Ти дојде!

1391

bozik-gruziska

Искрено да Ти кажам, без Тебе ми е многу лошо. На масата има сè, другар ми дојде на гости. Има и пиво. Сувите дрва крцкаат во каминот, најмалата ќерка си игра наземи, синовите цртаат бродови. Надвор паѓа снег.

Што уште му треба на човека за да биде среќен? Но јас искрено Ти велам, без Тебе ми е многу лошо. Си му ги видел очите на нашето куче? Нашето сито, чисто и сакано куче? Знам дека си му ги видел. Ти веќе сè си видел. Колку тажни очи! Паметни и тажни. Такви се очите на ситиот и умен човек, кого сите го сакаат, но кој не е во Твоја близина. Секогаш знаев дека Ти Си. Тоа не е вера. Тоа е убеденост, некој вид знаење. Зарем е можно Ти да не Си?! Но, не ми е доволно само да знам дека Си. Сакам да Те чувствувам во себе, сакам да Те слушам, сакам да Те дишам.

Многу пати одев надвор од градот, наоѓав пусти места (се сеќаваш) и викав, и се молев. Те молев да дојдеш, да ми се приближиш, да ми станеш поблизок, да можам да Те почувствувам. Ти молчеше. Уф, ама умееш да молчиш, како никој друг. И се враќав дома. Се враќав истоштен, заситен и оглувен од сопствените крици. И кога немаше никакви наговестувања дека ќе ги слушнеш моите прозби, чудни вести еднаподруга почнуваа да ја вознемируваат мојата заспана и изморена душа.

На почетокот, во еден најобичен зимски ден, тројца невообичаени јавачи поминаа покрај нашиот прозорец. Имаа некакви чудни шапки. Во замрзнатите раце секој јавач држеше малечко сандаче. Замрзнатите муцки на нивните коњи зборуваа за тоа дека животните се навикнати на потополо време.

Го отворив прозорецот и еден од јавачите го заврте своето густобрадо лице кон мене и тивко, но јасно, на персиски рече: „Он дојде“. Тие поминаа покрај мене, а снежниот ветер уште долго ме биеше в лице, додека ги следев со поглед. Кој дојде? За кого ми зборуваа овие чудни луѓе? И од каде знаат дека по малку разбирам персиски? На секој ден доста му е неговото зло. Не ги бев заборавил тројцата јавачи, чии траги во снегот снежната виулица брзо ги покри.

Просто ги оттргнав мислите од нив и се вратив на домашните работи. Така поминаа неколку дена. Но повторно, изненадувањето влезе во мојот дом, и тоа не на кој било, туку на мојот мајчин јазик. Овчарите, старите добри пастири, смешни шегобијци кои секогаш се подготвени да се насмеат на нивна сметка кога ги задеваме, внесоа во мојот дом ново изненадување.

Често им се смееме поради нивната сиромашна и смешна облека, поради нивните стада кои ги љубат повеќе од нивните жени. А тие нè нарекуваат домашари и тавтабити кои се кријат зад печката. Велат дека за ниту еден деликатес на светот не би го замениле парчето сирење и вино. А пак оние посмелите претскажуват дека тоа овчарско јадење – двопек и сирење – со време ќе стане украс на трпезата на богатите. Но, овој пат, тие беа преплашени.

На нивните испукани од студот лица имаше детски страв и искрена изненаденост. – Знаеме дека еден од овчарите стана цар Израилев. Знаеме дека Бог Него Го љуби и дека Ангелите Го чуваа. Но, чесен овчарски збор, никогаш не мислевме дека самите Ангели ќе ни се јават нам! – Ама зборувајте појасно, што се случило? – им реков и им налеав полни чашки вино.

Ми раскажаа дека како и обично ги паселе стадата, дека одеднаш Ангелите запеале над ним, дека тие едвај од страв не умреле и дека зборовите на Ангелите биле дека се родил Некој Кој ќе донесе мир на земјата и добра волја во човечките души. Испивме по уште една чашка, и ги замолив подетално да ми раскажат за тоа што го чуле и виделе. Но, овчарите! Ах, тие овчари! Сте разговарале некогаш со нив? Сте пиеле вино со нив? Раслабени од виното, брзо заборавија за темата на нашиот разговор и почнаа да „колваат“ со носовите на масата.

Оној кој работи надвор, во топло брзо заспива. Така тие заспаа, а јас излегов од куќата. Знам каде ги пасат нивните стада и каде можело да се случи она за кое ми зборуваа овие луѓе. Снегот, сув и тврд, крцкаше под моите нозе додека одев накај вообичаеното место кадешто овчарите ги пасеа своите овци.

И одеднаш видов светлина, невообичаена, мека и пријатна светлина која го изгоре мојот образ. Знае Бог, Кому порано така многу му се молев, надвор од моите сили беше тоа да не трнам накај таа светлина. Тргнав накај Него, а снегот под мене беше веќе изгазен, по што ми стана јасно – не сум првиот кој оди по овој пат.

Не помнам добро, а и нема да лажам, кој освен мене беше таму. Стари беа или млади. Поминав низ малечката група, без никого да забележам или да познаам. Вратата зачкрипи и јас не по своја волја ги затворив очите. Не од силната светлина, не. Светлината во куќата беше повеќе од оскудна. Јас замижав од сјаењето околу главчето на Младенецот Кој мирно спиеше во рацете на Мајка си. Изгледаше како да е едно обично дете. Како оние кои плачат кога се гладни, постојано бараат да јадат и поцрвенуваат од плачење. Но јас не сум глупав, нели?

Јас знам дека Младенецот не би бил тука да не е особен Младенец. И никакви туѓинци не би патувале толку долго, ако тоа беше обично дете. И никаков овчар, па колку и вино да испил, нема да си помислува невозможни работи, приплетувајќи ги своите фантазии со Самиот Господ Бог.

Да, и самото сјаење од Неговото главче – зарем тоа не зборува најдобро за тоа Кој дојде и Кој се роди?! Се вкочанив стоејќи во аголот на крцкавиот под. Се вкочанив, стравувајќи да не се помрднам па подот да почне да крцка.

Очите ми гледаа во топлата и мека сјајна длабочина на колепката, а мислите ми прескокнуваа, како да беа ми беа слегле од умот. „Зарем тоа си Ти? – мислев. – Зарем, Ти дојде? Така чудно и неочекувано дојде?! Дојде беспомошен и слаб, нежен и незаштитен?! Мислев дека ќе бидам изнемоштен кога Те молев да дојдеш. А сега, Ти дојде, а јас сум уште поизнемоштен, затоа што дојде неочекувано, без никакво величие…“

Стоев и гледав. А зборовите се преплетуваа во синџири и низи, за потоа се расплетуваа, и мислите ми остануваа пусти и беспомошни. Јас чекав едно, а добив друго. Го сретнав она, за кое не мечтаев. Престанав да мислам. Колената самите од себе ми се подвиткаа, и јас паднав наземи допирајќи со челото на подот.

„Правилно постапи“ – слушнав. „Не треба да размислуваш. Треба да се поклониш.“ Го свртев лицето и видов блескав поглед. Само поглед и само на секунда. Очигледно тоа беше еден од Ангелите, кои на овчарите им беа јавиле за Господовото раѓање од Дева. Колку убаво говорат! Колку кратко и јасно Ангелите говорат! Не треба да се размислува! Треба да се поклонува! Се поклонив. Потоа се исправив и застанав на нозе.

Младенецот уште спиеше. Мајка му бдеејќи над Него, пееше нешто тивко и нежно. Не вртејќи им се со грб и одејќи наназад, изглегов на улица, носејќи во градите така слатки и густи измешани чувства, што илјадници луѓе би можеле да се насладат од нивната сладост.

Снегот крцкаше под моите нозе. Сув и тврд снег. Снегот паѓаше на моите трепки, се лепеше за моите мустаќи и брада, се топеше на топлата кожа на мојот врат. „Тој дојде“ – мислев и се гушев од солзи. „Тој дојде, но не онака како што јас барав, туку на Негов начин. Смирено и скромно.

Колку е Он чудесен. Колку е Он…“ Кога се вратив дома, овчарите само што почнаа да се будат. „Што? Беше таму?“ – ме прашуваа. Молчев.

Снегот од трепките се топеше, но овчарите знаеја да го распознаат растопениот снег од солзите, кои ми стоеја во очите. И солзите благоговејни можеа да ги распознаат од солзите на болка.

„Да се напиеме!“ – рече еден од нив. Тој глас беше вистински спас од надвиснатата тишина. Долго пиевме и пеевме, се радувавме до разденување. Стравувавме да не кажеме непотребни зборови, та да не би со грубиот звук на човечките зборови ја оскрбиле таа Тајна, кон која сите се допревме. Тој дојде!

Колку интересно сега ќе тече човечкиот живот! Колку тешко и сложено, колку чудно и среќно сега ќе заживее човекот! Бев многу весел. Бев надвор од себеси. Но изобилието од врело вино и друштвото на бучните овчари не ми пречеа ниту една секунда во таквото спонтано празнување себеси да си повторувам „Ти дојде! Ти дојде! Ти благодарам!“

Протоереј Андреј Ткачјов

Извор: http://pravoslavie.mk.

Previous articleХристовото раѓање во МПЦО Свети Никола во Перт
Next article8-ми Ден, бр. 63