Православната вера

1832

Верата според апостол Павле е: „жива претстава на она за кое се надеваме и доказ на она што не го гледаме“ (Евр. 11; 1).

За разлика од знаењето, верата на човекот му дава поим за невидливите и нематеријалните нешта, недостапни за нашите сетила и разум. Впрочем, учеството на разумот во верата не е излишно, зашто разумноста во верата и разбирањето на верата е задолжителна за христијаните и главната улога не ја има разумот, туку срцето. Господ понекогаш ги „крие“ Своите големи тајни од „мудрите и разумните, и ги открива на младенците“ (Мт. 11; 25); „Бог го избра она што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите, и она што е слабо во овој свет за да ги посрами силните,…. та ни едно тело да не се пофали пред Бога“ (и Кор. 1: 27-29). Не гордите со земна мудрост, туку чистите по срце се способни да го видат Бога (Мт. 5: 8) и да ги примат небесните тајни.

Верата е неопходна, не само во областа на религијата, каде што човечкиот ум не може со сопствени сили да ги разбере тајните за троичниот Бог, за ангелите, за воплотувањето на Божјиот Син, за Божјата благост, за задгробниот живот итн., туку и во сите области на човечкиот живот и знаење. Ниту една наука не може да напредува без допуштање на извесни аксиоми, односно недокажани вистини и без верување во логички заклучоци и сведоштва на други луѓе. Уште свети Кирил Ерусалимски (IV век) истакнал дека верата е потребна насекаде. На пример, од неа се раководат земјоделците, морнарите итн. „На верата – вели тој – се крепи земјоделието: зашто кој не верува дека посеаното семе ќе даде плод, тој не би се ни трудел“.

Нашата вера е апостолска и од Светите отци, дадена од самиот Спасител Исус Христос, проповедана од апостолите, покажана и пројавена преку животот на богомудрите отци и учители на црквата, најблиските наследници на апостолите. Нашата вера е богооткриена, зашто не е измислена од луѓе, туку е дадена од самиот Бог, преку Неговото Откровение.

Од книгата: Православна Веронаука – Катихизис

Софијски Митрополит Стефан и Протопрезвитер Георги Шавелски

Подготвила: Надица Атеска Јанева

Previous articleРаѓање на Пресвета Богородица – Божествена Литургија во црквата Свети Илија во Футскрај
Next articleКако да се биде член на Црквата?