Однесувањето во храмот

1520

Како треба да се однесуваме во храмот?

Пред сè – скромно. Влегувајќи во црква не мислете дека со тоа сте Го усреќиле Бога, туку дека за вас е голема среќа тоа што Господ ве вразумил да Му се обратите и ви дал можност за влегување во Својата Светиња. Размислете само за тоа, колку многу луѓе останале надвор од храмот, во духовен мрак и заблагодарете Му се на Господа, што ве повикал на патот на спасението.

Одејќи во храмот, во „домот на молитвата“, потсетувајте се дека таму одите заради обраќање кон Бога, да Го замолите за прошка на гревовите, за спасение на душата и благодат од Светиот Дух, која што е потребна за сето ова.

Распрашајте се во колку часот  почнува службата и потрудете се да дојдете петнаесеттина минути порано. Приоѓајки кон вратата на црквата, прекрстете се три пати, правејќи при тоа три пати длабоки поклони.

Осенувањето со крстниот знак е мала свештена работа со која христијанинот, кој го става на себе знакот на Крстот Господов, со повикување на Божјото име, привлекува врз себе (или врз оној што го осенува, пример, своето дете) Божествена благодат на Светиот Дух.

Дека тоа е навистина така, можете да се уверите од многу примери кои се опишани во духовната литература, или усно пренесувани, кога од осенувањето со крсниот знак исчезнувале демони или демонски привиденија, се кршеле чаши со отровни пијалоци, се расипувала вода донесена од гатач или од биоенергетичар, се смирувале бебиња што плачеле, се подобрувала состојбата на болниот или болеста се повлекувала и уште многу друго. Во благодатната моќ на осенувањето со крсниот знак ќе можете да се уврите сами, во мерка, во која духовно ќе живеете.

Осенувањето со крстниот знак има благодатна моќ, бидејќи Самиот Христос, со Својата смрт на Крстот, која претставува акт на најголемо божество самопожртвување од љубов кон светото паднато создание, го победи сатаната со целата негова гордост и го ослободи човекот од робувањето на гревот и смртта, го освети Крстот како победоносно оружје и ни го подари тоа оружје за борба со непријателот на човечкото спасение – ѓаволот. Во врска со ова, обрнете внимание дека многу еретици и секташи го мразат Крстот, се одрекуваат од него сметајќи го само како средство за страдање. Ние, како православни Христијани, треба да знаеме дека, осенувањето со крстниот знак има благодатна сила само кога е направено со стравопочит и правилно. „Демоните се радуваат на немарното осенување“ – ни вели искуството на светите Отци.

Значи, за да не им причинуваме радост на нечистите духови, туку да ги изгонуваме кога се крстиме, добивајќи од Бога благодатно осветување, треба да се крстиме на следниов начин. Првите три прсти од десната рака (палецот, показалецот и средниот) ги спојуваме заедно со краевите рамни, а двата последни прсти (до малиот и малиот) ги свиткуваме кон дланката.

Првите три прсти кои се споени заедно ја изразуваат нашата вера во Бог Отец, Бог Син и Бог Свети Дух, како едносушна и неразделна Троица, а двата прсти, кои се свиткани кон дланката означуваат дека Синот Божји, по Своето слегување на земјата како Бог, стана човек, т.е. ги означуваат Неговите две природи – Божествена и човечка.

Осенувајќи се со крстниот знак, ние најпрво со трите споени прсти се допираме на челото – заради осветување на умот, потоа на стомакот – заради осветување на нашите внатрешни чувства, а потоа на десното, па на левото рамо – заради осветување на нашите телесни сили. Кога се осенуваме со крстниот знак, во мислите изговараме: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, амин“, изразувајќи ја со ова нашата вера во Светата Тројца и нашата желба да живееме и да се трудиме во славата Божја. (Амин – на старо еврејски значи „така е“, „така нека биде“).

Со поклоните ја изразуваме свеста за својата грешност и недостојност пред Бога, тие се знак за нашето смирение, длабока почит кон Него.

Поклоните можат да бидат (појасни) кога се свиткуваме до земјата и со десната рака ја допираме земјата (така наречена мала метанија) и земни, кога паѓаме на колена и со главата и рацете ја допираме земјата (така наречена мала метанија).

Значи, доаѓајќи до влезот на црквата петнаесеттина минути пред почетокот на службата вие три пати се осенувате со крстниот знак, правејќи по секое осенување мала метанија, изразувајќи Му ја притоа својата благодарност на Бога, за тоа што ве удостоил да го посетите Неговиот дом и молејќи Го Бога да го благослови вашето влегување во домот на молитвата, и потоа влегувате во црквата.

Откако ќе влезете, застанете околу влезот и пак направете три мали метании, изразувајќи ја со тоа својата почит кон светото место, каде што пребива Духот Божји. Потоа, погледнете околу себе и таму ќе ја видете продавницата за свеќи, односно место каде што се продаваат свеќи, икони и каде што се примаат ливчина со имиња за спомнување на проскомидијата „за здравје и спасение“ и „за упокојување“.

Купете неколку свеќи, според можностите.

Црковната свеќа е, пред се, ваша жртва кон Бога. Жртва – тоа е дел од својот материјален имот, кој човекот го дава без да добие материјална противвредност за она што го дал.

На пример, ако во продавница дадете пари и за возрат добиете некоја стока, која што толку чини, тогаш тоа не е жртва. Вие, фактички ништо не сте дале, туку само сте замениле еден облик на имот (пари) за друг (стока). Ако сте купиле свеќа и сте ја запалиле дома, користејќи ја нејзината светлина за читање или само за осветлување – тоа не е жртва.

Меѓутоа, доколку сте купиле свеќа во црква и сте ја запалиле пред некоја икона или светиња – тогаш тоа е жртва.

Ако сте му дале милостина на сиромав или сте оставиле пари на „црковниот тас“ за обнова на храмот – тоа е жртва.

Жртва – тоа е дар, израз на нашата љубов кон оној, кому му го даваме тој дар. Таква жртва Му е угодна на Бога, само кога се дава од срце.

Не е важно колкава е материјалната вредност на таа жртва. Кога детето ќе му подари на татка си цртеж, кој сам го нацртал, не е помалку вреден одколку кога би му подарил скапа вратоврска или крем за бричење, кој ги купил од парите на мајка си.

Некој се обидуваат со Бога да воспостават „трговски односи“: „Господи, направи ми го тоа, а јас ќе Ти ја купам најголемата свеќа во црквата“. На Бога не му се потребни нашите мали и големи свеќи, на Бога му е потребно нашето срце кое го љуби.

Свеќите ни требаат нам, како можност да ја покажеме нашата љубов кон Бога, како симбол на нашата пламена молитва, упатена Нему како пламенот на свеќата, како можност да докажеме дека сме подготвени да го жртвуваме материјалното заради духовното.

Свеќата е како мал спроводник на нашата молитва, кој ја засилува и насочува нашата молитва кон Бога, кон Мајката Божја или кон некој Светител, кому сме решиле да му се обратиме за помош.

Откако ќе набавите свеќи пристапете кон целивната икона, која е на аналојот (шкафче со коса горна површина) , која го претставува или Светителот што се слави на тој ден, или празникот чиј спомен е, запалете свеќа и ставете ја на свеќникот што стои пред таа икона и помолете му се на Светителот, чиј лик е насликан. На пример: „Свети угодниче Божји Николае (или света маченице Татјана и сл.), моли Му се на Бога за мене, грешниот, Господ, да ми ги прости сите прегрешенија и по твоите свети молитви да ме удостои за Небесното Царство“.

Вообичаено Христијаните не се молат не палат свеќи само пред целивната икона, туку и пред иконите на Спасителот Господ Исус Христос и Пресветата Богородица, како и пред иконата на Светителот чие што име го носат (доколку во црквата ја нема иконата на вашиот небесен застапник, запалете свеќа и помолете се пред иконата на „Сите Светии“).

Откако се помоливте на иконата (во себе или тивко на глас), прекрстете се два пати и направете мала метанија (ако не е недела или празник, можете и голема) и целивајте ја иконата, односно бакнете ја во знак на љубов и почит кон Светителот што е насликан, а потоа, прекрстете се трет пат и уште еднаш направете мала метанија.

Во овој редослед Христијанинот треба да им приоѓа и на светите мошти и на било која светиња, т.е прво да запали свеќа и да се помоли, потоа двапати да се прекрсти и да направи метанија, да ја целива светињата и повторно да се прекрсти и да направи метанија и потоа може да се оддалечи.

Кога купувате свеќи, можете да оставите ливчина за свештеникот со имиња на роднини и на ваши блиски за спомнување во олтарот „за здравје и спасение“ или „за успокојување“, како и да закажете молебен или парастас (помен). За тоа, како да ги потполните ливчината, ќе ви објаснат луѓето што продаваат свеќи.

Многу е важно, пред Светата Литургија, да се даваат ливчина за проскомидија („проскомидија“ на грчки значи – подготовка), на која свештеникот, читајќи ги имињата од ливчината, за секое име вади честичка од просфората, за по претворањето на лебот и виното во Тело и Крв Христови, да ги стави во путирот со Крвта Христова, изговарајќи ја молитва: „Исчисти им ги Господи, со Твојата чесна Крв, гревовите на овде споменатите, по молитвите не Сите Твои Светии“.

Со ова, живите души што се спомнати од ливчината се стекнуваат со благодат на Светиот Дух, која ги чисти од гревовите и ги утврдува на патот на добродетелите, а на упокоените им дарува духовна радост.

Значи вие дојдовте во црква и од почетокот на Светата Литургија ги предадовте ливчината, запаливте свеќи, се помоливте пред иконите на Господа, на Пресвета Богородица и на Светителите на кој сакавте да им се обратите за помош.

Потоа можете да застанете на одредено место во храмот (мажите оддесно, а жените одлево од центарот кон олтарот) и во текот на целата служба не оддалучувајте се од своето место.

Ако сте со слабо здравје, или веќе во години, можете и да се молите седејќи (вообичаено во западниот дел од храмот има клупи за седење), станувајќи само за време на најважните моменти од богослужбата.

Народната изрека вели: „подобро е седејќи да се мисли на Бог, отколку стоејќи, на нозе“.

Во текот на службата трудете се внимателно да го следите читањето и пеењето, бидејќи во зборовите на молитвите и на црковните песни е содржана длабока мудрост, во нив се изразуваат чувства на покајание во срцето и радост во Господа, се зборува за подвизите на светителите за искажувањето на голема милост Божја кон Своето создание.

Трудете се да учествувате во службата не само со зборови, туку и со отворено срце впивајте ја во себе благодатната атмосфера во храмот, исклучете се од светските проблеми и поразговарајте со Бога.

Сетете се на своето детство и на довербата со која, во неволја и се обраќавте на мајка ви или на саканата бабичка, кога баравте од нив сожалување и нежност, присете се каква утеха добивавте од нивната љубов и со иста таква доверба отворете Му го своето срце на Отецот Небесен, раскажете Му за своите неволји, исплачете се за своите маки, замолете Го за помош и подршка, побарајте прошка на гревовите и слабостите и ќе добиете голема утеха од Неговата Божествена Љубов, ќе излезете од храмот обновени, со мирно и трогнато срце, чувствувајќи ја со сето свое битие Благодатта и радоста на Светиот Дух.

Ниту една мајка на земјата ја нема таа полнота на љубов со која Господ ги прима напатените воздишки на човечката душа, која што Му се обраќа. Треба само да Го повикаме: „Господи“, и Он веќе невидливо е присутен – полн со љубов, сожалување, разбирање за слабостите на човечката душа, подготвен да ги излие врз нас благодатните дарови на Својата милост.

И само од нас самите, од нашата отвореност и искреност со која ќе ги осудиме нашите гревови, од нашата желба за очистување и за вистината, од длабочината на нашата вера, зависи дали ќе добиеме утеха во срцето и благодатна помош или ќе си заминиме тажни и без утеха.

Со Бог нема мудрување, невозможно е да Го измамиме, со него е бескорисно да се обидуваме да воспоставиме осноси од типот „Ти – мене, а јас – на Тебе“. „Блажени се чистите по срце, зошто тие ќе Го видат Бога“ – ни учи светото Евангелие (Матеј 5, 8).

Бог го слуша само чистото срце и го исполнува со Својата благодат.

Ние имаме доволно сила да посакаме да го исчистиме своето срце, да се натераме себеси, без лукавство да Му се обрајќаме на Оној, Кој, за да ни искупи од вечната смрт доброволно се предаде Себеси на мачење од избезумената толпа, Кој претрпе болни понижувања и страшна смрт, за да ни дарува Живот Вечен.

Затоа наш долг е да се принудуваме себеси за правење на добри дела, да се принудуваме на молитвен подвиг, да си го чистиме срцето од страстите што го валкаат, обраќајќи и се за помош и покров на Мајката – Црква, укрепувајќи си ги душите со сите благодатни средства, кој ќе ги најдеме во изобилство во храмот.

За храмот да стане наш втор и главен дом, за човекот во него да се чусвтвува како во негов свој дом, за да се користиме со полнотата на сите благодаттни дарови на светиот Дух, треба да одиме во црква и времето да го минуваме во неа, треба да ја учиме душата да се моли на Бога, и тогаш Он Сам, како Отец и Учител, гледајќи го нашиот труд, ќе не научи како да одиме по патот на спасението, држејќи се за Неговата Рака.

Протоереј Александар Торик

Од книгата: Црковен живот за почетници,

Библиотека „Св. Гаврил Лесновски“, Штип, 2012

 

Previous articleИнтервју со Бога
Next articleСвета Литургија во црквата Свети Илија (23-та Недела по Педесетница)