Одбележан 40 годишниот јубилеј – архиерејска служба и 75 години од раѓањето на Митрополитот г. Петар

1736

На 08.11.2021 г., кога го празнуваме споменот на Светиот Великомаченик Димитриј, Преподобниот Димитриј Басарабов и Преподобниот маченик Јоасаф, а по повод 75 годишниот јубилеј од роденденот на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, и 40 годишниот јубилеј од неговата Епископска хиротонија, беше отслужена Света Архиерејска Литургија во соборниот храм Свети Великомаченик Димитриј во Битола, на која во присуство на Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, Епископот Хераклејски г. Климент, Епископот Стобиски г. Јаков, Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритите Нектариј (Најдовски) и Никола (Трајковски), протоереј-ставрофорот Никола Грамбозов, игумените Серафим (Јончевски) и Спиридон (Поповски), протоереите Златко Костовски, Влатко Ристески, Сотир Гочевски, Кирил Трајковски, Илчо Смилевски, Пенчо Пусовски, ерејот Крсте Тасески, протоѓаконите Драган Ѓоргиевски, Александар Димитријов, Васил Ристовски, Константин Донев, ѓаконите Ѓорѓи Делев, Константин Сековски и Драган Иванов. По завршувањето на Божествената Литургија, Архиепископот г.г. Стефан, во името на САС на МПЦ-ОА, чија Одлука ја прочита Епископот Климент, му додели на Митрополитот Петар Орден на Свети Климент Охридски од Прв ред, а по повод 40 години неуморна архиерејска служба. Потоа Епископот Хераклејски г. Климент, се обрати кон Митрополитот Петар и кон верениот народ со пригодно пофално слово, кое  во целост ви го пренесуваме.

 

Епископ Хераклејски Климент

Кој Го бара Господа – тој добива разумност и праведност. (Изреки 16, 7)

Ваше Блаженство,

Ваши Високипреосвештенства,

Ваши Преосвештенства,

Ваши Високипреподобија,

Почитуван директоре на КОВЗРГ,

Почитувани градоначалници,

Чесни отци, браќа и сестри,

Човекот, односно сите ние сме повикани за она што е добро и возвишено, што е вечно и божествено. Она, пак, што нѐ прави род Господов, Негово Тело и Црква, е неизглаголивото таинство, најнапред скриено, а потоа и објавено во личноста на Богородица, во Воплотувањето Христово и Неговата Жртва, во Воскресението и, секако, во Дарот на заедницата со Светиот Дух. Печатот на овие дарови со кои сме миропомазани, во нас раѓаат копнеж за блискост со нашиот Создател, желба постојано да се биде во Неговото непосредно присуство, но и стремеж на срцето кон проникнувачката близина со оние што им даваат смисла на нашиот живот и постоење.

Па така, и денес, на денот кога го празнуваме светиот вмч. Димитриј Солунскиот Чудотворец, ние сме, литургиски собрани во присуството Божјо, во заедница лишена од смртта, во молитвена прегратка со нашите живи и починати — блиски и далечни.

Нашата радост денес е зголемена бидејќи овој свештен собор претставува своевидно исполнување и одговор на срдечната желба и љубов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, кој благоизволи да нè собере овде, во Битола, и заедно да ги прославиме двата значајни јубилеи поврзани со неговата личност и делување: 40 години архијерејска служба и 75 години од раѓањето.

На самиот почеток, ја изразувам својата благодарност за упатениот повик, да земам учество во оваа соборна радост и да изговорам пригодно слово. Истовремено, сакам да го споделам чувството на одговорност и свесност дека задолжението ја надминува мојата мера. Па, сепак, охрабрен од родителската внимателност на владиката, а во полза на вистинољубието, ќе се обидам, доследно и непристрасно, имајќи го предвид општото надградување и полза, заради временската рамка, да предочам само еден мал дел од богатите ризници на богољубивата личност на овој наш архијереј.

Имено, животниот пат на Митрополитот Петар започнува во 1946 г, во едно повоено време и во свет ранет и со лузни од пустошот на војната. Роден е во Богомила, село закрилувано и чувано во пазувите на планините Јакупица, Даутица и Бабуна, простор што, покрај својата географска и живописна убавина, не е лишен ниту од онаа мистичната, подлабока внатрешна димензија. Стасувањето, растот и зреењето во ваквиот крајолик ги исцртале највпечатливите карактерни црти, препознатливи кај овој наш владика —цврстината и истрајноста, стаменоста и несогорливоста. Впечатоците од тоа време, од своите родители и детството, од спокојот на недопрената природата, од детската безгрижност под планинските врвови и меѓу немирните води на Бабуна, но и од денот кога го доживеал упокојувањето на неговата мајка, оставиле неизбришлива трага во детската душа. Тој, и денес, со особено чувство се сеќава на тоа време. Во училишната зграда, во близина на многудетниот родителски дом, во родната Богомила го завршил основното образование, а потоа продолжил да се школува во Богословијата во Призрен, којашто со одличен успех ја завршил, а потоа студирал и дипломирал на Богословскиот факултет во Белград.

По завршувањето на студиите, тој бил повикан и поставен за професор во Средното богословско училиште, во Драчево, Скопско, кое било отворено само три години претходно. Таму тој работел и соработувал со незаборавните професори: Борис Бошковски, Трајан Митревски, Методиј Гогов — подоцнежниот архиепископ Михаил, о. Јован Таковски, о. Петар Јорданов, Јован Белчовски, како и со другите тогашни професори во Богословијата. Така, овој наш духовен деец своето име го впишал меѓу основоположниците на црковните воспитно-образовни институции во нашата земја. Како професор и предавач во Богословијата, од тогашните ученици, од кои и денес некои се активни архијереи и свештенослужители, запаметен е како непосреден, отворен, но секогаш достоинствен професор и педагог. Неговата љубов кон воспитувањето и едуцирањето на младите кадри за клирот на нашата Црква, се покажала во периодот од 1981 до 1983 година, кога, иако веќе архијереј и митрополит, достоинства што подразбираат широк опсег на задолженија и одговорности, тој прифатил да предава староеврејски јазик на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Тој бил и прв секретар на Полошко-кумановската епархија, каде што истовремено извршувал и други одговорни функции. Во 1972 примил ѓаконски чин, а 1976 година бил ракоположен за свештеник и станал парох при тогашниот соборен храм „Свети вмч. Димитриј“ во Скопје.

Илјада деветстотини седумдесет и деветтата година во неговиот живот е година на премрежија, натопена со страдални елегични тонови на болеста и упокојувањето на неговата животна сопатничка — презвитерата Петра. Но, од тој настан, неговиот животен пат драстично се променил, а неговата вера петропавловски заблескала. Во тој период лично ја осознал и опитно ја вкусил тивката таговна-радост на постоењето. Во својата сопствена Гетсиманија тој забележал дека Бог за него подготвил поинаков крст на служење. Не колебајќи се пред предизвиците на животот и не потонувајќи во бездната на чемерот, тој, како што и му доликува на еден богољубив свештенослужител, покажал подготвеност и продолжил таму каде што Десницата Божја го водела. И, доколку само површно ги разгледаме датумите на неговото овдовување, а тоа е само еден ден по овдовувањето на Преспанско-битолската епархија, како низ превез се наѕира Божјиот план за иднината на свештенослужителот Јован. Истата 1979 г., тој бил замонашен од Архиепископот Доситеј и го добил името Петар. Набргу потоа заминал за Рим, каде што, покрај усовршувањето на италијанскиот јазик, на Грегоријанскиот универзитет ги продлабочувал своите богословски знаења на последипломските студии, и истите успешно ги завршил.

Архиепископот Доситеј, согледувајќи ги ретките квалитети и можности со коишто бил даруван архимандритот Петар, боговдахновено и визионерски, го предложил за митрополит на Преспанско-битолската епархија. Така, во 1981 г., во Соборниот храм „Св. вмч. Димитриј“ во Скопје, бил хиротонисан за епископ, а наредниот ден бил востоличен во Соборниот храм „Св. вмч. Димитриј“ во Битола, како втор митрополит на Преспанско-битолската епархија. Ете, тоа е таа година за која Неговото Блаженство Архиепископот Стефан во своите собрани слова пишува: Таква беше 1981 година: нашата Црква и нашиот благочестив народ  и тагуваа по нашиот блаженоупокоен возобновител Доситеј и се радуваа на двете архијерејски хиротонии во лицето на Нивните Високипреосвештенства, Петар и Тимотеј.

Со стапувањето на тронот на Преспанско-битолските, односно Преспанско-пелагониските митрополити, владиката Петар ја најавил пролетта во својата епархија. Како совесен и мудар архијереј, најнапред се посветил на литургиската обнова и заживувањето на богослужбениот живот во епархијата. Напоредно со духовната обнова, во неговата диецеза не заостанувало материјалното и градителското устројство. Бројката на новоизградените сакрални зданија, но и на обновените градби е импозантна: 180 храмови, 50 конаци, 55 параклиси, 75 трпезарии, 30 пропратни објекти, 15 камбанарии. Од самиот почеток, особено внимание Митрополитот Петар ѝ придавал на просветната и издавачката дејност, која четири децении непрекинато трае до денес.

Возљубени, постои една древна мисла што усното предание на Црквата ја зачувало и ја пренесува до денешниот ден. Таа гласи: ако сакаш да видиш каков е некој човек, доволно е да видиш како се моли. Секој од нас, кој имал можност да присуствува кога владиката Петар богослужи, ќе се согласи дека тој е човек молитвеник. Живеејќи во Бога и за Бога, живеејќи со светата Литургија и за неа, на човекот му се откриваат поинакви мерила за светот, за убавината и за радоста. Сѐ е потопено во благодатните, несоздадени енергии Божји и од нив сѐ извира со ново значење. Убавината станува спокој, радоста — блаженство, а светот станува простор за соборен и благодарен начин на постоење. Црквата и олтарот Божји се просторот каде што Митрополитот Петар е најпрепознатлив, најслободен, најенергичен. Преку нив, тој се изразува најнепосредно и најдлабоко. Неговата литургиска молитва е срдечна, опиплива, и додека тој служи, таа го исполнува целиот храм. Тој е човек на подвигот, на ревноста кон Бога и љубовта кон богослужбениот поредок. Внимателно насочен кон разбирањето на смислата на човекот во Божјиот домострој и во светот, во едно од своите посланија ќе забележи: Човекот е Божји целив (љубов) на земјата. Човекот е никнат од љубовта Божја. Никнат е за љубов. Да љуби и да биде љубен.

Митрополитот Петар е инспиративен, дидактичен и вдахновен беседник. Неговата мисла е темелна и богословски поткрепена, без философски занес, секогаш фундирана на конкретна фактографија, исполнета со пастирска вдлабоченост. Неговиот израз поседува творечки набој, сеопфатно е опсежен, но со конкретна цел. Во својот говор внимава на литературниот израз, употребува алегории и архаизми, посветено го негува мајчиниот јазик и се грижи за сопствената јазична писменост. Виден низ објективот на камерите, во неговите изјави и јавни обраќања провејува подвижничка строгост, но таа секогаш е во одбрана на моралните начела и доктринарните правила. Самиот негов изглед, сега веќе белокос и белобрад, ја оприсутнува и осведочува аскетската димензија и патријархалната физиономија на неговата личност. Благодарение на неговата грижа за пишаниот збор, владиката Петар дел од своите досега изречени беседи ги овековечил во првата едиција „Силата на Словото“, овозможувајќи му на читателот да се сретне со него и како автор.

А она што Митрополитот Петар го прави веродостоен и прагматичен теолог, не е сувото академско знаење на животите и учењето на светите Отци, ниту систематското познавање на теологијата на Православната Црква. Тој, својата богословска мисла дејствено ја изострувал, распнувајќи го сопственото биолошко постоење и преобразувајќи го во еклисиолошки и евхаристиски живот во Бога. Верно следејќи ги начелата на архијерејската служба и на најскапоценото — апостолското преемство, владиката Петар искуствено знае дека црковното устројство не е административен поредок и човечка творба, туку е благодат и полнота на новиот живот.

Неговата, пак, грижа за манастирите не завршува со нивната градителска обнова. Архитектонската обновата е само предуслов, подготовка на благословен молитвен простор за вистинската преродба во Духот. Чувството дека манастирите треба да се преобразат во живи пулсирачки литургиски заедници е длабоко вкоренето во личноста на овој монахољубив архијереј. За Митрополитот Петар манастирите имаат суштинска поврзаност со битието на човекот. Монашкиот пат не е само еден од начините за спасение, туку тој е дар за преобразување на паднатиот човек. Овој непроценлив дар на Црквата е потврда на љубовта, слободата и копнежот на човекот кон Бога во секоја генерација. Трескавечкиот манастир, Зрзескиот, Слепчанскиот, Јанковечкиот, манастирот во Журче, во Црнеец, Варошкиот, битолскиот „Света Петка“, манастирот „Свети Никола“ во Мариово, но и манастирите во Австралиско-новозеландската епархија претставуваат отелотворување на неговата мудрољубива грижа и архијерејски благослов.

Митрополитот Петар е цврст соговорник со јасни ставови и убедувања, навремено подготвен со свежи и актуелни информации од сите сфери што се однесуваат на темите на дијалогот. И покрај сериозноста и авторитетот што извира од неговата надворешност, Митрополитот Петар, не само што е даровит говорник, тој истовремено е внимателен слушател, без обременетост во релациите што ги гради со другиот наспроти себе. Средбата со него е проникнувачка и едноставна, складна и лишена од прекумерна егзалтираност. Неговиот критериум е грижата за човечкото во човекот без разлика на неговата верска, расна, политичка или националната убеденост.

Како учесник во историските промени и сведок на различните општествено-политички системи, кај владиката Петар се градела методолошка рафинираност кога станувало збор за сложените односи помеѓу Македонската Црква и југословенскиот државен апарат. Неговата одлучност и бескомпромисна решителност кога требало да се заштити црковниот интерес, била потврдена по неговото назначување да администрира со македонските црковни општини во западноевропските земји во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век. Соочувајќи се со отпор и притисок од тогашната југословенска власт, благодарение на неговото енергично дејствување и расудливост, станало возможно македонските верници да бидат организирани во лоното на својата матична Црква.

Со распадот на комунистичкиот режим, Митрополитот Петар во 1991 г. е првиот архијереј што стапнал на тлото на првата самопрогласена атеистичка земја во светот, Албанија, со цел да ги посети нашинците во Долна (Мала) Преспа. Таму, во храмот посветен на архангелот Михаил, кој во времето на тогашното безбожие бил претворен во кино-сала, ја одржува својата прва проповед, поучувајќи ги тамошните Македонци во верата и законот Божји. Нема да ги преувеличиме неговите заслуги ако ја констатираме важноста на неговото дело за христијанскиот живот во долнопреспанскиот регион, затоа што тој, заедно со неговите свештеници, крстил над пет илјади Македонци, кои живеат во тој дел на Преспа, во Република Албанија.

Широкиот опсег на духовното, просветното, културното и мисионерското делување на Митрополитот Петар, направиле тој од пошироката општествена јавност да биде препознаен како еден етаблиран архијереј со видливи придонеси за македонската духовност и црковност, како и за македонската самобитност. Речиси и не постои позначаен настан, прашање или проблем, предизвик или радост во животот на нашата Помесна Црква каде што тој не дал придонес, не зел учество, не посоветувал, не поучил, не дал свое конструктивно мислење. Оттаму, и не е за чудење што во 1995 г. Митрополитот Петар прифатил уште едно тешко бреме на себе, односно ја примил грижата за Македонската епархија на далечниот Австралиски континент, која во тој период се соочува со сериозни проблеми. До денешен ден, не штедејќи се себеси, саможртвено и посветено, и покрај сите бранувања, успева, на еден нему својствен начин, да ги решава наталожените проблеми меѓу македонските доселеници на најоддалечениот континент.

Вредно е да се напомене дека со благослов и редакција на Митрополитот Петар, а со поткрепа на македонската црковна општина од Мил Парк, направен е превод на најпотребните богослужбени книги, од црковнословенски на македонски литературен јазик, од страна на протоставрофорот проф. д-р Јован Таковски. Капиталноста на ова дело ни овозможува како Македонци да ја покажуваме својата благословена различност во православната екумена и да се вброиме меѓу народите со свој богослужбен јазик и богопоетика во црковната химнографија.

Возљубени, и од ова свето место и на овој ден ќе истакнам дека нашата Помесна Црква е образ Божји. Таа достоинствено го носи својот историски крст, трпеливо смирувајќи се пред предизвиците на времето. Живеејќи во полн распон на сопствените капацитети, коработ на МПЦ, носен од тивкиот ветрец на Светиот Дух, денес мирно едри кон есхатонот. Како еден од најугледните архијереи кај нас, Митрополитот Петар безрезервно се вложува во афирмирањето на статусот на нашата Помесна Црква во семејството на Помесните православни цркви. Уважувајќи го неговото исклучително познавање на канонското право на Црквата и богатото искуство на полето на црковната дипломатија, Синодот на МПЦ во 1992 г. на Митрополитот Петар му ја доверува должноста претседател на одделот за надворешни односи на МПЦ. Под неговото претседателство, како обмислен духовен стратег за македонската црковна кауза се остварени голем број средби, состаноци и контакти со архијереи и претставници од повеќето Помесни православни цркви. Благодарение на ваквите заложби на владиката, некои од овие средби биле овенчани со заедничка литургија, каде што сослужувал со архијереи на Бугарската и Романската православна црква.

Македонската православна црква е жива, благодатна, народна и свештена Црква. Таа е плодоносна — и во наше време раѓа светители. Митрополитот Петар, имајќи ја довербата на САС на МПЦ, како претседател на комисијата за канонизација на свети, во соработка со членовите на комисијата, ги прибира, разгледува и претставува пред Синодот и Црквата сведоштвата за животот и делата на личностите за кои Светиот Дух сведочи дека пребиваат во славата Господова. Во време на неговото претседателствување, МПЦ–ОА ги вброи во диптихот на светите: светиот епископ Велички Гаврил Светогорец, потоа преподобниот Јоаникиј Ракотински, преподобниот Кипријан Слепченски, пречистанските свештеномаченици Евнувиј, Паисиј и Аверкиј, како и 40-те битолски свештеномаченици.

Работното секојдневие владиката го споделува, организира и осмислува со вработените во епархиската администрација, која посветено се труди да го следи неговото енергично темпо, кое, како што изминува времето, не само што не успорува туку продолжува со засилен интензитет. Со своето богољубиво свештенство (ракоположил 111 ѓакони и 102 свештеници) и преподобно монаштво (замонашил 47 монаси и монахињи), Митрополитот Петар изградил доверливи релации и со својот личен пример дава насоки со кои поттикнува на соработка. Затоа, неговата порака е да побрзаме да го исполниме Божјото дело.

Почитувани присутни, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Петар ѝ припаѓа на онаа генерација македонски духовни дејци и високи црковни челници што себеси се изградиле макотрпно над виорот на неизвесноста, постојано одолевајќи на минливите стихии од овој свет и век. Како таков, Митрополитот Петар се вбројува во плејадата личности чиешто делување претставува своевиден мост меѓу генерациите што придонеле при бројните историски предизвици да се преживее најтешкото и најболното, и при тоа да се сочува најдрагоценото на овој народ — а тоа е верата во воскреснието.

Затоа, Високопреосветен владико, САС на МПЦ-ОА денес и Ве одликува со највисокото црковно одликување „Светиклиментов орден од прв ред“.

Ваше високопреосвештенство, дозволете ми и од името на сите овде присутни, да Ви ги честитам овие важни јубилеи за Вас, но и за целата наша Црква — 40 години архијерејство и 75 години од Вашето раѓање. Македонската православна црква во Вас има скапоцен и достоен архијереј, чувар на православието, на апостолското наследство и на светоотечкото предание. Вашата изградена соборно-евхаристиска свест, Вашето делување во полза на единство на нашата Помесна Црква, но и взаемната меѓусебна поддршка што ја негувате со сите архијереи на МПЦ-ОА предводени од Неговото Блаженство Архиепископот г. г. Стефан, се насоките со кои правилно се насочува коработ на нашата Светиклиментова Црква кон тивките пристаништа на Светотроичната љубов.

Честитајќи Ви го овој Ваш двоен јубилеј, ден-празник, почитуван и драг владико, Ви посакувам крепко здравје, мирни денови и уште многу успешни и плодни години на Вашето архијерејство со одбележување на нови годишнини и јубилеи.

На многаја и благаја лета, владико!

Previous articleОсми ден бр. 82
Next articleПравославен џепен календар за 2022 година