Молитвата со бројаница и духовното здравје

 

Молитвата кажана со помош на бројаницa е еден од најстарите начини на молење, што особено го негуваат православните монаси. Според едно предание некој монах сакал да сплете волнена бројаница за да би ги одбројувал своите молитви, но ѓаволот му ги одврзувал направените јазли. Еднаш му се јавил ангел Господов и го научил да плете јазли што се состоеле од седум исплетени крстови. Таквиот јазол е еден од најсложените во светот и таквата бројаница ѓаволот не можел да ја расплети.

Бројаниците се прават со различен број на јазли. Најмалата е составена од 33 јазли, додека поголемите од 50, 100 или 300 јазли. Обично, тие се прават во црна боја, за да нè потсетуваат на животот во постојано покајание за нашите гревови. Се прават од овча волна, за да нè потсетуваат дека сме словесни (разумни) овци на Добриот Пастир, Господ Исус Христос, Кој, и Самиот како Јагне Божјо се жртвуваше за нас и нè избави од вечната смрт.

Највообичаена молитва која се кажува со помош на бројаницата е ИСУСОВАTA МОЛИТВА, која гласи: „ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ, СИНЕ БОЖЈИ, ПОМИЛУЈ МЕ ГРЕШНИОТ!“, или во скратена форма: „ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ, ПОМИЛУЈ МЕ!“.
Исусовата молитва е најважна молитва за секој христијанин. Таа, според учењето на Светите Oтци може да ги замени сите останати молитви што ги читаме дома или заеднички во црква. Исусовата молитва е осветена со силата на Христово име, па затоа во нашето срце внесува божествена благодат и неискажлив душевен мир, особено кога почесто и повеќе пати ја изговараме. При секоја Исусова молитва со прстите ги придвижуваме и јазлите на бројаницата. Многумина православни христијани толку многу навикнале на Исусовата молитва, така што посто-јано ја изговараат, па дури и кога спијат. Кога човекот ќе навикне на неа, таа постанува непрестајна и се одвива слично и истовремено со процесот на дишењето.

Освен со Исусовата молитва, христијаните редовно се молат и со молитва кон Пресвета Богородица, а и кон светителите на следниов начин: „ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦЕ, СПАСИ МЕ ГРЕШНИОТ“ или „СВЕТИ (името на светителот), МОЛИ ГО БОГА ЗА МЕНЕ ГРЕШНИОТ“. Со помош на бројаницата можеме да се молиме и за нашите ближни или за својот народ, на следниов начин: На првиот јазол од бројаницата ги кажуваме зборовите: ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ ПОМИЛУЈ ГО ЧЕДОТО СВОЕ (името или повеќе имиња од списокот, или, народот свој)“, а на останатите јазли не го спомнуваме името или имињата за кои се молиме, туку само велиме: „ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ, ПОМИЛУЈ ГИ СПОМНАТИТЕ ТВОИ ЧЕДА“. На истиот начин, можеме да се молиме и за нашите упокоени роднини и пријатели: „ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ, УПОКОЈ ГИ ДУШИТЕ НА УПОКОЕНИТЕ ТВОИ ЧЕДА (имињата)“ (ова на првиот јазол), а понатаму „ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ, УПОКОЈ ГИ ДУШИТЕ НА СПОМНАТИТЕ ТВОИ ЧЕДА“.

Пожелно е пред да започнеме со молитвата да се прекрстиме. На тој начин нашето внимание полесно се врзува за зборовите од молитвата.
Молитвата на бројаница може да се кажува и на секое место и во секоја прилика: во автобус, воз, парк, чекална, па дури и во разговор, доколку активно не се учествува во истиот. Повеќето христијани пред спиење ја осенуваат својата постела со крсниот знак и легнуваат заедно со бројаницата, молејќи се тивко сè додека не заспијат. Наутро, кога ќе станат гледајќи ја до себе својата другарка, повторно Му се обраќаат на својот Создател со молитва.

Многу е корисно наутро и навечер да се одвои одредено време за молитва. Светиот апостол Павле ни препорачува „да се молиме постојано“. Секако, кога сме во друштво не можеме да се молиме на ист начин како кога сме сами. Молитвата можеме да ја кажуваме и во себе следејќи ги со умот зборовите од молитвата. Заправо, можеме да се молиме секогаш и на секое место, а за тоа да не знае никој освен Бог, на Кого Му се молиме. Молитвата, како што нè учи Спасителот, треба да се извршува во покајание, со скрушено и смирено срце, скромно и тивко, „во тајната одаја од нашето срце“.

Кога се молиме нашето внимание треба да биде насочено на зборовите од молитвата. Тоа се постигнува со вежбање, без брзање, со бавно кажување на зборовите од молитвата, со цел да се постигне определениот број на молитви. Бог ја исполнува само онаа молитва, која е кажана со внимание и смирение. Потребното внимание тешко се постигнува, па затоа се препорачува молитвата да се кажува и во моменти кога сме расеани. Ваквиот начин го навикнува умот на постојана молитва. Постојаната молитва носи голема благодат и сила, и е слична на водните капки што непрекинато паѓаат на камен и во него прават длабнатина.

Бројаницата, во моментот кога не ја користиме, можеме да ја чуваме во џебот, а ако е мала – на раката. Светиот старец Пајсиј велеше: „ѓаволот трепери од бројаницата дури и ако таа се носи во задниот џеп, бидејќи тој добро знае зошто служи и како може да биде употребена“. Кога бројаницата ја носиме не е добро да го привлекуваме вниманието на другите, а посебно да не си играме низ прстите. Таа служи исклучиво како помагало за молитва, а не за игра или украс. Размислувањето дека носењето на бројаница на раката или на вратот, само по себе носи здравје и среќа е погрешно и е суеверен чин. Христијанската среќа и здравје извираат од личната средба и заедница со Бог со Кого разговараме кога молитвено му се обраќаме.

Користејќи ја бројаницата, да се молиме на нашиот Спасител Господ Исус Христос и неговите светители за себе си и за нашите ближни, та да ја здобиеме благодатта на Светиот Дух за време на во овој краток земен живот и да се удостоиме со вечниот на небесата. Господ секогаш е со нас, на секое место, и постојано нè учи дека Царството Небесно е внатре во нас – во нашите срца. А тоа значи дека секогаш треба да бидеме со Него преку молитвата и останатите свети добродетели. Молитвата поткрепена со подвизи, пост, давање милостиња и други добри дела, му е мила на Бога. Сепак е опасно да се занимаваме со молитва, ако при тоа почесто не се исповедуваме за своите гревови пред духовниот отец или парохискиот свештеник. Бог не ја прима секоја молитва, посебно не онаа произнесена од човек чија совест е обременета со злопамтење и омраза кон ближниот. Затоа Господ нè учи најнапред да се измириме со својот брат, а потоа да Му принесеме благоугодна жртва.

Во моменти на немоќ, изнемоштеност или болест, кога човекот не е во можност да ги посетува Богослужбите во црква, да стои и да чита молитви од молитвеникот, пожелно е да му се моли на Бога со свои зборови, затоа што во тие моменти човекот најискрено и со отворено срце пристапува кон Бог. Молејќи се и вртејќи ги јазлите од бројаницата, човекот со сиот свој ум, срце и душа треба да му се препушти и довери на Бог.

Да се молиме и за нашите браќа и сестри кои се во немоќ, на болничка постела и за оние кои не можат да се молат. Со чисто срце можеме да ги принесеме овие молитви:

МОЛИТВИ ЗА ИСЦЕЛЕНИЕ НА БЛИЖЕН

Христе, Заштитнику наш, посети го и исцели го Твојот слуга (името) кој страда и е на болничка постела, отстранувајќи од него секаква болка и тешка болест. Милостив Господи и Спасителе, Ти Самиот доброволно си ја понел немоќта на нашиот род, и за Тебе ништо не е невозможно, бидејќи си семоќен и човекољубив Бог. Затоа Ти се молиме исцели го Твојот слуга (името) како што си ја исцелил тештата на апостолот Петар и си го подигнал парализираниот човек носен на неговата постела. Подигни го од леглото за да може да Те воспева и непрестајно да Те прославува, Тебе Кој си единствен благ и човекољубец.

Господи Боже, Отче Седржителу, Ти кој понизуваш и подигаш, Кој казнуваш и исцелуваш, посети го сега, со Твојата голема милост, нашиот брат (името) кој е болен. Простри ја Твојата рака исполнета со исцеление и здравје, и подигни го од леглото и исцели ја неговата болест. Отстрани го од него духот на болеста и секоја болка, мака и треска со која е врзан, а ако има направено гревови и прегрешенија, дарувај му простување и отпуштање, зашто си милостив и човекољубец. Да, Господи Боже, Сесилен и Семоќен, сожали се врз Твоето создание, по милосрдието на Твојот Единороден Син со кого си благословен, со Пресветиот, Благ и Животворен Твој Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Преземи ја и испечати ја брошурата