На 15ти јануари 2026г. Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско – Пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар изврши канонска посета на македонската црква „Света Троица“ во Сатерланд на гробиштата Воронора во Сиднеј.
Храмот е уникатен, изграден во македонско – архитектоски стил и осветен од нашиот надлежен архиереј Митрополитот г. Петар. Последно беше извршена доградба, а за таа доградба да функционира и да се богослужи, требаше да има потребна дозвола. По добивањето на дозволата во овој наш македонски храм на гробиштата во Воронора, Сатерланд, но и со благослов на нашиот архиереј Митрополитот г. Петар, редовно се богослужи, бидејќи на овие гробишта, почиваат најмногу Македонци. Во Австралија, на овие гробишта во Воронора, сконцетрирани се најмногу македонски православни гробови од нашите сонародници по крв и вера Македонци.
Исто така, по лична заложба на владиката Петар (нашиот надлежен архиереј) пред црквата е поставена табла со натпис на англиски јазик: „Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ,Премини во Македонија и помогни ни!’ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието“ (Дела Ап. 16,9-10).
Нашиот архиереј Митрополитот г. Петар, се помоли за душите на сите починати Македонци на петтиот континент – Австралија.
Во блажено успение и вечен покој, подај им Господи на сите од века претставени православни христијани, Македонци знајни и незнајни и направи им споменот да им биде вечен. Вечнаја памјат. Вечен спомен. Вечен спомен.














