Чествуван Свети Спиридон Тримитунски и одржан традиционалниот пикник во манастирот Донибрук

1667

На 25 декември, 2017 година, во манастирот Свети Прохор Пчински во Донибрук, Викторија, молитвено се одбележа споменот на светиот епископ и чудотворец Спиридон Тримитунски и се одржа традиционалниот редовен пикник.

Во манастирската црква, во сослужение на свештенството од архиерејското намесништво за Мелбурн, беше одслужена празнична утрена богослужба и Света Божествена Литургија. На Литургијата, верниот народ се заблагодари на Бога, упати молитви кон светиот Спиридон и се причести со Светите Христови Тајни.

Во прекрасниот манастирски амбиент, околу новоизградената црква во македонско-византиски стил, се одржа традиционалниот редовен пикник. Многубројните гости се послужија со манастирското гравче и зедоа учество во прославата по повод чествувањето на свети Спиридон и престојните новогодишни и божиќни празници, благодарејќи му на Бога за сите милости и добрини.

Оваа година, радоста кај гостите беше зголемена поради големиот напредок на градежните активности во манастирот, и особено за комплетната надворешна изградба на прекрасната црква посветена на патронот на манастирот – преподобниот Прохор Пчински.

Верниците, според можностите, приложија значителна сума на донации со кои комплетно ќе се заврши внатрешноста на црквата, и поголемиот број од нив изразија желба да бидат присутни на свеченоста, по повод малото осветување и отворање на црквата, кое според планот, и ако е Божја воља, треба да се случи кон крајот на следната 2018 година.

Нека е сè во Слава на Бога и нека ни се честити новогодишните и божикни празници!

Previous articleСвета Литургија во црквата Света Богородица - Пречиста во Ливерпул
Next articleПрес-конференција на Митрополитот г. Петар по повод реакциите на јавноста во врска со Писмото на САС на МПЦ до САС на БПЦ