Обновување на храмот на Свети Георгиј во Лида - Ѓурѓиц - Свето Предание

1120

Свети Георгиј бил роден во Мала Азија, но со својата мајка заминале во Светата Земја. Кратко после неговото  страдание и погубување, верниот народ во негова чест и слава му подигнал црква во местото наречено Лида, кое е во непосредна близина на Тел Авив. Со текот на времето, жителите на ова мало место се раселиле на разни места низ Палестина и црквата полека, полека, почнала да пропаѓа, да останува на времето на заборавот и временските прилики. Црквата се наоѓала на некоја голема ширина со богата и бујна трева и децата на тие малку семејства што останале да живеат таму, излегувале од градчето Лида и оделе да играат на таа ширина – ливада покрај црквата.

               Едно мало машко дете од 5-6 години, постојано губел и бил поразуван во сите игри кои ги играл со другарчињата. А бил со голем темперамент, како што нашиот народ би рекол „живо дете“. Еден ден, многу се налутил на некоја детска игра која ја играле сите деца оти повторно изгубил, па со солзи во очите истрчал во полупропаднатиот храм и застанал пред иконата на Свети Георгиј и клекнал пред неа и почнал да ѝ зборува на иконата: „Свети Георгиј аман веќе, те молам помогни ми да победам во игрите на ливадата, па ти си Чудотворец и Победоносец само победуваш во сè. Ако ми помогнеш да победам ќе ѝ речам да мајка ми да ти направи свунгато. (кајгана –реднани домати и испржени со јајца)“. Тоа било омиленото јадење на тогашните деца во Палестина. Се вратил на ливадата и навистина победил по заслуга на неговата молитва кон Свети Георгиј. Истрчал дома и рекол на мајка му: „Мамо те молам направи ми свингато, оти многу сум гладен“. Таа му направила и тој веднаш ја зел чинијата полна со испржени домати и јајца и додека сето тоа било топло и чадело влегол во храмот  и ја ставил чинијата пред иконата на Свети Георгиј и му рекол: „Ти благодарам Свети Георгиј што ми помогна да победам, а еве јас како што ти ветив ти носам кајгана – свунгато, еве види сеуште е топла и чади дури. Нека ти е наздравје!“

               Есен – 16 ноември, од некаде наишле ловџии побожни луѓе, па кога поминувале покрај храмот влегле да се поклонат и да ја целиваат иконата на Свети Георгиј. Едниот од ловџии му рекол во шега на останатите: „Како знаел дека сме гладни, па Свети Георгиј и ручек ни порачал.“ Седнале во црквата и ја изеле кајганата – свунгато, но додека јаделе се раздувало ветар и вратата лупнала та се затворила со резето кое било од надвор. Не можеле да отворат за да излезат, а биле верни луѓе во Господа и не сакале да ја искршат вратата. Едниот рекол: „А бре луѓе, Свети Георгиј нас не почести ручек, а ние ништо не оставивме во црквата.“ Секој од својот џеб извадил по дукат и го оставиле до иконата на Свети Георгиј. Тие биле првите пари собрани за обновување на храмот на Свети Георгиј во Лида каде што и ден денес лежи неговото тело.

               Вечерва во чест на овој празник „Обновување на храмот на Светиот Георгиј во Лида – Ѓурѓиц“ во скитот на Свети Георгиј на Света Гора се богослужи сеноќно бдение и после бдението по завршувањето на литургијата, доколку не се падне празникот во среда или петок – манастирските браќа подготвуваат кајгана – свунгато за целиот народ присутен на бдението.

               Ете, на каков интересен и чудесен начин е обновен храмот на Свети Георгиј во Лида.  

ереј Емилијан Зелнички

(Според кажувањата и преданието од епископот Атанасије Јевтиќ изговорено на 06.05.2014 во Крушевац)

Previous articleПравославен календар за 2024 година на Епархијата за Австралија и Нов Зеланд
Next articleОсветување на работните простории во храмот „Свети пророк Илија“ во Футскрај - Мелбурн