Божикно послание на надлежниот Архиереј Митрополитот г. Петар

800

+ ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА, МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ, НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА, ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО РАДОСНИОТ ПОЗДРАВ 

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Чујте гори, брегови и околини на Јудејската земја, еве доаѓа Христос, за да го спаси како човекољубец, човекот што го создал“ (Стихира на Стиховни – Минеј)

Возљубени во Богомладенецот браќа и сестри!

Божик ѐ! А Божик е почетокот на нашето спасение! Божик е почетокот на нашата вечност! Божик е радост која никој не може да ни ја одземе!

Раѓањето е слава на Љубовта. Раѓањето е химна на животот. Боговоплотувањето е највеличествениот настан од создавањето на светот и човекот. Во тоа се состои радоста на Божикното откровение.

Синот Божји се раѓа и станува Син Човечки. Оној Кој го создаде човекот станува Човек и се јавува како Човек, за да го спаси човекот.

Нека се веселат небесата заради небесниот Син Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, а нека се весели и земјата затоа што Синот Божји – Логосот, постана Син на земјата – Син Човечки.

Од љубов, Оној што беше скриен за нас, сега нам ни се открива. Од љубов, Недостапниот сега ни станува Достапен. Од љубов, некогаш со оган, со магла и со светлина обвиен, сега доаѓа во детски пелени повиен.

Патот, Вистината и Животот – Христос нашиот Бог, дојде во светот. Богомладенецот на земјата го донесе Својот мир, и Христос Спасителот, со Својот подвиг и краток земен живот, на луѓето им подари мир Божји.

Возљубени чеда во Христа Богомладенецот

Настанот на Христовото раѓање е историски. Но, и покрај својата историчност, овој настан останува тајна. Знаеме дека постои Богочовекот, совршен Бог и совршен Човек, но, останува тајна тоа како се соедини Божјата со човечката природа во личноста на Логосот. Впрочем, тоа што се случи во личноста Христова, ипостасното соединување на Божјата со човечката природа, се случи еднаш. Затоа, Свети Јован Дамаскин ќе рече дека Христос е „единственото ново под сонцето“, т.е. единственото ново по созданието. Тоа значи, дека по создавањето на светот и на човекот, ништо ново не се случува во светот. Сé се повторува. Новото е само Богочовекот Христос. Така, историчноста на настанот не ја одзема тајната, но и тајната не ја поништува историчноста.

Во Стариот Завет, сите Божји откровенија беа откровенија на Логосот Божји бестелесно, додека во Новиот Завет се откровенија на Логосот во тело. Оној Кој му се откри на Мојсеј и на сите пророци беше Синот и Логосот Божји, Втората Личност на Света Троица, без да има тело.

Старозаветните пророци и праведници немаа само општење со Логосот Божји, туку Го видоа и Неговото вочовечување. Тие го видоа како Човек. Адам, како што се вели во Стариот Завет, ги слушна чекорите на Бога Кој одеше во Рајот. Мојсеј, Го виде грбот Божји. Исаија, Го виде како човек Кој седи на престол. Сите овие откровенија покажуваат дека го виделе вочовечувањето на Втората Личност на Света Троица, т.е. Го виделе Оној Кој ќе се вочовечи за да го спаси човечкиот род. Пророците не ја виделе Богочовечката природа во својата полнота, туку образот на тоа што би требало да се случи во иднина.

Тоа се случи, затоа што требаше Синот и Логосот Божји да стане човек вистински за да се соедини со нашата природа и да биде воплотен на земјата (Свети Јован Дамаскин).

Вочовечувањето на Синот и Логосот Божји, за цел го имаше разрешувањето на спротивностите во светот, што не успеале да го постигнат Адам и Ева и враќањето на човечкиот дух во единство со Бога, а пред сé обожувањето на човекот. Според Свети Атанасиј Велики, Бог стана човек за да го направи човекот бог (по благодат). Истото го среќаваме и во тропарите на Црквата: „Бог станува човек, за да го направи Адама бог“. Падот на Адам не беше етички (морален) туку онтолошки, бидејќи целокупното негово битие стана трулежно, гнило. Тоа, секако, имаше и етички последици. Со гревот, човекот се соголи од Божјата благодат, го изгуби своето достоинство пред Бога, беше избркан од Рајот, стана осуден на смрт и потчинет на трулежноста. Бог со Своето милосрдие и човекољубие го воспитуваше на многу начини. Меѓутоа, за да ја победи смртта и за да го одведе човекот до обожување, Он се вочовечи.

Возљубени празникољупци, ние не можевме да отидеме кај Бога, затоа Бог дојде кај нас!

Бог со создавањето ни го даде највисокото нешто, образот и подобието, но ние не го сочувавме, го изгубивме. Сега доаѓа Логосот Божји, прототипот на нашето создавање и го прима пониското, нашата природа, за да нè ослободи од тиранијата на ѓаволот и да нè води кон нов живот.

Како што учи Свети Атанасиј Велики, враќањето на човекот при Бога не беше работа на едно обично покајание, бидејќи по гревот навлегоа трулежноста и смртта. Значи, требаше да се победи смртта. Затоа Синот и Логосот Божји со Своето вочовечување, прими најчисто тело од Богородица, но сепак смртно, за да ја победи смртта и ѓаволот и за да стане прототип на новото создание.

Синот Божји преку Дева Марија, Богородица, можеше да стане човек во сета Негова полнота, и на тој начин станувајќи на сé сличен на првиот Адам, да биде роден како тој, бесемено, и првиот човек да го искупи од гревот. Зашто како што од Адамовото ребро ја создаде жената, така од Приснодевата Марија позајмувајќи тело и примајќи го, се роди слично на првосоздадениот, бесемено. Како што Адам низ престапот стана почеток на нашето раѓање во распадливост и смрт, така Христос Бог, преку исполнувањето на секоја правда, стана почеток на нашата преродба во бесмртност и нетленост. Значи, Дева зачна и натприродно Го роди во човечка природа Божествениот Логос, Кој по суштина се раѓа од Отецот, Единиот Син, совршен Бог и совршен Човек, Господ наш Исус Христос.

Па затоа, прославениот историчар на културата, Хјустон Стјуарт Чемберлен, во својата книга „Основите на XIX век“, вели: „Раѓањето на Христа од Дева е најважниот датум во целата историја на човештвото. Ниедна битка, ниедно управување, ниедна природна појава нема такво значење што би можело да се спореди со раѓањето на Христа од Дева. Дури во извесна смисла би можеле да речеме дека суштинската историја започнува со раѓањето на Христа од Дева“.

Мили наши чеда во Новородениот Богомладенец!

Денес живееме во време, кога сите забрани се симнати и порој од нечистотија, од сите страни, навлегува во човековата душа. Денес, човекот како морална личност е речиси уништен. Почитта е целосно загубена. Достоинството е на работ на исчезнување.

Порано луѓето, размислувајќи за своите постапки, се прашувале колку некоја постапка е исправна, чесна и праведна, а сега колку е таа корисна. Сé уште можат да се најдат траги од некогашните поими за добро и чест, но со ваков тек, за жал, од нив ќе останат само спомените и преданијата.

Лагата и лицемерието го исполниле нашиот живот. Тоа е грев кој станал нормален во нашата секојдневност, грев со кој сме речиси целосно потопени, грев кој престанавме да го гледаме, смрдеа која веќе престанавме да ја чувствуваме.  Многумина, дури лагата ја сметаат за духовна мудрост. А зошто е тоа така? Затоа што сме заборавиле дека човекот е образ и подобие Божјо. Ја изгубивме почитта кон човекот, гледаме на нашиот ближен како на прост предмет. Човекот како да се бори против сите, и сите против него, а лагата и лицемерието станале негово главно оружје во борбата.

Заборавивме да ја зборуваме вистината и, најстрашно, дури и не го забележуваме тоа.

Возљубени браќа и сестри, да научиме да ја кажуваме вистината. Како што човекот после парализа, со труд и со болка го прави секое движење, секој чекор, така и ние, како после духовна парализа, неопходно е со болка, страдање, со напор да се учиме да ја кажуваме вистината.

Зборот го разликува човекот од сите останати живи суштества на земјата. Со збор, тој општи со Бога. Во неговиот збор, е сместено неговото достоинство и предноста пред другите суштества. Но, излегува дека животното стои повисоко од човекот зашто не лаже, а ние лажеме. Господ ни дал збор – ние сме го искривиле. Господ ни го дал зборот за молитва, за општење и почит еден со друг, зборот, како меч против сатаната, а ние го свртуваме против самите себе, против Бога и против ближниот. А тој, зборот, лажлив и лицемерен, не исчезнува во воздухот без трага, како што ни се чини, туку таквите зборови се зачувуваат како во некоја невидлива ризница, и така собирајќи се, се претвораат во некоја разорна сила и енергија, која потоа се пројавува на земјата во вид на страшни катастрофи и искушенија, а ние потоа се чудиме и не знаеме од каде доаѓа сето тоа. Забораваме дека за секој изустен збор ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Суд Божји.

Таквиот лажлив и лицемерен збор, го суши човековото срце и го претвора во камен. Таквото срце станува духовно неспособно и не може никого да љуби.

Единствена сила која може да ја победи лагата и да се спротистави на човековиот морален распад е Божјата Вистина, зашто „Бог е вистинит и лага во Него нема“ (Јован 3, 33). Божјата благодат, пак, како дар Божји ни се дава, меѓутоа, условите за примање на благодата се љубовта кон Бога и меѓусебната љубов. Само таквата љубов може да извојува победа над ѓаволот, омразата, зависта и лагата.

Ние пак, доколку сакаме за да стигнеме до божественото пристаниште, на Божјата љубов, најнапред мора да веруваме, да се надеваме и да Го љубиме, но, истовремено и да имаме страв од Него.

Невозможно е, без брод да се премине морето и да се пристигне на пристаништето. Исто така, до пристаништето на љубовта не може да се стигне без покајание. За нас, Стравот Божји е командант и капетан на бродот на покајанието. Тој нè води низ темното море на животот и нè управува кон божественото пристаниште на божествената љубов.

Вистината ја уништува нашата невистина и ја создава Божјата вистина. Таа ја уништува омразата и ја создава љубовта. Божјата вистина е Христос и Неговата љубов, а таа љубов ослободува. А да се биде слободен не значи ништо друго, освен да се биде во Божјата вистина (Архимандрит Рафаил Карелин).

Мили наши Христољубиви чеда!

Денес, Дева во своите прегратки Го милува Богомладенецот Христос. Таа денес Го држи во прегратки, Оној што вселената ја држи, и целата вселена не може да Го опфати Него, нејзиниот и наш Творец. Да Го опфатиме ние со љубовта наша и да Го вселиме во срцата наши. Да пристапиме со љубов, да Го примиме и да Го прегрнеме, а тогаш Он, Богомладенецот, ќе нè дарува со бескрајна нежност и нашата душа ќе стане мека како памук.

Христос Богомладенецот, нашиот Вистински Бог, Кој слезе од небесата и се роди во пештера, повиен во јасли, нека се застапи за секого од нас поединечно, за секое семејство, за нашата Татковина Македонија и секоја христољубива земја, и за нашиот христољубив Македонски народ и другите. Нека Неговата Семоќна Десница нè чува од зло и секојдневно нека нè закрилува. Амин!

Мир Божји, Христос се роди! Навистина се роди!
Нека е благословено и Новото 2020 Лето Господово!

Ваш постојанен молитвеник пред Богомладенецот Христа,
Митрополит Преспанско-пелагониски и

Администратор Австралиско-новозеландски

+ Петар

Божик 2019/2020 годин

Previous articleСвета Литургија во Соборната црква во Сиденхам (Недела на светите Праотци)
Next articleСвета Литургија во манастирот Свети Прохор Пчински во Донибрук (Недела на светите Праотци)