Архиерејска Литургија во Неделата на Светите Отци – Перт, Западна Австралија

414
На 03.01.2026 во храмот „Свети Никола“ – Перт, Западна Австралија се богослужеше архиерејска Вечерна богослужба.
На 04.01.2026, во Неделата на Светите Отци, (Недела пред Рождество Христово), кога го празнуваме споменот на Света Анастасија, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение  на протоерејот – ставрофор  Тоне Гулев од Мелбурн и ерејот Стојан Пешовски од Перт, отслужи Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“ во Перт, Западна Австралија.На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Со срце исполнето со благодарност кон Бога и со неизмерна духовна радост, ја споделуваме благословената архијерејска посета на Високопреосвештениот Митрополит Петар.
Во овие свети денови, нашиот храм беше исполнет со посебна тишина, молитва и благодат. Присуството на нашиот Владика не беше само архијерејска посета, туку вистинска татковска прегратка за целата заедница. Неговата молитва, благ збор и пастирска љубов донесоа мир во срцата, радост во душите и надеж која се чувствуваше меѓу сите — од најмалите до највозрасните.
Со особена радост, младите од групата Living Faith, заедно со хорот, зедоа активно учество во богослужбите, пеејќи и молејќи се пред својот архипастир. Тоа беше живо сведоштво дека верата не е само наследство, туку живот што се живее — вера која расте, се пренесува и се чува во заедницата.
Овие мигови нè потсетија дека Црквата е дом, семејство и заедница собрана околу Христа, водена од љубовта на своите пастири и силата на живата вера на народот.
Со длабока и искрена благодарност Му благодариме на нашиот Владика за Неговата татковска грижа, присуството, молитвите и благословот што ни ги подари.
Се молиме Господ да Му дарува добро здравје, духовна сила и многу благословени години во Неговата света архипастирска служба.
На многу години, Владико!
Previous articleНеделата на Светите Отци во Сиденхам