Home Our Faith Religious Education Православна веронаука за македонските ученици во државните училишта во Нов Јужен Велс, Австралија

Православна веронаука за македонските ученици во државните училишта во Нов Јужен Велс, Австралија

0
Православна веронаука за македонските ученици во државните училишта во Нов Јужен Велс, Австралија

Македонската православна црква – Епархија за Австралија и Нов Зеланд, од неодамна стана одобрен провајдер за православна веронаука на Министерството за образование на Нов Јужен Велс, Австралија.

Специјалното верско образование (СРЕ) е доброволна (факултативна) програма во државните училишта во Нов Јужен Велс. Учеството е бесплатно, на доброволна основа и по избор на родителите или старателите.

Програмата за православна веронаука на МПЦЕАНЗ во Државните училишта ќе го надополнува општото образование на македонските православни деца.

Со благослов на Неговото Високо-преосвештенство митрополит г. Петар, програма е шестгодишна и претставува студирање за источното православно христијанство и настојува да ги покрие клучните аспекти на православната вера.

Прегледот на овластената наставна програма од Епархискиот просветен совет на МПЦЕАНЗ е достапен на родителите, старателите и студентите, според барањата на Одделот за образование во Нов Јужен Велс. Списокот на теми заедно со општите цели и резултатите од учењето се објавени и достапни на веб-страницата: https://www.mocdanz.org.au/en_AU/oce/sre/authorised-curriculum/

Родителите и старателите се добредојдени да ги разгледаат лекциите и темите што ќе им се предаваат на нивните деца, и да ги видат деталите на веб страната.

Начинот на предавање и учење ќе се одвива со посебна чувствителност и соодветно на возраста.

Учителите – предавачи на часовите по православно вероучение се волонтери кои се одобрени, овластени и обучени од локалната парохија и Австралиско-новозеландската епархија.

За овластените наставниците, МПЦЕАНЗ ќе обезбедува постојана обука за имплементација на наставната програма. Епархијата и Советодавната комисија до наставниците, редовно ќе доставуваат препораки за потребните ресурси и основна литература за предавањата.

Со благослов на Неговото Високо-преосвештенство митрополит г. Петар е предвидена подготовка, издавање и печатење на учебници за учениците, и наставни помагала за наставниците.

Целта на програмата е кај студентите да се развие свеста, разбирање и ценење на Православието како сведок на Светото Писмо и чувар на учењето на Црквата, но и да ги потикне да учествуваат во Светите тајни на Црквата.

За да добиете дополнителни информации, посетете ја страницата на SRE на МПЦЕАНЗ на следниот линк: https://www.mocdanz.org.au/en_AU/oce/sre/