На 28.08.2026 година, кога го празнуваме Успението на Пресвета Богородица, во манастирот посветен на овој празник, а со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и Митрополит Скопски г. г. Стефан, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ на Матка. На Светата Литургија молитвено беше присутна и директорката на КОВЗРГ г-ѓа Оливера Трајковска.
„Возљубени браќа и сестри,
Сите нам ни е познато дека при разделбата со блиските човекот ја вкусува најдлабоката тага во овој свет. За оној, пак, што однадвор ја забележува денешната радост и празнична атмосфера во Црквата, сосема е неразбирлива причината за тоа. Зарем нечие умирање и погребение можат во исто време да бидат толку радосни и изобилни со благодат и светлина? Зошто Црквата денес ни вели: нека замолкне секоја тага, нека се радува секое срце?
Денес земјата го испраќа своето најчисто чедо кон Небото, а Небото ја прима Мајката на Животот. Денес не плачеме затоа што Богородица не заминува од нас, и се радуваме затоа што гледаме каде води патот на оној што целосно Му се предал на Бога. Успението на Божјата Мајка е ден во кој телесната смрт ја потврдува духовната победа. Небото е домот кон кој оди човекот кога животот го предава во Божји раце.
Онаа што денес ја славиме и на која молитвено ѝ се поклонуваме е избраната Девојка од Назарет, тивката Марија. Онаа за која светот не знаел, но Небото ја знаело. Онаа која немала царски престол, но во својата утроба Го носела Царот. Онаа која немала златна круна, но над неа се поклонувале сите ангелски чинови. Онаа која немала никаква власт на земјата, но нејзиното „да“ ја промени историјата на човештвото.
Од нејзиното чудесно зачнување и раѓање, па сè до нејзиното Успение, Богородица во сè се покажа достојна на Божјиот избор, за преку неа и сиот човечки род да учествува во Божјиот домострој на спасението.“ – дел од проповедта која Митрополитот г. Никола ја произнесе на Божествената Литургија.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни!















