Биографија на Митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола

Митрополитот г. Никола (Трајковски) роден е во 1974 г. во Скопје, во македонско православно семејство. Дипломира на Катедрата по Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Остварува двогодишен студиски престој на Карловиот универзитет во Прага, каде специјализира во областа на византологијата и средновековната литература. По враќањето во Македонија стапува како послушник најпрвин во Манастирот „Свети Архангел Михаил“ – Варош, а потоа во Манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе, во Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА. Замонашен е за време на вечерната богослужба на празникот на Светиот Николај Мирликиски во 1998 г, а за време на литургијата е ракоположен за јероѓакон. Во свештеномонашки чин е ракоположен во октомври 1999 г.

Магистерскиот образовен степен го стекнува на Богословскиот факултет во Софија во 2008 г., а пред научната комисија ја одбрани темата „Придонесот на руското духовништво за црковниот живот во Македонија во 20 век“, посветена на животот и делата на руското монаштво и свештенство - бегалци во Македонија. Трудот беше објавен под наслов „Света Русија – записи од Македонија“, во две изданија на македонски јазик (2009 и 2011), а во 2012 г. преведен е и на руски јазик. Докторанд е на истиот факултет, повторно во областа на црковната историја. Неговиот главен научно-истражувачки интерес е насочен кон средновековната и современата црковна историја, агиолошкото и химнографското книжевно творештво.
Во 2006 г. ракопроизведен е во чин игумен, а во 2008 г. е поставен за старешина на древниот Манастир „Свети Никола“ во Мариово, Прилеп, каде што се посветува на интензивната материјална и духовна обнова на манастирот, како и на координирање на стручната конзервација и реставрација на манастирскиот храм. Денес манастирот претставува угледен духовен и културен центар во регионот. Со одлука на САС на МПЦ-ОА, во 2012 г. е избран и ракопроизведен за архимандрит.
На 26.12.2023 г., по предлог на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Светиот Синод на МПЦ-ОА едногласно го избра архимандритот г. Никола за викарен епископ на Преспанско-пелагониската епархија со титула Епископ Велички. Хиротонисан е на 21.01.2024 г. во Соборниот храм „Свети Димитриј“ во Битола. Во текот на изминатите две години, со благослов на Митрополитот г. Петар, епископот Велички г. Никола активно учествува во богослужбениот живот на епархијата, во работата на Црковно-просветниот оддел на епархијата, ЕУО, како и во Епархискиот црковен суд. Исто така, активен член е и на Комисијата за канонизација на светители при Синодот на МПЦ-ОА, а во 2024 г. беше дел од организацијата за Канонизација на Светата преподобно-маченичка Стефанида Битолско-скадарска.
На седницата на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во полн состав, на 19 март 2026 година, Неговото Преосвештенство Епископот Велички г. Никола е избран за Митрополит Австралиско-новозеландски.