Синаксар во Неделата Месопусна

1397

Кога ќе седнеш, Судијо на сите, да ја судиш сета земја, удостој ме и мене да го слушнам овој глас: „Дојдете, благословени на мојот Отец!”

Во овој ден правиме спомен на Второто и непоткупливо Христово пришествие, што божествените отци го одредија од две причини: прво, заради оние коишто знаат за Божјото човекољубие, па живеат мрзливо, велејќи: Бог е човекољубив, па кога ќе се ослободам од гревот (кога ќе се покаам), сум си ја завршил целата работа. Второ, потсетување на овој страшен ден се прави за да знаеме што нѐочекува еден ден по смртта, та оние што овој живот го минуват во мрзливост и неодговорно, да се исплашат од она што ги очекува и да почнат да живеат добродетелен живот, и да не се надеваат само на Божјото човекољубие, но да знаат дека Бог е и праведен и дека ќе даде секому според неговите дела. Инаку, и душите на починатите треба да излезат пред Судијата. Затоа, овој празник на некој начин претставува и крај на сите празници, бидејќи тој чин – Страшниот суд, ќе биде конечен за сите нас.

strashen-sud-Bozji

Треба да се знае и тоа дека идната недела ќе се потсетиме и на почетокот на светот, и на паѓањето и изгонувањето на Адам од рајот. Денешниов, пак, ден (празник) е крај на сите денови, како и на самиот свет. Од оваа недела се скусува храната (повеќе не се јаде месо), а не повикува и на милостина кон ближните. Исто така, бидејќи со храна бевме истерани од рајот, и паднавме под осуда и проклетство, по примерот на Адам од наредната недела, се молиме Христос и нас повторно да нѐвоведе во рајот. И при Второто пришествие Христос ќе дојде во тело, но не како при Неговото прво доаѓање, тивко и без слава, туку со натприродни знаци и чуда, со силна светлина од небесата, за да биде познаен од сите; дека Он е тој што дојде и првиот пат, и родот човечки го избави, и дека самиот Тој ќе суди, според тоа кој колку зачувал од она што Он ни го дал. Кога ќе биде тоа пришествие? Никој не знае. Господ тоа го сокри и од апостолите. Тогаш ќе има некои предзнаци, што некои од светиите нашироко ги објаснија. Некои велат дека тоа ќе биде по седум илјади години! Пред Неговото пришествие, ќе дојде Антихристот и ќе се роди, како што вели св. Иполит Римски, од жена нечиста, божемна девојка, по потекло од Евреите, од племето Даново, кој беше дете на Јаков; и дека ќе оди меѓу народот како Христос, и дека ќе прави чуда, како што правеше и Христос, и мртви ќе воскреснува (види: 2. Сол. 2). Тогаш, се вели, ќе се открие синот на погибелта, со секоја сила и знаци и лажни чудеса. Впрочем, нема самиот ѓавол во тело да се претвори, како што вели Јован Дамаскин, туку човек кој ќе се роди од блуд и ќе го прими сето сатанско дејство, и ненадејно ќе се крене, и на сите ќе им се покаже како добар и кроток. Тогаш ќе има голем глад, на луѓето ќе им угоди, ќе се претстави дека ги знае и Божествените Писма, и ќе пости, и од луѓето ќе биде прифатен, и ќе се прогласи за цар; најмногу ќе го засака еврејскиот народ; ќе дојде во Ерусалим и храм ќе им подигне. На седум години пред него, како што вели пророк Даниил, ќе дојдат Енох и Илија, и на луѓето ќе им проповедаат да не го примат. Тој, пак, ќе ги фати, ќе ги мачи, најпосле и главите ќе им ги отсече. Оние што ќе живеат благочестиво, ќе мораат далеку да бегаат, по горите, каде што ќе ги искушуваат демоните. Оние седум години ќе се намалат заради избраните, а ќе има и голем глад, елементарни непогоди, за малку сите ќе изгинат. По сите овие работи, ненадејно, како молња од небото, ќе се случи пришествието Господово, а ќе му претходи чесниот Крст и огнената река, која сета земја ќе ја очисти од скверноста. Тогаш ќе биде фатен и Антихристот, и неговите слуги, и ќе бидат предадени на вечниот оган.

Кога ќе затрубат ангелите, ненадејно од сите страни на земјата сиот човечки род ќе дојде во Ерусалим, зашто е во средината на светот. Таму ќе им се суди на сите со души и тела. Со еден збор, Господ ќе ги одвои праведните од грешните: оние што правеле добро ќе отидат во вечен живот, а грешните во вечни маки, кои нема никогаш да престанат. Треба да се знае дека тогаш Христос нема да бара пост и сиромаштија, и чуда, иако се добри и тие, туку многу повеќе од овие – милостина и сострадание. Оти тогаш Господ, и праведните и грешните, ќе ги потсети на оние шест заповеди: гладен бев, и Ми дадовте да јадам; жеден – и Ме напоивте; туѓинец бев, и Ме примивте; необлечен бев, и Ме облековте; болен бев, и Ме посетивте; во затвор бев, и дојдовте при Мене. Ако ова го направивте на еден од овие мои најмали (браќа), Мене Ми го направивте (види: Матеј 24). Затоа секој треба да го направи она што може, според своите сили. И секој треба да исповеда (признае) дека Господ Исус е Христос (Месијата), за слава на Бога Оца. А маките, за кои зборува Светото Евангелие, се овие: таму ќе биде плач и крцкање со забите, црвот нивни нема никогаш да заврши, и нивниот оган нема никогаш да изгасне; како и она: фрлете го во крајната темнина. Црквата, пак, јасно учи дека праведните и светиите секогаш ќе бидат со Бога во Царството небесно, во вечната Светлина. А оние што овој живот го минаа далеку од Бога, во мрзливост и привремена храна, ќе одат во маки и темнина, лишени од Божјата светлина.

Со Твоето неискажливо човекољубие, Христе Боже, удостој нѐи нас со Твојот посакуван глас, и придружи нѐкон оние од Твојата десна страна, и помилувај нѐ. Амин.

Од Посниот Триод

Previous articleНедела Месопусна во Црквата „Свети Илија“, Футскрај, Мелбурн
Next articleЛетен камп за Православна веронаука