Велигденско послание на Митрополитот г. Петар

793

 † ПЕТАР

    ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

      МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

         АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,

        НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И

       ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО

            ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-

      НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА,

                ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО

        НАЈТОРЖЕСТВЕНИОТ  ПОЗДРАВ

               ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

„Зашто од гробот денес, како од дворец, блесна Христос и ги исполни жените со радост, велејќи им: Објавете им на апостолите“ (Пасхална стихира)

Христос воскресна – и смртта ја уништи!

Христос воскресна – и демоните пропаднаа!

Христос воскресна – и ангелите се радуваат!

Возљубени браќа и сестри во Христа Воскреснатиот!

Сјајните зраци на светлината Христова блеснаа; небесните и царските власти ја открија ризницата на Бога! Долгата и темна ноќ е зафатена; мрачната смрт е уништена; животот за сите е откриен; сè е исполнето со неицрпна светлина. Сонцето над сонцата владее над сè; родениот пред зората, бесмртниот и големиот Христос се јавува пред сите посветол од сонцето. Он Воскресна! Сега настапува за нас верните, долг, вечен и неизгаслив светол ден – големата и таинствена Пасха. Пасха, дело достојно за восхит на Божественото совршенство и сила.

Браќа и сестри, во оваа светлозарна ноќ која го соедини блесокот од кандилата со раните зраци на сонцето и го произведе денот непрекинат од меѓупросторна темнина, да размислиме за пророштвото кое вели: „Овој ден е што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него“ (Псал. 117,24). Делото на овој Ден е радост и веселба! А доколку така говори Словото Божјо – да се зарадуваме и да се развеселиме во него! Радоста и веселбата во овој Ден се заповед, и без сомнеж единствената, преку чие исполнување, мракот се претвора во светлина, очајот во надеж, омразата во љубов, тагата во радост.

Пред овој Ден, бевме синови човечки – сега сме родени чеда Божји; пред овој Ден сме биле симнати од небото на земјата – сега Воскреснатиот нè направи небесни; пред овој Ден преку гревот царувала смртта – сега пак, преку искупувањето животот добива власт. Тогаш Адам го открил входот за смртта – сега преку Вториот Адам (Христос) се воведуваме во животот; тогаш преку смртта сме се лишиле од живот – сега смртта се уништува преку Животот; тогаш за престап сме биле изгонети од рајот – сега преку вера се населуваме во рајот!

Возљубени пасхални сорадосници во Воскресението Христово!                                               

Пасха е! Господова Пасха! Пасха Краснаја, Пасха Великаја, Пасха Таинственаја! Таа за нас е празник над празниците и торжество над торжествата; таа толку ги надминува сите торжества, не само човечки и земни, но и ангелски и небесни, колку што сонцето ги надминува ѕвездите. Навистина, голем празник и вечно жив споменик! Велигденска Пасха, преку која од страдањето се раѓа исцеление, од смртта – бесмртност; од мртвилото – живот; од болката – здравје; од паѓањето – напредок; од слегувањето – искачување! Така  Бог го извршува Своето големо дело. Така, од невозможното го прави неочекуваното, возможното, за да се свати дека за Неговата волја сè е можно.

Денес сè сјае и блеска во прекрасна светлина која небото ја разлева над целиот свет. Денес, во нас возрасните, сместена е детската разиграност и неизгаслива радост, а, пак, во децата и со децата, еве погледнете, ангелите ја слават најголемата победа некогаш извојувана. Денес нема темнина, нема безнадежност, нема омраза, нема страдање, нема тага, нема болка… Денес има радост во нашите срца, денес ликуваат нашите души. Голем е овој Ден, голем е овој Празник кој сега го празнуваме. Голема е радоста, голема е веселбата, сè е торжествено. Тоа го пропишал законот, тоа го извршил Христос. Со Своите страдања, Он нè учи како да страдаме, а со Своето славно Воскресение, ни дава можност како да се прославиме со Него. Ако го подржаваме, ние ќе се ослободиме од гревот, огнен столб ќе нè води ден и ноќ во животот, пустината ќе постане плодородна, морето пак ќе се раздели и непријателот ќе биде потонат во него, каменот ќе даде вода, љубовта ќе царува, Крстот ќе торжествува.

Возљубени браќа и сестри, навистина Христос Воскресна!

Христос Кој слегол во адот, повторно се искачил горе на небесата, и погребаниот Христос, навистина воскреснал на третиот ден. Има ли сè уште некој да се сомнева во ова?! Па, ако Јона се спасил од утробата на китот по тридневен престој, зошто Христос да не може да воскресне од гробот по три дена? Ако мртовец, допрен до останките на Елисеј, воскреснува, не е ли дотолку повеќе возможно да воскресне преку силата на Отецот, Творецот на луѓето? И така, навистина Христос воскреснал и повторно им се јавил на Своите ученици. Сведоци на Неговото вистинско Воскресение се Мајката Божја, жените мироносици и дванаесетте апостоли, кои ја докажале вистината за Воскресението, не со празни зборови, туку со подвизи, кои стигнуваат до маки и смрт. И кога, Воскресението на Христа се потврдува, не од двајца или тројца, туку од споменатите и многу други – уште ли ќе се сомневаме во Воскресението?!

Ако Христос не ни даруваше победа над смртта, ако не Воскреснеше од мртвите, ние немаше да веруваме во Христа како Бог и Спасител. Свети апостол Павле вели: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера“ (1 Кор. 15, 14). Но, бидејќи Он Воскресна, затоа ние веруваме во Него, затоа сега треперат нашите срца, затоа копнеат сега нашите души за совоскресение со Него. А Христа Воскреснатиот, постојано нè утврдува во оваа вера, на многу начини, според Неговата божествена промисла, полна со човекољубие. Всушност, самото Христово Воскресение е најголемото сведоштво; поголемо сведоштво од ова, никој не ни дал, ниту ќе ни даде.

Возљубени наши чеда, синови и ќерки на Воскресението!

Како што во современиот свет, така и во нашата земја изникнуваат здруженија и организации, кои бараат некакви или поголеми права. Многу често, ваквите здруженија барајќи ги своите права на протести и собири, својот гнев за своите нереализирани ставови, идеи и замисли, најпрво го насочуваат и вперуваат кон Црквата. Едно такво т.н. феминистичко здружение, во текот на Велигденскиот пост, протестирајќи за своите права, имаше крајно невкусен транспарент против Црквата. Всушност, невкусното е насочено и кон Самиот Спасител Христос, Кој е глава на Црквата.

Во реалниот свет не постои право без обврски, т.е. секое право доаѓа во пакет со одредени должности. Во минатите векови, до феминизмот и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка и домаќинка, а денес, таа е високо еманципирана со забележителни позиции во општеството, но, често и разведена и самохрана мајка. Кога некој бара повеќе или поголеми права, треба да е свесен, подготвен и способен да извршува повеќе и поголеми должности. Односно, да би имале големи права, треба  да сме способни и на големи жртви. Треба дури да се одречеме од себеси, да живееме и да се трудиме за општо добро, за повисоки цели и идеали, да ги исполнуваме општоприфатените начела за етика и морал, да ги правиме општеството и светот подобри. Во спротивно, остварувањето на права без должности, што најсоодветно се нарекува анархија и хаос, го расипува и изопачува светот, кој, како таков, ја губи својата рамнотежа и хармонија. Токму таков е современиот свет, во кој семејството е поделено и дисфункционално, а човекот е сè поизгубен. Ете, таквото барање права без должности, кое всушност, ги негира и се спротивставува на основните човекови вредности – е резултат на најпогубната и најотровната на човекот понудена идеологија – нихилизмот. Но, да внимаваме! Вонмем! На нашето општество молскавично ѝ се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост!

Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена; Господ ги создаде машко и женско, и сè друго изменето, поинакво и поразлично од Божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо.

А Црквата, пак, таа секогаш е тука; како грижлива мајка која ја напуштиле своите деца барајќи го својот животен пат, и талкајќи низ светот и не наоѓајќи ја вистината и смислата на тој пат, подготвена е со раширени раце повторно да ги прими во своите прегратки. Само недоволното и суштинско познавање на Словото Божјо, на Евангелието, односно учењето на Црквата, може да го натера човек да ја обвинува. Па Црквата, т.е. Христос Творецот, ја искачил жената на највисокиот можен пиедестал. Ѝ ја дал најголемата, највредната, најсовршената позиција – МАЈКА! Црквата ја постави жената за “свештеник“ (жртвоприносител) во домашната црква – семејството. Логосот Божји, бидејќи е Бог, можел на многу начини да дојде како Човек во светот, но благоволил да се смести во Мајчината утроба на Марија Дева, и така преку жена да дојде спасението на светот. Жени биле првите кои се удостоиле да Го видат Христа Воскреснат, и први кои го слушнале поздравот од Воскреснатиот: „Радувајте се!“

И Ние денес обраќајќи ви се, го повторуваме поздравот на Христа Воскреснатиот: Радувајте се! Радувајте се сите, браќа и сестри, мажи и жени. Радувајте се, зашто Христос ја победи смртта и воскресна од мртвите, и со тоа ни ја дал најголемата причина со најголемото право – да се радуваме!

Возљубени наши во Воскреснатиот Младоженец!

Христос Кој што страдаше, беше распнат и беше погребан – Воскресна! Да ги отвориме нашите срца за средба со Оној Кој сето ова го направи заради нас и заради нашето спасение.

Да бидеме светол украс на свадбената поворка која започнува од Христовиот гроб и завршува на небесата. Да го наполниме брачниот двор – храмот Божји и да земеме учество во ова величествено свадбено торжество, во кое сите се облечени во свадбени облеки и никој не се истерува од таму затоа што нема свадбена одежда. Да се насладуваме од велелепната и непресушна гозба која Господ ја приготвил за нас; примете, црпете, вкусете сите, зашто таа изобилно ни се дава за живот вечен. Амин!

     

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

Ваш постојанен молитвеник пред Христа Воскреснатиот,

             Митрополит Преспанско-пелагониски и

      Администратор Австралиски и Новозеландски

     † Петар

          Велигден 2023

Previous articleДЕКЛАРАЦИЈА ЗА МПЦ-ОА ОД АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА
Next articleОд богослужбите на Страдалната седмица и Воскресението Христово – Велигден во манастирот Донибрук