Богатите осиромашеа и огладнеа

3367

Деца, сте слушнале како на секое бдение во Црквата се пее следниов стих од Давидовите псалми: “Богатите осиромашеа и огладнеа, а оние кои Го бараат Господа, нема да се лишат од секакво добро”. Знаете ли зошто се пее така? Не знаете? Слушајте да ви раскажам.

Си бил еден цар кој тргнал да го заобиколи своето царство. Стигнал до еден манастир и влегол во црквата. Таму видел неколкумина монаси кои читаат и пеат на певницата, како што се прави на богослужбите и кај нас. Читајќи, тие стигнале до триесет и третиот псалм, до десеттиот стих, каде се вели: “Богатите осиромашеа и огладнеа, а оние кои Го бараат Господа, нема да се лишат од секакво добро”. На царот му се допадна манастирот, му се допадна неговиот црковен поредок, му се допаднаа богослужбите, но овие зборови од псалтирот не му се допаднаа. Бидејќи тој беше цар – имаше големи богатства, слуги и домови, животни и земјиште, сите се плашеа од него и тој господареше над сите. Народот го возвишуваше, го пречекуваа со музика, министрите му се клањаа до земјата, генералите го прославуваа, војската му оддаваше чест. Имаше богати јадења и пијалоци на неговата маса. Освен тоа палати со широки сали, скапоцена облека, брилијантни калики со прекрасни коњи, царски порфири и целосна слобода како цар. А дека може да биде осиромашен и гладен, за тоа не беше помислил, ниту сакаше да помисли.

И им рекол на оние што го придружувале:

– Нека ова читање престане. Зошто се чита така во Црквата? Заповедам од сега никогаш повеќе да не се читаат овие зборови, а кој не се потчини на оваа моја наредба веднаш да биде казнет, ​​како непријател на моето царство.

Веднаш прекинаа со читањето и испратија гласници и војници да ја објават царската заповед по сите предели на царството. Но чујте како Бог го вразуми царот.

Набрзо откако беше издадена оваа заповед, царот отиде на едно езеро, бидејќи беше лето и тој имаше обичај да оди таму за да се искапи и да се одмора. Тргна како и обично – со свита, со музика, со фанфари, со цвеќиња, со мноштво што го следеше, како велик цар, каков што си беше. Кога стигна до езерото, царот ја соблече скапоцената облека, ја симна круната и влезе во водата да се искапи. Додека пливаше, сакаше да биде сам. Се оддалечи од брегот, излезе на едно островче и таму се забави, сончајќи се. Но, што се случило. Додека царот оддолжуваше, а придружбата го чекаше на брегот, ангел Господов се претвори во неговиот лик, излезе наместо него од водата и се престори дека е кралот. Го облекоа ангелот во царската облека и сите заедно тргнаа назад кон дворецот: ангелот – цар, заедно со придружбата, музиката, фанфарите и сите советници, а вистинскиот цар остана во езерото.

Приквечерта, заситен од капењето, царот се вратил на брегот, каде што вообичаено требаше да го чека неговата придружба, но таму немаше никој. Тој беше по долна облека, која беше влажна, а паѓаше мрак. Почна да му студи, почувствува и глад. А Бог испрати и големи комарци кои го измачуваа.

Стоеше царот на брегот и не знаеше што побргу да направи – да се налути ли – зашто е оставен сам, да се брани од комарците ли, или да отиде да побара храна и некоја облека. Сепак, му беше срам да тргне таков.

Додека се измачуваше така, не знаејќи што да преземе, оттаму мина еден старец и царот му излезе во пресрет. А оној, кога го виде, сакаше да избега, бидејќи му се стори дека гледа некакво привидение, излезено од езерото.

– Стој, не бегај! Јас не сум лош човек – извика царот. Не плашете се од мене. Крадци минаа оттука и ја украле мојата облека, затоа сум така. Дај ми, те молам, некаква облека, за да можам да си одам дома, бидејќи премногу се измачувам овде.

Старецот му даде некоја своја стара облека. Таа беше цела во закрпи, но сепак беше подобра од ништо – можеше да го стопли и да ја прикрие неговата голотија.

Тргна царот облечен како просјак и сите кои ги пресретнуваше му се потсмеваа, не знаејќи кој е тој. Едни го гонеа, мислејќи дека е крадец, други му се потсмеваа и ги пуштаа кучињата против него. Само тој знаеше како стигна до најблиското село, во предградието на кое, во замок, живееше еден од царските болјари. Тој беше од оние кои со музика го пречекуваа царот, кога тој ќе дојдеше да се капи. Но, кога царот побара да влезе во дворот, чуварите и слугите почнаа да го бркаат:

-Што бараш тука, просјаку!

– Сакам да зборувам со болјарот – рече царот.

Не гледаш како си облечен?” Каде си дошол кај Господарот ноќе! Бегај од овде додека не сум те удрил со стапот по грбот.

Но царот не се откажуваше и почна да вика силно, за да го чуе болјарот. Болјарот го чу и го позна царевиот глас, но не можеше да разбере што прави царот тука во текот на ноќта, откако пред неколку часа тој го придружуваше во неговата палата. Тој излезе да види што се случува. А таму, на портата – некој просјак го вика по име. Дојдете поблиску и видете дека ова е самиот цар.

– Зошто ми се потсмевате? – извика гневно царот. – Како се осмелувате да ме оставите гол во водата и да си отидете! Знаете дека уште утре ќе заповедам на сите да ви ги пресечат главите!

Болјарот не разбираше што се случило со царот, бидејќи лично го беше испратил од езерото до палатата. Покрај тоа, не беше сигурен дали ова е навистина царот, или само некој кој личи не него и се преправа за да го исплаши. Сепак, царот не би дошол кај него во таква облека. И би го протерал, но се плашеше да не е сепак тоа царот, зашто гласот и ликот беа негови, само што така облечен никогаш не го беше видел. Не знаеше што да прави. И му рече на царот, кој го обвинуваше и заплашуваше:

– Но, цару, нели ние одевме заедно? Не те облекував ли во пурпур? Не ја ставив ли круната и прстенот врз тебе? Не те пречекаа во другите села со цвеќиња и музика? Не те придружувавме ли во палатата?

Ниту едниот ниту другиот не можеа да разберат што се случило. И така, болјарот го остави царот во својот дом, а сам тајно отиде во палатата, за да разбере што е работата. Кога стигнал, сакал итно да го види царот. Кралицата излегла, и тој ѝ рекол:

– Сакам веднаш да разговарам со Неговото Височество, бидејќи прашањето не трпи одлагање.

– Не може. Сега се одмора. Го оставив во неговата одаја.

– Разбуди го, затоа што треба веднаш да разговарам со него.

Тогаш царицата отиде да го разбуди царот, но во неговата одаја немаше никој, само облеката му лежеше таму.

Оф-леле, царот го нема никаде!

Тогаш болјарот рече:

– Значи оној кој ми дојде на портата е тој, но ми изгледа избезумен, бидејќи пристигна облечен како просјак и прашува зошто не сме го чекале крај езерото и зошто сме го оставиле во водата.

Тогаш сите отидоа кај царот и го доведоа во палатата. И тој, уморен, веднаш заспа. На сон му се јави ангел Господов и му рече:

– Зошто забрани да се читаат во црквите Божјите слова? Не знаеш ли дека Господ те постави за цар и пак тој може за миг да те симне од престолот? Виде ли како брзо може човек да биде понижен, ако се лиши од Божјата помош?

Се присети царот и веднаш издаде наредба по целото царство – уште истата ноќ, а потоа и постојано, на секое бдение да се пее трипати, со полн глас, та да одекнат сите цркви: “Богатите осиромашеа и огладнеа, а оние кои Го бараат Господа нема да се лишат од секакво добро”. И оттогаш по сите храмови, при секое бдение, се пеат велегласно овие зборови.

А ние знаеме дека сè што имаме: и имот и разумот, и чинови, и знаење, и здравје, и почести – сè е од Господа, Којшто како што тоа ни го дал, секој миг може и да ни го земе, ако сме неблагодарни за Неговата грижа. Исто така, знаеме дека богатството не носи среќа, но благословен е оној кој ќе ја спаси својата душа, зашто тој ќе биде над сите светски цареви и ќе живее бескрајно во вековите со Бога и со сите светци.

Извор: Православен свят

Превод од бугарски: Надица Атеска Јанева

Previous articleАmazing Spiritual Law
Next articleSunday school is back at Sveta Petka Mill Park