Со особена духовна радост, благодарност и молитвено расположение, Македонската православна црква „Свети Никола“ – Престон свечено и достојно го одбележа значајниот јубилеј – триесет (30) години од осветувањето на светиот храм, кој беше осветен на 30 април 1995 година и претставува духовен столб и сведоштво за живата вера на македонскиот православен народ во Австралија.
Јубилејните свечености започнаа на 27 декември со служење на Вечерна богослужба, на која молитвено учество зедоа бројни верници, како и поголем број свештенослужители од Австралиско-новозеландската епархија, со што уште еднаш беше потврдено единството и заедништвото на Црквата Христова.
Во рамките на јубилејното чествување, во сабота беше одржана и Духовна академија, на која пригодни излагања имаа Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Петар и парохискиот свештеник о. Трајко Мојсов. Во своите обраќања, тие се осврнаа на историскиот пат на храмот „Свети Никола“ во Престон, на трудот на надлежниот Митрополит г. Петар, на свештенството и на верниот народ, како и на духовната улога на Црквата како место на молитва, утеха, заедништво и спасение.
Посебно беше истакнато значењето на храмот како жив духовен центар, кој веќе три децении непрекинато служи како прибежиште на верата, како чувар на православното предание и како место каде се пренесуваат духовните и националните вредности од генерација на генерација.
Централниот настан од јубилејната прослава се одржа на 28 декември, кога беше отслужена Свечена Света архијерејска литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Австралиско-новозеландски г. Петар. Во текот на Литургијата, верниот народ заедно со свештенството и архијерејот упатија благодарствени молитви кон Севишниот Бог за сите изминати години, за духовниот раст на парохијата и за нејзината мисија во зачувувањето на православната вера, македонскиот идентитет и црковното предание.
Јубилејната прослава помина во дух на длабока побожност, благодарност и радосно сведоштво за континуитетот на Македонската православна црква во Австралија. Присуството на бројни свештеници, верници и гости претставуваше силно сведоштво за живата Црква и нејзината нераскинлива врска со својот народ.
На крајот од прославата беа упатени молитви Господ Бог да го благослови и укрепи натамошниот духовен живот на парохијата „Свети Никола“ – Престон, за таа и понатаму да остане светилник на верата, надежта и љубовта, на слава Божја и за спасение на верниот народ.
На многаја лета Ваше Високопреосвештенство.












