Каде што има мир на помислите таму почива Господ Бог

844

Оној што сака да се спаси треба секогаш да има расположено срце за покајание и смиреност, според псалмоејачот: „Жртвата пред Бога е смирен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш” (Псалм. 50,17).

Каква е таа состојба на покајност на духот во која човекот може безбедно да поминува низ лукавите стапици на гордиот ѓавол, чија грижа се состои во тоа да го вознемири човековиот дух, за потоа да ја посее својата плева, по евангелските зборови: Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа? А он им рече: ‘Човек непријател го направи тоа'” (Мат. 13,27-28)?

Кога човекот се грижи во себе да има смирено срце и невознемирена, чиста мисла, сите замки на ѓаволот стануваат недејствувачки, бидејќи каде што има мир на помислите, таму почива Господ Бог.

Почетокот на покајанието доаѓа од стравот Божји и од вниманието, како што вели маченикот Бонифациj. Стравот Божји е татко на вниманието, а вниманието, мајка на внатрешниот спокој. Тој раѓа совест, која прави душата да ја види својата грдотија, како во некоја чиста и непоматена вода. Така се раѓаат зачетоците и коренот на покајанието.

Ние целиот свој живот со своите падови во грев го растажуваме Божјото величество. Затоа секогаш сме должни да се смируваме пред Него, барајќи простување на нашите долгови…

…Кога ние искрено се каеме за своите гревови и кога се свртуваме кон нашиот Господ Исус Христос со сето свое срце, Он се радува, востановува празник и ги повикува сите небесни сили, покажувајќи им ја драхмата која повторно ја нашол, т.е. Својот царски образ и подобие.

Ставајќи ја на рамената заблудената овца, Он ја приведува кон Својот Отец. Во живеалиштето на сите оние кои се веселат, заедно со оние што не отстапиле од Него, Бог ја сместува и душата која се покајала.

Свети Серафим Саровски

Previous articleЗа искушенијата и Божјата промисла - Свети Игнатиј Брјанчанинов
Next articleАкатист на Пресвета Богородица во црквата Света Богородица - Пречиста во Ливерпул