Божјо Откровение

1923

Божјо откровение го нарекуваме сè она што Бог го открил и продолжува да им го открива на луѓето за да можат правилно да веруваат, да го достигнат совршенството и да бидат деца Божји и наследници на Неговото царство (Рим. 8 : 17). Бог се открива Себеси секогаш, насекаде и во сè: и во природата, и во историјата на народите и царствата, и во животот на одделни луѓе, а најмногу во духовната природа на самиот човек. Целото создавање на светот (вселената) е дело на Неговата семоќна, премудра и творечка сила.

Човекот, кога ја набљудува природата, нејзината убавина, хармонија и поредок, кога навлегува во историските судбини на народите, кога ја изучува сопствената душа со нејзините сили и способности, со вечниот копнеж по Бога, би требало да чувствува постојана потреба, со своите духовни очи да го види Бога, како што го видел царот Давид (Пс. 15; 8) и другите праведници. Но, не сите луѓе го бараат Бога, па и затоа не Го наоѓаат. Други, духовно заслепени, не се способни да ја осознаат вистината за Бога.

Св. ап. Павле за неговите современици, јазичници, пишува: макар тие да добиле од Бога внатрешен природен закон со кој е можно да Го осознаат, заблудени во своите помисли и безумие, се предале на секаква похота и нечистота (Рим 1: 19-25). Затоа, Бог, кој сака да се спасат сите луѓе и да дојдат до познавање на вистината за Него ( I Тим . 2: 4), го дополнувал и го дополнува природното откровение, непосредно откривајќи му сè во очите, во умот и во срцето на секој човек, и тоа на чудесен начин.

Во Првата книга Мојсеева (Битие) се вели дека Бог им се јавил на Адам и Ева во рајот, разговарал со нив и им ја откривал својата волја. Тој не ги оставил луѓето по паѓањето во грев, а поради тоа што сите не биле способни за да го примат Божјото откровение, Бог им го откривал само на одделни Свои избрани луѓе, а тие им го соопштувале на мнозинството. Во Стариот Завет такви избрани луѓе биле патријарсите и пророците, а во Новиот апостолите. Начините на соопштување на Божјото откровение биле различни. Понекогаш, Бог им се откривал со чудни природни појави. На Мојсеј му се јавил на планината Хорив во вид на капина што не согорува, на планината Синај со грмотевици и молњи; на пророкот Илија со тивок ветер итн. Во други случаи, како на Авраам (Бит. 18) и Јаков (Бит. 32), Бог им се јавил во човечки образ, а на пророкот Исаија (Ис. 6), Езекиил (Ез. 1) и други, во виденија. Честопати Бог испраќал ангели за да му ја соопштат Неговата волја на народот. Но, најчесто Бог дејствувал врз умот и срцата на своите избраници, така што тие станувале способни за да проникнат во скриените небесни тајни, да ги разберат и правилно да ги предаваат. Во потполност и во совршенство, Божјото откровение им е соопштено на луѓето од страна на Божјиот Син, Спасителот Господ Исус Христос.

Во Божјото откровение, на човекот му се дадени сите возвишени и недостижни (за човечкиот разум) вистини и сè што е потребно за неговото религиозно знаење, за земна благосостојба и за вечно спасение.

Од книгата: Православна Веронаука – Катихизис

Софијски Митрополит Стефан и и Протопрезвитер Георги Шавелски

Издавач: Преспанско – Пелагониска Епархија, Скопје 2012

Подготвила: Надица (Атеска) Јанева

Previous articleКако да се биде член на Црквата?
Next articleРаѓање на Пресвета Богородица во Соборната црква во Сиденхам