Божикно послание на Високопреосвештениот Митрополит ПЕТАР

1058

† ПЕТАР

             ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

    АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО

  ПРЕСПАНСКО–ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО–НОВОЗЕЛАНДСКАТА

   ЕПАРХИЈА, ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ,

      ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО НАЈРАДОСНИОТ ПОЗДРАВ

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Во Витлеем кога се роди Богомладенецот, со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лк. 2, 13-14)

Возљубени браќа и сестри во Христа Богомладенецот!

Радувајте се и ликувајте! Славете и веселете се! Се радува и Небесата, прославува и Земјата! Синот Божји се раѓа и станува Син Човечки!

Денес го празнуваме натприродното Рождество на воплотениот и вочовечениот Логос Божји, бессемено од Пречистата Дева Марија. Денес ја славословиме силата на Троичниот Бог што ги надминува законите на природата, но и силата на Божјата љубов со која човекољубивиот Бог го прегрнува човекот и светот.

Оној Кој е Несместлив, се сместува во Пречистата утроба на Дева Марија; Оној Кој со Својата сила ги утврдил небесата, се роди како слабо Дете; Оној Кој го создаде светот, станува создание; Оној Кој нема почеток и крај, се роди во време и простор; Оној Кој е светлина за светот, светлина за ангелите и луѓето, се роди во темнината на Витлеемската пештера; Оној Кому херувимите и серафимите Му служат од создавањето на светот, дење и ноќе, пеејќи му: свет, свет, свет Господ Саваот, се роди како слуга.

Возљубени христољубиви чеда на Месијата!

Месијата Кој е Најпрекрасен, се роди и стана Човек, останувајќи Бог т.е. Богочовек, така што сега натежнатите човечки очи се вперени во Него и не гледаат  друг Месија. Се роди Царот, Најмоќниот, за да може и најмалиот да стане и да извика – ние сме царски деца. Победник се роди, Непобедливиот, да ги одбрани праведниците, да ги придобие грешниците, да ги собори злите духови под небото. Водач се роди, Највидовитиот, да ги изведе и поведе изгубените. Се роди Просветителот, Најпросветлениот, за да го растури мракот и да ја просветли темнината. Се роди Пастирот, Најгрижливиот, за да го спаси стадото од волците и да го собере во Неговото трло. Хранителот се роди, Најбогатиот, за да ги нахрани гладните, не со земја, туку со небо, со Неговото небесно Тело и со Неговата огнена Крв. Се роди Љубителот на човештвото, Најљубениот, да ги прегрне кон градите Свои и да им даде љубов на сите луѓе. Откровителот се роди, Најголемиот, за да го повлече превезот од адот и да им го открие на праведните Царството Небесно.

Христос се роди, браќа и сестри!

Поздравувајќи се со овие зборови, ние меѓусебно си потврдуваме и сведочиме дека во светот дошол Оној што требало да дојде за спасение на човештвото, и дека не треба да чекаме некој друг. Оној што Бог им го ветил на нашите прародители  бркајќи ги од Рајот; Оној Кој незнабожните народи и племиња мрачно Го навестуваа; Кого еврејските пророци јасно Го пророкуваа. Ете, Он сега сјае на земјата како сонце после долга ноќ.

Возљубени браќа и сестри во Воплотениот Син Божји!

Вочовечувањето на Синот и Логосот Божји е едно неискажливо таинство. Ова таинство посебно го анализира Свети Атанасиј Велики. Тој  вели дека Синот и Логосот  Божји не беше врзан за телото, но, дека Он Самиот го држеше. Истовремено беше и внатре во телото, живеејќи како Човек, и како Логос одржуваше сè, а исто и како Син, секогаш сопостоеше со Отецот. Така, кога раѓаше Дева, Он не страдаше, ниту се осквернуваше, наоѓајќи се во Тело, туку Он го освети и Телото.

Се случуваше исто што и со сонцето, кое не се осквернува кога доаѓа во допир со другите тела, ниту исчезнува со мракот, но тоа попрво сè осветлува и чисти. Така и Логосот Божји, како нетлен, го оживуваше и очистуваше пропаднатото Тело кое го беше примил.

Исто така, Логосот, наоѓајќи се внатре во човековото Тело, беше Оној Кој што, како Бог, го оживотворуваше истото, оживотворувајќи ја така и целата твар. Ниту еден човек не може да направи такво нешто. Никој. Човекот гледа сè што е создадено и што се движи, без да може да направи или измени нешто. Но, во Логосот Божји настанува и она, што за човекот е неразбирливо. Значи, наоѓајќи се во Телото, кое го прими од Богородица, истовремено ја оживотворуваше како Бог сета твар, и сопостоеше заедно со Својот Отец.

Едно основно прашање во врска со вочовечувањето на Логосот Божји е зошто се вочовечи Втората Личност на Света Троица, а не Првата (Отецот) или Третата (Светиот Дух)? Секако, целата Света Троица содејствуваше во вочовечувањето. Така што, Синот прими човечка природа, Отецот го благослови воплотувањето на Својот Син, а преку Светиот Дух беше зачнат. Но, факт е дека Втората Личност на Света Троица ја прими на Себе човечката природа. Главната причина е затоа што Логосот Божји – Синот е прототипот на создавањето на човекот. Синот и Логосот Божји е „образ (икона) на Невидливиот Бог“ (Кол. 1, 15), а човекот е создаден според образ Божји, т.е. според образ (икона) на Синот. Според Свети Јован Дамаскин, човекот беше создаден според образот на Логосот и според подобие, т.е. совршен во добродетелите колку што е возможно за неговата природа. Меѓутоа, со престапувањето на заповедите се помрачи тоа „според образот“ и се отргна од општењето со Бога. Природна последица беше навлегувањето на трулежноста и смртта во човекот. И затоа се вочовечи Логосот, односно Синот, за да го пресоздаде човекот и да го одведе таму каде што би стигнал со Неговата благодат и со својот личен труд, односно повторно во општење со Бога.

Мили наши чеда во Новородениот Богомладенец!

Еве, пак, како и тогаш, и сега се повторува ангелската песна која ангелите ја пееле околу пештерата, ноќта кога се роди Господ – „Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“. Да ја пееме и ние таа песна. Со неа се изразуваше значењето на доаѓањето и раѓањето на Синот Божји на земјата. Целиот устав на нашиот живот. Да Го славиме Бога и нека има мир на земјата. Нека надвладее добрата волја меѓу луѓето. Тоа беше најпотребно тогаш. Ова е она што му е најпотребно на целото човештво и денес.

Да се запрашаме, браќа и сестри: кога Господ му се јави на светот? Он се појави во вознемирувачко време, кога немаше мир на земјата и кога наместо добра волја, владееше злоба меѓу луѓето. Во тоа време, на светот му се роди Синот Божји, токму во тоа време кога на светот му беше најпотребен и кога на луѓето никој освен Него не можеше да им помогне. Затоа Го примија и ангели и луѓе, и сиромашни и богати, цареви и мудреци од Исток.

          Ах, колку ни е потребен Христос и денес! Без Него, народите влегуваат од војна во војна; луѓето запаѓаат од несреќа во несреќа; семејства одат од пропаст во пропаст. Без Него, злобата навлезе меѓу луѓето и го распламти огнот на зависта и себичноста. Денес имаме сè повеќе и повеќе раскарани и закоравени луѓе, затапена совест, заслепени души, одроденост, омраза, монструозност и убиства. Сето ова се должи на оддалеченоста на човекот од Бога! Затоа, на народите и луѓето од нашето време, повторно им е потребен Христос. Не им треба никој повеќе од Него; како дневен насуштен леб за гладниот, и како изворска вода за жедниот! Он е единствениот што му е потребен на светот. Ништо друго и никој друг.

          Неопходно е браќа и сестри, сега сите да сфатиме, дека неодложно мораме да се спасуваме од отровниот дух на денешното време и да го вратиме Бога во нашето семејство, во нашата мала домашна црква. Денес животот и онака е тежок. Меѓутоа, тој може да стане неподносливо тежок ако од него го избркаме Бога. Кога од домот ќе се избрка Господ, на Негово место доаѓаат зли духови, кои го сејат својот смртоносен отров. Затоа, браќа и сестри, да ги отвориме вратите на нашите домови, на нашите училишта, на нашите срца и души, за во нив да влезе Бог. Да ги отфрлиме дејанијата на паднатата наша природа! Да се ​​предадеме на дејанија што даоѓаат од верата во Христа! Да престанеме да ги живееме нашите животи само според упатствата на нашиот паднат и ограничен разум, според острастените похоти на нашето тело, според желбите на нБашето закоравено срце! Да почнеме да го живееме својот живот и според Евангелските заповеди, според Божјата волја. Ако живееме вака, ќе се спасиме! Ќе се спасиме и себеси, и Црквата, и Татковината, и пред сè, нашите деца.

          Наши возљубени чеда, браќа и сестри христијани!

Да се радуваме зашто Христос се роди заради нас. Да се радуваме, но и да Го молиме да биде со нас, затоа што тонеме без Него. Да се појавува колку е можно почесто и во што е можно повеќе човечки срца. Да нè просветлува и да нè стоплува со Неговата неизмерна љубов. Да ги осветлува и стоплува темните и студени пештери на човечките срца, како што некогаш ја осветлуваше и затоплуваше Витлеемската пештера со Своето присуство.

Да ги постелеме нашите души под Неговите нозе како слама, како сламата во пештерата, и нека нè гази, зашто ние не сме достојни ниту за Неговото газење, а камоли за Неговата љубов. Но, и ако нè гази, ќе нè гази за да нè лекува и спасува, а не за да повредува. Затоа што Он е совршена Љубов, неизмерна милост, разум и чистота.

Затоа, сите да побрзаме да Му се поклониме на Новородениот Богомладенец. Да побрзаме, браќа и сестри, мажи, жени, старци и деца, со песни и восклици да го прославиме Богомладенецот, нашиот Господ Исус и Неговата Мајка Пресвета Богородица. Амин!

     Мир Божји!

       Христос се роди!

Ваш постојан молитвеник пред Богомладенецот Христа

Митрополит Преспанско-пелагониски и

     Администратор Австралиски и Новозеландски

       † П е т а р

Previous articleЛетен камп по веронаука во Мелбурн
Next articleБожик во Австралија - Мелбурн (Сиденхам и Футскрај), Сиднеј, Аделаид и Бризбен