Воскресна Оној, за Кого злобните Јудејци измолија Крст кај Пилат; Воскресна Оној, Кој беше распнат на Голгота, меѓу двајца злосторници; Воскресна Оној, чиј гроб беше запечатен и опколен со стража; Воскресна како Бог, подигнувајќи го од гробот Своето Пречисто и нераспадливо тело, соединувајќи го повторно со Својата бесмртна душа; Воскресна од мртвите во третиот ден, како што претскажа Он, а и Светите Пророци. Затоа денес се весели небото и се радува земјата, се радува сиот видлив и невидлив свет. Сиот човечки род, денес го прославува Христовото Воскресение. Сите христијани денес ликуваат и се радуваат со Воскреснатиот Бог и Спасител, зашто, навистина, „Овој ден го создаде Господ, за да се радуваме и веселиме во него“.

Ликувајте: Христос Воскресе!

Чие срце од овие зборови нема да се распламти со небесен оган, кој не согорува, туку просветлува, кој не гори, туку оживува? Кој го разгорува тој небесен оган во нашите срца кога ги слушаме зборовите : Христос Воскресе!?

„Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“ (Лука 24: 32). Така расудувале Христовите ученици, што патувале за Емаус, откако Го познале Воскреснатиот Господ, сеќавајќи се на разговорот со Него, дури пред да им се отворат очите. Тие Го познаа, бидејќи срцата им беа загреани, чувствувајќи го во себе светоносното дејство на Господа, кое им се јави. Зарем денес нашите срца не се загреани со тој ист оган, кога ја чувме веста за Христовото Воскресение? Зарем не се загреани заради тоа што Воскреснатиот Господ со светлината на Својата животворна благодат се допре до нашите срца? Затоа ликувајте!

 Разгласувајте: Христос Воскресе!

Се прашуваме, кој е тој свет, каде што се приближува нашата душа, славејќи го Воскресението? Тоа е невидливиот, ангелскиот свет; тоа е небесниот Ерусалим, Црквата на Живиот Бог, составена од небесната и земната Црква. Зарем во славењето на Бога, нема да земат учество ангелите? Затоа, не е никакво чудо, ако кај Воскреснатиот Господ се сретнуваме со невидливата светлина, исто онака, како што се сретнале жените мироносици со ангелите. Не е никакво чудо; зашто ангелите го воспеваат Воскресението во исто време, кога пееме и ние на земјава, па дури и пред нас. Денес небото и земјата, видливиот и невидливиот свет го празнуваат Христовото Воскресение, зашто предметот на празнување е заеднички, и радоста е заедничка, па заради тоа е целосна и совршена. Радоста на земјата одекнува на небесата и радоста на небесата одекнува на земјата, во срцата на оние кои веруваат. Затоа, разгласувајте на секаде дека Христос Воскресна!

Воспевајте: Христос Воскресе!

Што има поубаво, од тие прекрасни зборови, што го издигнуваат христијанскиот дух од земјата кон небесата, од смртта кон животот, кои во него создаваат небо, во него поттикнуваат нов и поубав живот, кој се изразува во чувството на внатрешно единство со сите кои веруваат во Него; во чувство на најжива љубов, која ги прегрнува сите без исклучок – блиски и далечни, богати и сиромаси, познати и бедни, пријатели и непријатели?

Ништо не може да се спореди со чувството кое го произведуваат зборовите: Христос Воскресе; со кои денес се поздравуваме. Тие зборови, како молња, во еден миг, го заобиколуваат целиот свет и сите се воодушевуваат со една мисла, со една вера, со една надеж и со една љубов. Насекаде, и во палатите, и во колибите, меѓу ближните и далечните, меѓу господарите и слугите; насекаде се разлева поздравот: Христос Воскресе! и насекаде се слуша отпоздравувањето: Навистина Воскресе!, насекаде сè дише со радост, се гледа љубовта и се чувствува животот!

Навистина, Христос Воскресе!

Тоа е плод од семето на нашето спасение, посеано уште во рајот, а воедно, тоа е плод на семето и за нашето идно спасение. „Ете, Христос Воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек. И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат“ (1. Кор. 15: 20-22), а тоа е одговор кој најубаво ги задоволува сите прашања и човечки очекувања.

Кој и во колкава мерка ќе ја разбере најдлабоката смисла, која се содржи во зборовите: Христос Воскресе!, тој во исто толкава мерка ќе ја разбере и големата тајна на Божјата грижа за нашето спасение.

Треба да се посакува, светлината и животот, кои денес се појавуват и се раѓаат во нашиот ум и срце и никогаш да не се намалат, никогаш да не згаснат, туку постојано да се хранат и негуваат со вера и љубов, сè до нашиот гроб и до нашето воскресение. На таков начин, радоста, која денес ја чувствуваме во заедницата со Воскреснатиот Господ, со Црквата небесна и земна, ќе биде наша постојана радост, која ќе ни послужи како почеток и залог за онаа постојана радост, која ќе настапи по нашето воскресение во царството на славата. Само на таков начин има смисла денес да се слави Христовото Воскресение и да се пее во слава на Воскреснатиот Христос: „Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите, живот им дарува!“

Возљубени чеда во Воскреснатиот Спасител!

Во овие воскресенски денови, убаво е да направиме една паралела на религиозниот живот на нашите претци, со овој нашиов, денешниов. И што ќе заклучиме од споредбата!? Нивниот живот бил исткаен со обичаи, симболи, обврски, навики, нанижан со поговорки, морални начела и умотворби. Затоа, нашите претци сигурно чекореле во животот и го чувствувале присуството на Бога во себе и во сѐ околу себе.

Меѓутоа, ние денес многу лесно и често се губиме пред мноштвото научни и философски, човечки сфаќања, мудрувања и толкувања. А последиците од таквото наше живеење се нервозите, пореметените чувства, болестите на волјата, разнишаните односи кон моралните сфаќања… И така, исчезнуваат оние одлики на човекот, кои некогаш биле земани како одлики за вистински човек, за човечноста, за карактерноста. Со растот на бездушното школство и безидејната култура, расте и трендот на занемарување на духовните вредности. На нашите деца, уште од најрани години, постојано им се зборува за лажните вредности, за светските знаења, за умешноста за стекнување на богатства, за сигурна положба во општетсвото, за успех, за кариеризам… Но, забораваме дека сето тоа е ѕидање  куќа врз песок. Едвај, денес можеме да слушнеме некој да ги спомне карактерот, моќта на духот, моралноста, човечноста во доброто и во злото, образот, дадениот збор, помирувањето со Божјата волја и верата во вечните вредности.

Возљубени чеда на нашата Света Црква!

Времето во кое живееме наликува на предапокалиптично време, зашто е исполнето со мислите и делата на злите луѓе и демоните, како и сè почестото свесно определување на луѓето за зло. Живееме во време на лесно губење на идентитетот (верата и нацијата) и сè потешкото создавање на сопствениот идентитет, особено кај младите. Се наоѓаме во ново опкружување на „интернационализмот“ (на местото од поранешното, марксистичкото, сега е неопаганското) и сведоци сме на новиот триумвират на „златното теле“ (кое претставува нов вид на економско, но и на секое друго идолопоклонство). Нападнати со силни звуци и силна храна, од утро исполнети со грижи (проблеми и конфликти, внатрешни и надворешни), уште во вечерните часови сме исцрпени телесно и душевно, неспособни да им подадеме љубов на децата или на брачниот сопатник, дотолчени со плитки, банални и лажни телевизиски емисии, па се прашуваме: каде уште можеме да најдеме катче за мир и моменти за одмор? Понекогаш, а тоа е сè поретко,  во природата, при слушањето на музиката, во игра со децата кои ги љубиме, но најсигурно – во Црквата. Било во неа да влегуваме кога таа е празна, за да можеме во целосна тишина на присутните Светители од иконите и фреските да доживееме мир и интимна молитва, или во неделните и празничните дни на Литургијата, кога сите заедно, со црковниот хор, собрани во заедничка љубов кон Бога и Светите, да си ги одмориме душата и телото на најприроден начин, собирајќи сила (Божја енергија) за да им одолееме на искушенијата, кои неизбежно нè чекаат во наредните шест дена.

Толку многу лоши навики во текот на нашиот кус или долг живот сме стекнале, од кои тешко се ослободуваме, ако и воопшто сакаме од нив да се ослободиме! Кога одењето во храмот еднаш ќе постане наша навика, потоа, колку почесто го посетуваме, ќе се увериме, овојпат и од сопственото искуство, а не врз основа на сведочењата на другите, дека сме стекнале навика која единствено ѝ одговара на нашата вистинска и неизвалкана природа, (Божјата слика во нас). Ќе сфатиме дека сме стекнале навика, без која повеќе не можеме да живееме, зашто нè упатува на единствениот и неповторлив начин на заедничарење со Бога, Кој е патот на молитвата, патот во Црквата. Зашто, „Црквата е постојана Педесетница“, според зборовите на авва Јустин (Поповиќ).

Наши најмили чеда во Христа Воскреснатиот!

Прославуваме 50 годишен јубилеј од возобновувањето на автокефалноста на нашата Света Црква. Во овој јубилеен период, изградени се повеќе од 150 цркви и манастири во Преспанско-пелагониската и преку 30 во Австалија и Австралиско-новозеландската епархија. Ги канонизиравме 40 Преподобномаченици Битолски, а на 30 овој месец, ќе го канонизираме и Светиот Свештеномаченик Кипријан Слепченски. Имаме развиен литургиски живот, издавачка дејност и човекољубива добротворна дејност. Но не смееме да се задоволиме со постигнатото, туку да ни биде само поттик за понатамошно усовршување во духовните вредности за да ја постигнеме целта, задобивањето на благодет Божја, која нѐ води кон спасение, во животот вечен – Царството Небесно. Како што рекол Свети апостол Павле; трката ја завршив, верата ја одржав а сега го чекам венецот Христов (во Царството Небесно). Тоа е всушност Победета над гревот и смртта што ни ја ветува Христос Воскреснатиот. „Не бојте се, јас го победив светот“.

 

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ – НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!

На Велигден, 2017 година, Битола.

 

Ваш постојанен молитвеник пред Христа Воскреснатиот,

Митрополит Преспанско-пелагониски и

администратор Австралиски и Новозеландски

† Петар.

 

Велигден, 2017 година.

Previous articleВечерна богослужба и Света Василиева Литургија во манастирот Донибрук
Next articleВоскресение Христово во црквата Свети Никола во Престон