З0 години архиерејска служба во Епархијата за Австралија и Нов Зеланд

18

На 8 ми јануари 2026 година во соборниот храм на МПЦЕАНЗ „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Сиденхам – Мелбурн беше одслужена Вечерна богослужба и одржана Свечена прослава по повод 30 годишниот јубилеј на нашиот Митрополит г. Петар како надлежен архиереј на Австралиско – Новозеландската Епархија.

По тој повод беше осветена благословена новоизградената Светата Митрополија во Мелбурн.

Ви благодариме Ваше Високопреосвештенство за трудот и љубовта Ваша, правилно да стоиме на патот на непоколебливата Вистина. Господ да Ве умудрува, укрепува и да го преумножува трудот на вашите раце.

Долгоденствуј владико свет!

 

(беседа изговорена од Митрополитот г. Петар, од тронот на соборната црква на МПЦЕАНЗ во Сиденхам, Мелбурн – Викторија

 

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

„Ревноста за Црквата Твоја ме изеде, Господи“ (Пс.68,9).

Браќа и сестри, навистина прославуваме не така мал јубилеј – кога станува збор за триесет години од нашата архипастирска служба и од заедничката наша служба со свештенството и верниците во оваа Епархија, која, по Божја промисла, застана на правиот и вистинскиот пат – пред сè да Му се служи на Бога, а секако и на луѓето.

Од каде да почнеме, ако не од тоа дека Епархијата, тогаш именувана Австралиска, претходно беше во тешка состојба, поради тоа што не се водеше доволно грижа црковно да се работи во нејзе: секој да си го знае своето место, да се знае кој е и каде му е местото на владиката, каде им е местото на свештениците, но и на верниците. И токму поради тоа недоразбирање, и уште поточно поради луѓето, именувани во голем дел како верници, а по животот и постапките – неверници, приграбувајќи го духовното богатство, ставајќи се честопати и над владиката, и над Синодот.

Како и денес, тие од другата страна, што пак така се однесуваат – тоа им е влезено во душата и во срцето; верата е далеку од нив, и никаква вера нема да биде присутна, ако нема покајание. А знаеме дека Светиот славен пророк и Претеча Јован Крстител ја започна својата проповед на реката Јордан со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно (Матеј 3,2). И ете, ви велам дека секирата е крај коренот на дрвото, и секое дрво што не раѓа добар плод се сече и во оган се фрла (Матеј 3,10). Тоа значи и секој верник, и секој свештеник, па и владиката, кој не донесува добри плодови, кој не работи согласно со учењето на Светото Писмо, Светото Предание на светите Отци, Вселенските и Помесните Собори, ќе биде исто така посечен и ќе биде фрлен во геената огнена. Од тоа бегање нема, зашто светиот Апостол Павле вели: На човекот му е определено еднаш да умре, а потоа – суд (Евр.9,27), браќа и сестри. И оние што нè осудуваат дека сме воделе судови, тие всушност се против судовите што треба да донесат ред, мир и поредок во Црквата Божја, во нашата Македонска Православна Црква, во оваа Епархија, односно во Австралија, во која денес има две епархии. Едната е оваа нашата, која ја разбра пораката дека: или ќе живееме според Светото Писмо, Светото Предание, учењето на светите Отци, Вселенските и Помесните Собори, а не да го крадеме Божјото, заборавајќи на она што се случи во раната Христова Црква, кога се вели дека на верните сè им беше заедничко: кои започнаа да ги продават своите куќи, имотите и нивите, а парите да ги положуваат пред нозете на апостолите, а тие (апостолите)  ги ставаа во црковната каса, од каде што се раздаваше според потребите – на сираците, на сиромасите, на вдовиците, на болните, и на сите оние кои имаа потреба од тоа.

Ананија со својата жена Сапфира, и тие решија да Му подарат нешто на Бога – тоа беше голема нива. Но, кога ја продадоа, се предомислија и рекоа: не мора сите пари од нивата да ги дадеме, туку половината ќе ја задржиме за себе. И кога Ананија отиде пред светиот Апостол Петар да ја предаде половината од парите на нивата што ја подадоа, светиот Петар му рече: Ананија, зошто го излажа Светиот Дух? Нивата, зар не беше твоја пред да ја продадеш, и никој не те принудуваше да ја продаваш? А сега, откако му вети на Бога, земаш од Божјото, од имотот Божји, наменет за верниот народ, за мисијата на верата, за мисијата на Црквата. И Ананија веднаш умре. Подоцна дојде и неговата жена, за да праша каде е Ананија, и ѝ кажаа дека умрел, и како и зошто умрел, потоа и таа умре. И народот ги погреба, и голем страв ги опфати сите, зашто посегнале по туѓото, односно по Божјото (види: Дела Апостолски гл.5). Ете, вие не посегнавте по Божјото. Затоа овој храм е вака величествен, затоа и вечерва сме вака бројно собрани да прославуваме, затоа што почнавте да разбирате, браќа и сестри, што е Божјо, а што е човечко. Пред сè Божјата волја треба да се испочитува, а потоа дури и човечкото, кое треба да биде само колку што е потребно за задоволување на телесните потреби, и тоа скромно – и во јадењето, како што рекол нашиот народ: кога е најслатко, да престанеш да јадеш, и во пиењето, и во сè друго – и целосно да Му се посветиме на Бога.

Сакам да кажам дека првите денови од Нашиот живот во Австралија, првите месеци и години, беа страшни и неподносливи, дури и невообичаени, ненормални за народ кој се именува христијански, на кои верата се проповеда веќе две илјади години. Наместо духовен напредок, имаше духовно назадување. Зошто? Затоа што немаше доволна посветеност ни кај оние што поучуваа, но уште помалку кај оние што требаше да слушаат и да живеат според верата. Еве, некои веќе повозрастни, од вас се тука и се сеќаваат како беше тоа. Нашето прво Послание беше да има ред и мир, поредок и љубов меѓу нас.

Во 1994 година, блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј си поднесе неотповиклива оставка, бидејќи повеќе никој не го почитувал, не се давало она што беше потребно за да опстои Епархијата. Една година Синодот управуваше со Епархијата, но не можеше да воспостави ред и поредок. Потоа нè замолија Нас (Митрополит Петар) да ја прифатиме Епархијата, бидејќи ниту еден архиереј не сакаше да ја прифати оваа Епархија. Ние ја прифативме, затоа што таков е Нашиот карактер, а и верата во Бога: дека кога ќе се посветиме на делото, за кое сме повикани, треба да изгориме за делото, треба да се жртвуваме за делото, и постојано да мислиме како вас да ве поучиме во верата и да се спасите вие, браќа и сестри, а преку тоа и ние да се спасиме – спасувајќи ве вас, ако вие ја прифатите верата и ги оставите земните и материјални црковни богатства, како и желбата да се поставувате над другите –  тогаш, тука е – близу e спасението.

Што се случуваше со судовите: се судевме. Но, зошто? Затоа што црковниот имот треба да биде за Црквата, да биде во траст на Црквата, да се чува за мисијата на Црквата. А тоа значи за верата, за поуката во храмот, за свештеникот да може да ја извршува својата служба. Зашто кажано е во Светото Писмо: Оној што служи на олтарот, од олтарот треба да живее и да се храни, (1 Кор.9,13-14). И затоа свештениците кои служат на олтарот, во Црквата, оттаму и ја добиваат својата плата. А по сето тоа, вие сте сведоци дека и покрај судовите, и покрај кавгите, и покрај недоразбирањата, ние се одлучивме да градиме (цркви, манастири, црковни центри и објекти). Ние (Митрополит Петар), повеќе од осум години ништо не зедовме – ни плата, ни надомест од оваа Епархија – со цел да покажеме пример дека ние треба да даваме, а не да земаме, кога е во прашање Божјото.

И така, вие сте сведоци дека, пред да го изградиме  овој соборен храм, на овој простор, започнавме пред влезот на сегашниот храм, во еден магацин како што вие што го нарекувате „шед“ да се организираме и богослужиме. И оттука беше Божјиот благослов – полека да започне да се гради оваа црква: најпрво живата Црква, тоа сте вие, како што вели Светиот Апостол Павле: „Не знаете ли дека вашите тела се храмови на Светиот Дух? (1Кор.6,19)  И така, живеејќи и градејќи ги храмовите на Светиот Дух – телата ваши, во кои душите ваши живеат – почна да расте живата Црква. И не само тука, во овој соборен храм, туку и во другите цркви ширум Австралија.

Прво ја купивме црквата „Света Петка“ во Мил Парк. Потоа, се случи да се судиме со оние (што црковниот имот од црквата „Свети Никола“ во Престон го пререгистрирале во компанија) а сè уште го немаа префрлено (од црквата на компанијата), потоа (се судевме и со оние од регистрираната компанија) во Јаравил кои го пререгистрирале црковниот имот на црквата „Свети Илија“ во компанија, а истото се случило и со имотот на црквата „Свети Димитриј“ во Спрингвејл. Што значи имотите за траст – мисија на Црквата, биле пренаменети во компаниски имоти, НЕ за мисијата на Црквата, туку за сопственост на компаниите.

А некои од нив иако се претставуваа дека се црковни луѓе, денес веќе ги нема тука, бидејќи го сменија умот. Зашто тие не беа толку по верата, колку што беа, можеби за положбата и т.н. И на крајот, што се случи? Се случи ова што денес го гледаме – денешната прослава.

Тие четири или пет цркви што претходно беа имот за Македонската Православна Црква: „Свети Илија“ во Јаравил или Футскрај, „Свети Никола“ во Престон, „Свети Димитриј“ во Спрингвејл и црквата „Света Петка“ во Рокдејл, кои, како што рековме, беа пререгистрирани од цркви во компании, ги вративме со многу труд, со многу маки, со судови и така натаму, за на крајот, сега, да прославуваме, браќа и сестри. Очигледно тоа беа тешки денови и големи искушенија, но, како што се вели, крајот го краси делото.

Еве, по толку време, ние успеавме пред неколку години, односно во 2016 – 2017 година, полека да се организираме и да ја регистрираме нашава Епархија – не само како религиозна организација што ќе извршува религиозни дејности како што од почетокот била регистрирана во Министерството за правда, туку сега веќе и имотот да и биде за траст (мисија на Црквата), односно имотот да биде на Македонската Православна Црква. А тоа значи, браќа и сестри, дека нашата Австралиско-Новозеландска Епархија, засега во целата дијаспора на МПЦ, е единствено македонско – црковно правно лице (субјект), односно Епархија, која е регистрирана (со патентирано име) Македонска Православна Црква, Епархија за Австралија и Нов Зеланд и тоа како правен субјект. Како таква, може насекаде да се претставува како достоинствена Епархија, со свој архиереј, со свештенството и со вас верниците.

Во тој дух сакам да нагласам дека времето, како што минува, браќа и сестри, нè обврзува уште повеќе да се вложуваме. Сè уште не сме го достигнале нивото на кое треба да бидеме на духовен план. Затоа, честопати, и простете ми што сум малку построг, укажувам да не се разговара во храмовите, зашто храмот е место за разговор со Бога, а не разговар помеѓу нас.

И како што вели светиот Апостол Петар: „Поради тоа секогаш ќе се грижам да ви ги напомнувам овие работи, иако ги знаете“(2Петар 1,12), додека не се поправиме, браќа и сестри. А и вие, ако забележите нешто што не е добро кај мене, најнапред шепнете ми, потоа кажете ми и пред сведок; ако и тогаш не се поправам, тогаш и јавно говорете – но сè да биде докажано. Како што вели Господ Исус Христос, кога го исмеваа и тепаа без причина: „Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш? (Јован 18,23)“

За последното дело што беше направено за овој Соборен храм – браќата и сестрите кои – едни со пари, други со совети, трети со свој личен труд, а некои пак со молитви, со пости и со подвизи – придонесоа. Им благодариме на сите што, на начин на кој сметале дека е најдобар, го дале својот придонес, како за изградбата на овој соборен храм, така и за сите останати цркви и манастири во оваа Епархија.

Гледајќи како времето полека одминува, би сакал да кажам уште неколку зборови за тоа колку и до кој степен треба да се усовршуваме духовно, за да можеме, браќа и сестри, да кажеме дека сме вистинска Црква. Во тој дух, знаеме дека најсовршеното и најголемото богослужение во храмот Божји, во Црквата Божја, е Божествената Литургија. Божествената Литургија се поистоветува со Телото и Крвта на Христа, нашиот Бог и Спасител, со Агнецот Божји, со Причесната, а Причесната значи да се соединиме. Со Кого? Со Христа, нашиот Бог и Спасител, кој рекол: „Кој го јаде Моето тело и пие Мојата крв, ќе има живот вечен“ (Јован 6,54). А тие што го примаат Телото Христово и ја пијат Крвта Христова, подготвени, а не неподготвени. Оние што им простиле на оние што им згрешиле, побарале прошка на оние на кои тие им згрешиле, оние што се сметаат за недостојни, според зборовите на светиот Апостол Павле: кој вели дека е првиот меѓу грешните (1Тим.1,15), и ние доколку не се почувствуваме дека сме  најгрешни од сите луѓе – а некои светители велат дури и погрешни од животните – тогаш, браќа и сестри, ако не го правиме сето ова, не можеме да се нарекуваме христијани, како што учат светиите.

Светиот Апостол Павле понатаму вели дека за сè се потрудил, за да не се возгорде, и ние што се трудиме, да не се возгордеме. Нашата должност е да постапуваме како апостол Павле, не ние што направивме, туку благодатта Божја, Божествените енергии што ни ги дава Господ нам, преку Светите Тајни: преку Крштението, Миропомазанието, Покајанието со Исповедта, потоа Венчањето за оние што се венчаваат во храмот Божји, а монасите се венчаваат со Бога; потоа Маслосветот, исто така и Светата Тајна Свештенство – а тоа се чиновите што ги остави Христос, нашиот Бог и Спасител, а тоа се ѓаконскиот, свештеничкиот и епископскиот чин.

Во нашата епархија, до сега имавме еден ѓакон во Нов Јужен Велс, а сега, и тука во Викторија имаме уште еден ѓакон. Браќа и сестри, без ѓаконски чин во една епархија, без свештенички чинови и без епископски чин, Црквата не е вистинска Црква, се разбира, со верните собрани заедно со свештенството и монаштвото околу својот епископ.

И во тој дух, свештеникот треба да ја знае  својата улога, својата должност, дека тој е поставен да биде посредник по меѓу вас верните и Бога со служењето на Божествената Литургија. Што се случува на Божествената Литургија? Преку неа е сигурно присуство на самиот Бог и Спасител Христос, Агнецот Божји – Христос, почнувајќи уште од Проскомедијата, се јавува, а се разбира, на Проскомедијата се присутни и Мајката Божја, Ангелите, Пророците и сите Светители. На Проскомедијата се поставуваат честички од просфората  (приносот)  каде што се вадат честички и за вас, верните, но и за покојните, оти Црквата Христова не ја сочинуваме само на живите тука на земјата, туку и на оние што преминале во оној свет, кои се можеби многу посвети од нас. Ние телесно сме живи, но колку сме духовно живи е друго прашање – имаме ли смртни гревови – душите ни се мртви, се ослободивме ли од нив преку Покајание и Исповед? Ако тоа е така, тогаш можеме да се надеваме на спасение.

Целта на човекот на земјата е спасение, а улогата на Црквата е токму тоа – да ги води душите кон спасение.

Па така, да привршиме со нашата проповед вечерва и да кажеме дека свештеникот е слуга ваш. Ако Господ Исус Христос од преградките на Отецот не излезеше за да биде слуга на нас, луѓето на земјата, тогаш ние исто така не би имале пример за служење. Зашто е речено: „Не дојдов за праведниците, туку за грешниците.“ Христос е присутен на секоја Божествена Литургија, зашто преку неа не само што се осветуваме, туку и Му принесуваме на Него од Неговите дарови. Како што пееме на Литургијата: „Твоја од Твоих – од Твоите дарови, што си ни ги дал нам, ние Ти принесуваме Тебе, од сите нас и за сè.“

Амин.

Христос се роди! Христос се роди! Христос се роди! За многу години!

Previous articleСобор на Пресвета Богородица (Втор ден Божик) – Света Архиерејска Литургија во Футскрај