Митрополитот г. Никола сослужуваше во манастирот св. Јоаким Осоговски

4

Архијереи на Македонската, Романската, Српската и Бугарската Православна Црква и свештенослужител од Православната Црква на Албанија соборно го прославија споменот на преподобниот Јоаким Осоговски, во манастирот нему посветен, во Кумановско-осоговската епархија.

На 28 / 15 август 2026 година, во предвечерието на славата на свети Јоаким Осоговски, во манастирот беше отслужена празнична вечерна богослужба на која началствуваше Високопреосвештениот митрополит Доростолски г. Јаков од Бугарската Православна Црква. Молитвено беа присутни Високопреосвештените митрополити: Тулчански г. Висарион од Романската Православна Црква, Кумановско-осоговски г. Григориј и вомировениот Кумановско-осоговски г. Јосиф.

На 29 / 16 август, на самиот ден на празникот, во манастирот Св. Јоаким Осоговски беше отслужена свечена Божествена Литургија на која началствуваше Митрополитот Тулчански Висарион, во сослужение со: Митрополитот Јаков Доростолски, Преосвештениот епископ Новобрдски г. Иларион, од Српската Православна Црква, викар на Српскиот патријарх Порфириј, и Високопреосвештените митрополити на Македонската Православна Црква: Брегалничкиот г. Иларион, Австралиско-новозеландскиот г. Никола, Кумановско-осоговскиот г. Григориј и вомировениот Кумановско-осоговски г. Јосиф. На службите покрај свештенослужителите од Македонската Православна Црква, служеше и пречесниот отец Никола Кодели од Православната Црква на Албанија. Присутни беа претставници на локалната и централната власт и многуброен верен народ кој дојде да се поклони на моштите на преподобниот Јоаким Осоговски и да учествува во богослужбите.

Со вдахновена беседа, во текот на светата Литургија, кон насобраниот народ се обрати Митрополитот Никола:
„Возљубени браќа и сестри,
Кога денес го славиме свети Јоаким, не го славиме само човекот кој некогаш живеел во Осоговската пустина. Ние ја славиме Божјата благодат која дејствувала во еден човек и го направила светилник за многу поколенија. Светителите ни покажуваат дека светоста не е нешто што му припаѓа само на минатото. Таа е повик за секого од нас. Не да заминеме во планински пустини, но да направиме место во пештерата на своето срце, во која ќе го намалиме просторот за себе, за да Му дадеме простор на Бога. Или, како што ни се обраќа гласот на оној што вика во пустината, свети Јован Претечата ‚Он треба да расте, а јас да се намалувам‘.“

Нашиот народ со векови му пристапува на свети Јоаким со огромна љубов. До ова свето место не доаѓаат само оние кои сакаат да му оддадат почит на еден светител. Доаѓаат луѓе кои носат свои крстови. Пристапуваме и се поклонуваме на неговта икона и на светите мошти како на свој духовен отец и небесен застапник пред Бога. Велиме: ‚Свети Јоакиме, моли Го Бога за нас!‘, и на тој начин ја исповедаме својата вера дека Божјите угодници живеат во Господа и дека нивната љубов кон Црквата не само што не престанува со нивното земно упокојување, туку се умножува заради наше спасение.

Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
На крајот на Божествената Литургија свое обраќање кон присутните имаше Митрополитот Висарион. Во знак на спомен на денешната служба, тој за манастирот подари крст за благословување изработен во Романија.

Извор: https://liturgija.mk/aktuelno/mpc/pet-pravoslavni-crkvi-go-proslavija-spomenot-na-sv-joakim-osogovski/

Previous articleУспение на Пресвета Богородица во Перт