ИЗВЕСТУВАЊЕ до Медиумите по повод лажните и клеветнички пропаганди

1551

Македонската Православна Црква, Епархија за Австралија и Нов Зеланд, сака да ги информира сите членови на македонската заедница дека деновиве се појавија некои злонамерни пропаганди од некои Пропагатори, дека наводно, Манастирот „Свети Прохор Пчински“ во Донибрук и Македонскиот центар во Саншајн ќе бидат продадени.

Најодговорно тврдиме дека тоа не е вистина. Епархијата заедно со својот надлежен Архиереј никогаш не дискутирале ниту донеле одлука да се направи таква продажба. Гласините и пропагандите се уште еден обид да се дезинформира јавноста и да се нанесе штета на Македонаската Православна Црква и македонскиот народ.

Пропагаторите изјавуваат дека разговарале со некакви купувачи на Манастирот во Донибрук и Центарот во Саншајн, но зошто не ги објават имињата и презимињата на купувачите? Никогаш, ниту еден претставник на Епархијата не разговарал со било каков „купувач“. Пропагаторите дури и да објават некакви имиња, тие ке бидат лажни. Во овој случај пропагаторите се оние кои се спремаат да го распнат одново Господа Исуса Христа, нови сандукеи и фарисеи, кои: ,,бараа лажно сведоштво против Исуса, за го убијат, и не наоѓаа; и макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца лажни сведоци…“(Матеј 26: 59-60). Пропагаторите, кога би можеле, би го распнале и сиот македонски народ.

За воља на вистината пропагаторите многу добро знаат дека целите на Епархијата и на Владиката Петар, се сосема други, и тоа, законско организирање на нашата црква на просторите во Австралија, како што се организирани и другите Православни Цркви: Руската, Грчката Антиохиската, како и Католичката, Англиканската, Копската и други, и на кои пред Парламентите во државите во Австралија, им е одобрен Закон за старателство на имотите. Ниту еден имот на МПЦ кој е дел од Епархијата не е чуван за приватни цели. Напротив, во неколку наварати, Епархијата со напори на Митрополитот Петар, бараше и сеуште бара да се одобри Законот за старателство со имотите на МПЦ во Австралија, но групата, на која пред некое време, пропагаторите самоволно и пристапија, секогаш го оспоруваше и се противеше на таков Закон за МПЦ во Австралија. Ако има таков Закон, таа група со денешниве пропагатори, не ќе имаа можности да прават сè што сакаат, на штета на МПЦ.

Ним многу добро им е познато кој го продава македонскиот  црковен имот и тие најдобро знаат како беа продадени и од кого (не од Епархијата), Првата Македонска Црква во Фицрој, за која го убедуваа народот дека наводно биле продадени само цигли,  и во поново време, имотот во Рогдал – становите и градинката на Цркавата Св. Петка, како и имотот на играорното друштво Јане Сандански, кој е продаван во неколку наврати. За жал, пропагаторите сега се дел од оние групи на луѓе, кои ги продаваа имотите спечалени од македонскиот народ. Тие, тоа многу лесно го направија, а и ќе продолжат да го прават во иднина, бидејќи за нив не се важечки Црковните закони и Уставот на МПЦ.

Се прашуваме: зошто постојано предизвикуваат проблеми? Одговорот е: за да го уништат сè она што Владиката Петар заедно со свештенството и верниот народ го создаде, од неговото доаѓање во Австралија на чело на оваа Епархија, но и сè што е македонско кое се градело на овие простори во сите времиња, откако се дојдени првите Македонци.

Пропагаторите се самите контрадикторни кога зборуваат дека манастирот бил затворен за верниците, што не е точно, а самите знаат дека порано секој вторник вратите на манастирот беа затворени и со тоа на верниците и беше оневозможен пристапот во манастирот. Вратите на манастирот денес се отворени за секој добронамерник.

Се надеваме дека пропагаторите ќе се вразумат и ќе престанат со пласирање на лаги и дезинформации. За тоа се молиме на Нашиот Господ Бог – да ги вразуми и да им биде напомош.

Од Канцеларијата на МПЦЕАНЗ

23.07.2016

Previous articleОсветување и поставување на позлатени крстови за новиот храм на Светиот Прохор Пчински во манастирот во Донубрук
Next articleСпомен на свети Александар Свирски