Акатист кон Свети Лука Кримски - испеан во неговиот параклис во манастирот Донибрук

1296

Минатата Недела, на 2-ри Јули, 2023 година, игуменот на манастирот, архимандритот Никодим (Солунчев) и присутните верници, испеаа акатист кон светителот хирург, епископот Лука Кримски.

Акатистната служба на современ македонски јасик е препеана од црковно-словенски, и воедно, е испечатена во спомен на изградбата на параклисот посветен на епископот хирург Лука Кримски, лоциран северно од наосот на храмот (католикон) на светиот Прохор Пчински.

Игуменот Никодим, за параклисот на светителот обезбеди и на манастирот подари честици од чудотворните мошти на светиот Лука. Честиците од моштите ќе бидат изложувани во параклисот за поклонение на верниците.

По акатистот, во манастирската трпезарија, за присутните беше организирана проекција на филм за животот на свети Лука.

Чудесен си Господи во светителите Твои!

Свети отче Луко, моли го Бога за нас!

Тропар на свети Лука, глас 1

Возвестителу на патот спасителен, исповеднику и архипастиру на Кримската земја, вистински чувару на отечките преданија, непоколеблив столбе, на Православието учителу, лекару богомудри, светителу Луко, Христа Спасителот непрестано моли го, на православните да им дарува непоколеблива вера, спасение и милост голема.

Кондак, глас 8

Светителу на Црквата Православна и исповеднику, кој засветли во Кримската земја како светозарно светило, добро потрудувајќи се и за името Христово гонење трпејќи, прославувајќи го Господа Кој те прослави и Кој нам ни те дарува, како нов молитвеник и помошник. Ти кој имаш смелост пред Владиката на сѐ, избави нѐ од душевните и телесните болести и укрепи нѐ да останеме во Православието за да ти повикуваме: Радувај се, исповеднику Луко, лекару добар и милостив!

Линк од електронската верзија на Акатистот кон Свети Лука Кримски (со кратко житие)

Previous articleПрославен празникот на преподобен Наум Охридски во неговиот манастир во Роклин
Next articleСвети Лука Кримски Лекар и Чудотворец кој го допира и раздвижува секое срце