„Денес ви се роди, во градот Давидов Спасител…“ (Лк. 2, 10) - Божикна посланица 2017

1521

… + ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО

ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА,

ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО РАДОСНИОТ ПОЗДРАВ,

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

„Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“ (Лк. 2, 10-11).

Возљубени чеда во Христа Богомладенецот!

Премилата и преслатката Тајна на Боговоплотувањето на Божјиот Син, денес ги исполнува со радост и Небото и Земјата. Ангелите пеат, пастирите се радуваат, мудреците брзаат, а Пресветата Богомајка бдее над Своето Чедо.

Праведниот Јосиф е збунет, а Ирод беснее од гнев. Ете, тој веќе слушнал за необичната ѕвезда, која го најавува раѓањето на Новиот Цар и смислува одмазда, да ја пролее крвта на недолжните младенци. Божјата промисла се исполнува, тајна до тајна и чудо до чудо го исполнува денешниот празник.

Оваа голема радост, по повод сèрадосниот празник Рождеството Христово, и нас, собраните во светите храмови, во домовите, по патиштата, во болниците, во институциите, на работните места, нè исполнува. Знаејќи го ова, наместо од страв и неизвесност, треба да бидеме обземени од радост и веселба, заедно со небесните сили, пеејќи ја Божикната ангелска песна: „Слава во висините на Бога, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“.

Божик е почеток на нашето спасение! Боговоплотувањето е највеличествениот настан од создавањето на светот и човекот. Целта на воплотувањето на Бог Словото е спасение на човечкиот род, зашто Словото дојде во светот за „да го побара и спаси загубеното“ (Мт. 18, 11). Со своето воплотување, Спасителот ја издигна човечката природа од сетилното во надсетилното, од земното во небесното, од човечкото во божественото. Бог се јави како човек меѓу луѓето, заради Своето неизмерно човекољубие. На нашата падната и заболена природа ѝ беше потребен Лекар: на паднатиот човек му требаше некој што ќе го подигне; на заталканиот, некој што ќе му го покаже патот; на заблудениот, некој што ќе му ги врати вистинските човечки вредности; на затворениот во темница, некој што ќе му ја објави светлината; на отуѓениот, некој што ќе го откупи; на затворениот, заштитник; на робот, ослободител. Сето ова, човекот го добил во Богомладенецот Христос. Тоа всушност и била причината, да го поттикне Бога да слезе од небесата и да ја посети немоќната човечка природа, која се наоѓала во многу тешка и жална положба.

Возљубени празникољупци!

Бог го создаде светот, а потоа и човекот, за и Самиот да постане Човек, спасувајќи го човекот, па преку тоа и човекот да дојде до обожување. Истото тоа го вели и Свети Иринеј Лионски: „Божјиот Син затоа постана и Син Човечки, за човекот да постане син Божји“. Во тајната на Христовото Раѓање е предобразено основањето на Црквата, Која е Негово Тело, полнота и исполнување на Воплотеното Слово.

Во самото Христово Раѓање, „победен е поредокот на природата“. И не само што е осветено „природното“ раѓање, туку се покажува и појавува и она, натприродното раѓање: „И чудото од Твоето Раѓање, јазикот не може да го искаже…“ Тоа е тајната на девственото раѓање од Светиот Дух. Во Христовото Раѓање, не се открива само славата на Богочовештвото, туку и тајната на Богомајчинството.

Љубовта на Богомајката се исполнува како застапништво и покровителство. Името „мајка“, насекаде означува „љубов“. Зашто, „многу може Мајчинското молење, кое е упатено кон Милостивиот Владика“. Во тајната на воплотувањето се открива Божјата Љубов, Која слегува во светот и во него донесува мир и добра волја. Но, се открива и човечката љубов, која во смирението и покорувањето одговара на Божјото откровение. Па така, тајната на Раѓањето е слава на љубовта. Во тоа се состои радоста на Божикното откровение. Свети Григориј Богослов вели: „Ако некој нè праша: што почитуваме ние и на што се поклонуваме, нашиот одговор треба да гласи – ние ја почитуваме Љубовта“. Зашто Бог толку го возљуби светот, што го даде и својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јн. 3, 16).

Возљубени чеда во новородениот Богомладенец!

Со воплотувањето на Синот Божји се создаде Светото Семејство, кое треба да биде образец на секое семејство на земјата. Како што Богомладенецот беше послушен на Праведниот Јосиф и Пресвета Богородица, така треба да бидат послушни и децата кон своите родители. Како што праведниот Јосиф и Пресвета Богородица се грижеле за Богомладенецот и Го барале кога се изгубил, сè додека не Го нашле во Домот на Неговиот Отец – Црквата Божја, така и родителите треба да се грижат и да ги бараат своите деца, сè додека не ги најдат во домот Божји – Црквата Христова. А за да го постигнат тоа, потребно е да го откријат и признаат тајниот однос на Отецот и Синот во Пресветата Троица, во противно, земното семејство станува бесмислено. Па така, љубовта и солидарноста меѓу луѓето, кои се темел на општеството, во меѓусебните односи се извртуваат во озборувања, измами, клевети, лаги, подмолност, злоба, кавги, раздори и т. н. Во едно такво општество, свое место нема ни мајчинството, ниту татковството, ниту девственоста, ниту човекољубието. И можеби токму поради тоа, денес нема во структурата на Владите, министерство за семејство, кое би било столб на општеството, зашто семејството е семејната-домашната црква и клетка на општеството, без кое не може да се замисли здраво општество.

Оттаму, апелираме до одговорните општествени фактори, да се потрудат во најскоро време да ја воведат веронауката во училиштата, заклучно со средното училиште, како што го сторија тоа и во соседните, исто така, посткомунистички држави: Србија, Република Српска, Романија, Бугарија, Русија и т.н. Во противно, во обезбожените семејства, се урива семејната љубов, слога и разбирање, а како последици на тоа, доаѓа до кризни состојби во општеството со несогледливи последици.

Денешниот човек стана млитав, инфантилен. Неговото срце е скаменето, а главата вжештена. Наспроти него е богобојазливиот човек, кој секогаш има(л) жешко срце и студена глава. Современиот човек, станува еден вид цивилен роб, кој лесно се преобраќа во дивјак, штом ќе се дофати до секојдневните играчки: коцкањето, обложувалниците, навивањето, сите видови „забавна индустрија“ – бесполезните серии, неморалните филмови, па полека почнува да се самозадоволува чувствено и интелектуално, а сето тоа ја зголемува неговата дезориентираност и фрустрираност. Па така, наоѓајќи се во една таква урбана пустина, наречена од Св. Отци „долина на плачот“, тој полека запаѓа во униние – безволен живот, и потоа паѓа во очајание, односно доброволно му ја предава душата своја на ѓаволот и станува целосно негов роб.

Затоа е потребно, модерниот човек да започне внатрешна преродба, преку исполнување на Евангелските начела и принципи. Тој е вистинскиот пат кон мирот, кој се остварува „не како што го дава светот“, туку како што го дава Христос, кој вели: „Мир ви оставам; Мирот Свој ви го давам! Да не се бои срцето ваше“ (Јн. 14, 27).

Да се има мир Божји, значи да се има мир со Бога, со братот, со ближниот, со човекот, со сето Божјо создание. Ете, за еден таков небесен, вишен мир, Божјата Црква секојдневно се моли, а особено во овие Божикни денови, за да ги загрее нашите студени срца таквиот мир, како би можел во нив да се роди Богомладенецот Христос, Кој е нашата вера, нашата љубов, нашата надеж, нашиот мир.

Најмили наши духовни чеда!

Од наша страна, потребно е да направиме сè што е во наша моќ, во нас да се роди Христос Богомладенецот. Потребно е да ги отвориме нашите души и срца, за да постанеме и ние јасли за Новородениот Богомладенец.

Ако преку целата година, тагата ни ги притиска срцата, барем во Божикните и другите празници да се роди радост во нив, бидејќи го славиме Раѓањето на Бога, Кој се појавил како човек.

Ако преку целата година, омразата ни ги труела срцата, барем денес да го исфрлиме отровот на омразата од нив, зашто го славиме Раѓањето на Небесната Љубов, воплотена во човечка природа.

Ако преку целата година гордоста и злобата ни ги вознемируваа срцата, денес во нив нека се родат кроткоста и смирението, зашто го славиме Раѓањето на Оној, Кој Самиот се понизил, за да го издигне паднатиот човечки род.

Ако преку целата година нашите срца трепереа во страв, од грижи за утрешнината, во страв од непријателите, во страв од болести, војни и смрт, денес да го исфрлиме сиот тој страв, зашто ангелите ни соопштуваат: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“ (Лк. 2, 10-11).

На овој Божик, да Го молиме Бога за избавување на нашите браќа и сестри, христијани, кои се наоѓаат во големи неволји, маки и страдања на кризните подрачја низ светот, кои се современи маченици за верата во Бога. Бог нека ги заштити незаштитените од моќниците на овој свет, кои заради земни и преодни интереси убиваат мажи, жени, старци и деца, истребуваат народи без ниту малку милост да имаат во себе. Потребно е сите заедно да го дигнеме својот глас против сквернавењето на верата и човечкото достоинство!

Мирот Божји и Божјата волја нека бидат највозвишените принципи меѓу нас христијаните. Мирот Божји нека владее меѓу луѓето и народите, а добрата волја нека биде потврда на тој Божји мир.

Поздравувајќи ве со торжествениот поздрав:

Мир Божји,

Христос се роди!!!

Ви го честитаме празникот, Христовото Раѓање Божик, мајката на сите празници и благословеното 2017 – то лето господово.

Ваш постојанен молитвеник пред Христа Богомладенецот,

Митрополит Преспанско-пелагониски и

Администратор Австралиски и Новозеландски

+ ПЕТАР

Previous article8-ми Ден, бр. 63
Next articleБожик во црквата „Свети Никола“ - Престон, Мелбурн