Синаксар на Светиот и Велик Петок

2110

Стихови на распнувањето:
О необлечен мртовецу и Слово на живиот Бог, Ти си, Боже, Кој живееш и на крстот си умртвен.

Стихови за распнатиот со Христа разбојник:
Клучот на покајаниот разбојник ја отклучи рајската врата, кога рече: Спомни си за мене (Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое).

Во светиот и Велик Петок ги славиме светите, спасителни и страшни страдања на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, што заради нас доброволно ги прими: плукањето, биењето, шлаканиците, навредувањата, исмејувањето, пурпурната облека, трската, сунѓерот, оцетот, клинците, копјето и, по сето тоа – Крстот и смртта; а сето тоа се изврши во петок.

Откако беше продаден и предаден за триесет сребреника од својот пријател и ученик, најнапред Го одведоа кај Ана првосвештеникот, кој Го испратил кај Кајафа, каде што бил плукан и удиран по образите, а воедно и исмејуван и навредуван, и каде што ги слушал зборовите: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?” (Матеј 26, 68). Таму дошле и лажните сведоци кои Го клеветеле, бидејќи беше рекол: „Урнете го овој храм и за три дена пак ќе го изградам”, и затоа што беше рекол дека е Син Божји. Тогаш првосвештеникот, не поднесувајќи ја оваа „хула”, ја раскинал својата облека.

Minolta DSC

Утрото Го одвеле кај Пилат во судницата, а тие самите не влегле, како што се вели, да не се осквернат и за да можат да ја јадат Пасхата. А Пасха се именува целиот празник што го славеле, според обичајот. Христос, пак, ја извршил законската Пасха еден ден пред оваа, бидејќи требаше да биде жртвуван во петокот. А кога Пилат излезе, ги праша за што Го обвинуваат тие. Бидејќи не најде никаква причина за да Го осуди, Го испрати кај Кајафа, а овој пак повторно кај Пилат, бидејќи тој беше оној што копнееше да Го убие. А Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, и судете Му според вашиот закон“. А тие повторно велеа: „Нам не ни е дозволено никого да убиеме”, поттикнувајќи го Пилата да го распне. А Пилат Го праша Христа дали е Он Царот на Јудеите. А Он не призна дека е тоа, туку дека е Вечниот (Цар), бидејќи рече: „Царството Мое не е од овој свет.” Сакајќи да Го пушти, Пилат прво им рече дека не наоѓа никаква вина кај Него, а потоа, предложи да се ослободи еден затвореник, според обичајот за секој празник. Но тие повеќе претпочитаа да биде ослободен Варава, а не Христос.

Пред да им Го предаде на Евреите, Пилат прво нареди да Го камшикуваат Исуса, потоа Го изведе со војници, облечен во црвена облека, покриен со трнлив венец, со трска во десната рака, додека војниците го исмејувале велејќи: „Радувај се, Цару Јудејски”. Откако Го исмеја, за да Го помилува, Пилат повторно рече: „Не наоѓам ниту една вина за да Го осудам на смрт”. А тие велеа: „Ние Него ќе Го казниме, затоа што себе се нарекува Син Божји”. Додека го зборуваа тоа, Исус молчеше, а народот викаше кон Пилата: „Распни Го, распни Го”, бидејќи сакаа да Го подложат на нечесна смрт, за да го исфрлат добриот спомен за Него. А Пилат, сакајќи да ги посрамоти, рече: „Вашиот ли цар да го распнам?” А тие одговорија дека немаат друг цар освен кесарот. Бидејќи и по оваа хула ништо не постигнаа, тие се повикаа на кесарот, та барем така да ја задоволат својата лудост. Затоа велеа: „Секој што се прави цар себе си, се противи на кесарот.” superbox-full-26

За тоа време, жената на Пилат, исплашена од страшни соништа, испратила луѓе да му речат: „Да нема ништо помеѓу тебе и овој Праведник, бидејќи поради Него ноќта многу страдав.” А тој, измивајќи си ги рацете, ја отфрли од себе вината за крвта Негова. Но тие викаа: „Крвта Негова на нас и на нашите деца, ако Го ослободиш Него, не си му пријател на кесарот”. Плашејќи се од кесарот, иако точно знаел дека Исус е невин, Пилат Го предаде на крсна осуда, откако им го пушти Варава.

А Јуда, кога го видел ова, ги фрлил сребрениците и заминал и се предал на смрт, обесувајќи се на дрво и најпосле, надувувајќи се, прснал.

Војниците, пак, со трска го удираа по Неговата глава, Го исмејуваа, и му Го натоварија крстот. Потоа го принудиле Симон од Киринија да го носи Неговиот крст. Во третиот час, на местото наречено Лобно, Го распнале, а од двете страни обесиле и други двајца разбојници, за да се вброи меѓу разбојници. Војниците си ја разделија меѓу себе Неговата облека, а за Неговата ткаена облека фрлаа ждрепка. И не само тоа, туку и кога беше на Крстот, тие Му се потсмеваа и Му велеа: „Е, Ти, Кој го уриваш храмот и за три дена го изградуваш, спаси се Самиот.” И повторно: „Други спаси, а Себе си не може да се спаси?” И повторно: „Ако е Цар Израилев, нека слезе од Крстот и ќе веруваме во Него.” Впрочем, ако тие ја говореа вистината, требаше без колебање да пристапат кон Него, признавајќи Го за Цар не само на Израил, туку и на целиот свет. Всушност, што сакаа тие повеќе? Зар не беше доволен знак тоа што сонцето се помрачи за три часа, и тоа среде денот, та страдањето да им биде објавено на сите! Тоа што земјата се затресе, камењата се распаднаа, изобличувајќи го непријателството на Евреите; многу тела воскреснаа, како потврда на општото воскресение и како објава на силата на Оној што страдал. Завесата на храмот се раздели, како храмот да се лути затоа што страда Оној што се слави во него и на мнозина им го открива невидливото. Значи, Христос беше распнат во третиот час, како што вели божествениот Марко. superbox-full-32

А од шестиот час, па до деветтиот час, настана мрак во целата земја, кога и Лонгин стотникот, гледајќи Го Преславниот и Поголемиот од сонцето, повикал: „Вистина, Овој беше Синот Божји”.

Еден од разбојниците Го навредуваше Исуса, а другиот, пак, тоа му го забрануваше, исповедајќи дека Христос е Син Божји. А Спасителот, возвраќајќи на неговата вера, му вети дека ќе биде со Него во рајот. Додека над Него се исполнуваа сите овие навреди, Пилат наредил да се напише и натпис над Него, кој вели: „Исус Назареец, Цар Јудејски”. Иако тој забранил да се напише така, Пилат им одвратил: „Што напишав, напишав“.

И потоа, кога Спасителот извика: „Жеден Сум”, тие му растворија исоп со оцет. И, откако рече: „Се сврши”, ја наведна главата и Го предаде Својот Дух. И кога сите си заминаа, Неговата Мајка стоеше при Крстот и нејзината сестра Марија Клеопова (ќерка на Јаков, а нејзиниот маж Клеопа умрел бездетен), како и Неговиот возљубен ученик Јован.

Неразумните, пак, Јудеи кои не биле задоволни ниту Телото на Крстот да го гледаат, го замолија Пилата, бидејќи бил петок и големиот ден на Пасха, на осудениците да им ги прекршат колената, за да умрат поскоро. Па така им ги прекршиле колената на двајцата, бидејќи се уште биле живи. И кога дошле до Исуса, тие виделе дека веќе бил мртов и не Му ги прекршиле колената, а еден од војниците, наречен Лонгин, угодувајќи им на безумниците, го кренал копјето и го прободел десното ребро Христово.

И веднаш истекла крв и вода: крвта како од Човек, а водата како поголем од Човек. Односно: крвта заради причестувањето со божествените тајни, а водата заради крштевањето. Бидејќи Он е вистина двоисточниот извор Кој ја содржи оваа наша тајна. Јован го виде тоа и посведочи и вистинско е неговото сведоштво, бидејќи присуствуваше на сето тоа и, гледајќи, го запишуваше. Дури и кога лажно би говорел, не би пишувал измислици за да Го бесчести Учителот. Се раскажува дека во некаков сад тој ја прифатил божествената и света Крв од животочните Негови ребра. superbox-full-36

По исполнувањето на овие работи кои ја надминуваат нашата природа, бидејќи веќе беше вечер, Јосиф од Ариматеја, кој беше таен ученик Христов како и други, дојде кај Пилата со смелост, бидејќи му бил познат, и му го побара телото на Исуса. Пилат заповеда да му го дадат. Откако го симна од крстот, тој набожно го положи. Кога настапила ноќта, дошол и Никодим носејќи некаква смеса од смирна и алој, подготвена навреме и, како што било обичај кај Јудеите, Го завиткале со плаштаница и Го положиле во Јосифовиот гроб издлабен во камен, во кој претходно никој не лежел за, кога ќе воскресне Христос, да не го припишат Неговото воскресение на некој друг. Смесата, пак, од смирна и алој Евангелистот ја спомнува за оние што би можеле да имаат приговори, со цел, гледајќи ги завоите и плаштаницата, да не мислат дека телото било украдено. Бидејќи, како би можеле арамиите, кои не би биле толку слободни, да ги извадат овие платна прицврстени за телото?!

Затоа, се она што се случувало во тој петок, богоносните отци ни заповедаа да си спомнуваме за нив со скрушеност на срцето и со умиление.

Треба да се знае и тоа дека, ако Господ беше распнат во шестиот ден, односно во петок, тоа е затоа што во почетокот човекот беше создаден во шестиот ден.

И тоа што во шестиот час од денот Он висеше на Крстот, беше затоа што во тој час, како што велат, и Адам ги пружил рацете и го допрел забранетото дрво и умрел. Бидејќи требаше, во оној час кога паднал, во истиот повторно да се пресоздаде, односно во градината, како и Адам во рајот. Горчливата напивка го претставува вкусувањето (од забранетиот плод). Шлаканиците ја објавуваа нашата слобода. Плукањето – нашето нечесно однесување, кое според нас е чесно. Трновиот венец е изгонување на клетвата од нас. Пурпурната облека е наместо кожните ризи, и за да ѝ го врати на нашата природа нејзиниот царски украс. Клинците – секонечната неподвижност на нашиот грев. Крстот е дрвото во рајот. Прободените ребра го изобразуваат реброто на Адам, од кое е создадена Ева, а од неа, пак, престапот. Копјето, се чини, го символизира пламеното оружје. Водата од ребрата е слика на крштевањето. Крвта и трската – со нив Христос, како Цар, со црвени букви го потпишува документот со кој ни ја дарува древната татковина. superbox-full-33

Се зборува и тоа дека главата на Адам лежи онаму каде што беше распнат Христос, Главата на сите. Значи Адам се крсти со истечената крв на Христа. Тоа место, пак, се нарекува Лобно затоа што, за време на потопот, Адамовата глава испливала надвор од земјата и била носена без останатите коски, како некое видливо чудо, но дека подоцна Соломон, заради честа на прататкото и со помош на својата војска, ја покрил со многу камења. Затоа тоа место се нарекува и Литостротон, односно прекриено со камења.

Некои големи светии, според некои преданија, велат дека тука бил погребан Адам од некој ангел. А таму каде што е телото (лешот), таму доаѓа и орелот – Христос, вечниот Цар, Новиот Адам, Кој стариот и паднатиот преку дрвото Адам, го исцелува со дрвото на крстот.

Со Твоето натприродно и за нас неизмерно милосрдие, Христе Боже, помилуј нè. Амин.

Од Посниот Триод

Previous articleСлужба на Светите и Спасителни Христови Страдања во манастирот Донибрук
Next articleСлужба на Светите и Спасителни Христови Страдања во црквата Свети Илија во Футскрај