Интервју со Митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола

3

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола е роден во 1974 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за општа и компаративна книжевност, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Остварува двогодишен студиски престој на Катедрата по византологија на Карловиот универзитет во Прага, каде се образува во областа на средновековната литература.

Замонашен е во манастирот „Свето Преображение“ – Зрзе во 1998 година. Истата година е ракоположен во ѓаконски чин, а во свештенички чин е ракоположен во наредната 1999 година.

Во 2006 година е ракопроизведен во игуменско достоинство и поставен е за старешина на древниот манастир „Свети Никола“ во Мариово.

Во 2008 година на Богословскиот факултет на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Софија го одбрани магистерски труд со темата „Придонесот на руското духовништво за црковниот живот во Македонија во 20 век“. Овој труд е објавен на македонски (во 2011 година, со наслов „Света Русија – записи од Македонија“) и руски јазик. Докторанд е на истиот факултет. Објавува текстови и учествува на научни собири и конференции во Македонија и вон државата на теми од областа на средновековна и понова црковна историја, агиографија и црковна книжевност. Член е на повеќе значајни архиепископски и епархиски црковни тела и органи.

На предлог на митрополитот Преспанско-пелагониски Петар Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија во 2012 година го бира за архимандрит. Во 2023 година е избран за викарен архијереј на Преспанско-пелагониската епархија, со титула Велички, а ракоположен во епископски чин е во 2024 година.

На седницата на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија на 19 март 2026 година избран е за Митрополит Австралиско-новозеландски.

Ваше Високопреосвештенство, ја остваривте Вашата прва посета на Австралиско-новозеландската епархија, по Вашето поставување за Митрополит на таа епархија. Кои се првите впечатоци?

Како што ви е познато, по предлог на дотогашниот администратор на Епархијата за Австралија и Нов Зеланд г. Петар, и благодарејќи на искажаната доверба на САС на МПЦ‒ОА, на 19.3.2026 г. бев избран за Митрополит Австралиско-новозеландски. Мојата прва посета на Епархијата за Австралија и Нов Зеланд се оствари веднаш по изборот, со цел таму да бидам присутен помеѓу нашинците за време на Велигденските празници. Достоинствено и со многу љубов бев пречекан на аеродромот во Мелбурн, од каде се упативме кон Соборниот храм на Епархијата. Празничните пасхални богослужби и средбите со свештенството и со народот насекаде беа срдечни и радосни.

Од првите впечатоци можам да истакнам дека во Епархијата за Австралија и Нов Зеланд веќе постои устроен црковен живот и поредок, што укажува на тоа дека во изминатиот период е многу вложено во развојот на црковните општини, а особено во изградбата на храмови и манастири и во уредувањето на литургискиот живот. Перспективите за натамошен развој се големи, бидејќи и таму, како и кај нас во Македонија, расте интересот за верата и за Православието, а ние како свештенослужители треба да бидеме подготвени да одговориме на таа потреба.

Се согласувам со сите кои сметаат дека за добриот правец и иднината на МПЦ‒ОА во Австралија и Нов Зеланд е неопходен растот и градењето на поголема меѓусебна доверба, помеѓу црковните општини, Епархијата и Синодот на МПЦ‒ОА, возглавен од Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Стефан. Свесен сум дека довербата не се случува преку ноќ, туку се стекнува низ процесот на запознавање и низ заемното проникнување, па затоа таа нема да се случи единствено со административната одлука за моето поставување за надлежен архијереј, туку треба да биде плод на лично и конкретно сведоштво, како и на соборната свест на секој чинител во Црквата. Мојот живот помеѓу верниот народ, исто така, ќе треба да придонесе за тоа.

Заедничката цел на сите единствено може и треба да биде првенствено спасението на секој човек, но и добрата намера за преуспевање на Македонската Православна Црква во Австралија и Нов Зеланд. Проблеми и искушенија има секаде, па има и меѓу нашинците во Австралија, но јас сум приврзаник на тоа дека внатрешноцрковните проблеми може да се решаваат само внатре во Црквата, со Божја помош, по пат на мир и добра волја, дијалог и молитва.

Со години поделеноста и конфликтите беа единствените вести поврзани со црковниот живот на македонската дијаспора во Австралија. Како ја оценувате состојбата на Црквата во Австралија и што е она коешто би сакале да го постигнете како Митрополит Австралиско-новозеландски?

Неблагодарно е да говорам за настани и процеси од минатото на македонската заедница во Австралија, особено што самиот ниту сум присуствувал, ниту сум учествувал во нив. Она што со сигурност можам да го кажам е дека тоа што сите нѐ обединува и нѐ соединува во Христа е далеку поголемо од она малото што нѐ разединува како луѓе.

Според нашата христијанска вера треба да го љубиме и да го почитуваме другиот, а не да каменуваме и да создаваме непријателства. Не е христијански однесувањето на човекот да биде одредено од проценката кој е со мене, или кој е против мене, туку дали сум јас со Бога, дали сме како заедница со Бога. На едно место во Евангелијата ги читаме овие Христови зборови: „Секое царство, ако се раздели самото против себе, запустува; и секој град или дом, ако се раздели самиот против себе, нема да опстане“ (Мт. 12, 25).

Македонската заедница во Австралија на црковен план минувала низ многу фази на духовно созревање. Далеку од родните огништа, Црквата за Македонците претставувала незаменлива врска без која не можеле да го замислат своето постоење, своето чувство за национална и за духовна припадност. Дури и за нашите луѓе кои не се родени во Македонија, дури и за оние кои никогаш не стапнале во Македонија, Македонија не значи само географски простор, туку духовен извор, духовен идентитет, најдлабок духовен код којшто ја опфаќа сложената слоевитост на човечкото битие. Таа е работилницата во која се создава нашата духовна личносна и соборна убавина.

Ќе ви кажам обичен пример. Самата претстава за Охрид кај нашите во Австралија, не е охридската чаршија, пастрмката или чинарот… Посетив десетици семејства во Мелбурн и во Сиднеј, и видов дека нивните домови ги украсуваат иконите на свети Климент, свети Наум, сликите и фотографиите од охридските цркви и манастири. На прво место Охрид и понатаму за нив е светост, тој е Македонскиот, Балканскиот и Словенскиот Ерусалим.

Суштински важно е што денес сѐ повеќе наши луѓе го наоѓаат патот до Црквата и до заедницата со Бога не толку заради односот кон традицијата, туку затоа што се поттикнати единствено од лични духовни мотиви, од лични животни искуства коишто ги водат и до подлабоко спознание и на самиот себе и на Бога. Не само кај мене лично, туку и во разговорите со постарите браќа архијереи и членови на САС на МПЦ‒ОА, и особено во расудувањата на нашиот Поглавар, видов дека кај сите постои единствен став дека, во прв план, неопходно е да се работи на пастирското дело на Црквата во Австралија. Да го бараме најпрвин Царството Божјо, а сѐ друго ќе ни се придодаде.

Како архијереи на МПЦ‒ОА секогаш на ум ги имаме Уставот на нашата Црква, каноните, учењето на светите отци, но и сопствената совест, личната и соборната одговорност за доброто, мирот и единството меѓу нашиот народ. Тие нешта во најголема мера се синтетизираат во градењето на синодските ставови. Затоа тие ставови понатаму ќе бидат основен двигател на моите разбирања за идното делување на МПЦ‒ОА во Епархијата за Австралија и Нов Зеланд. Промените на подобро се заеднички предизвик на сите нас.

Имавте средба со архијереј на Антиохиската Патријаршија во Австралија. Дали имате контакти и со претставници на други православни јурисдикции во Австралија и Нов Зеланд? Дали можете да ни кажете нешто за начинот на заедничарење и соработка на различните православни јурисдикции во дијаспората?

Средбата во Сиднеј со претставникот на Антиохиската Црква ‒ владиката г. Василиј, се оствари на негова покана. Разговорот беше многу срдечен и пријателски. Таа Црква, за жал, и денес во матичните земји живее во прогонства, исповедништво и мачеништво и ние можеме многу да учиме од нив. Се сретнав и со српскиот владика г. Силуан, кој со својата придружба ме посети во седиштето на Епархијата, а со него негуваме срдечно пријателство уште од времето на неговите посети и сослужувања во Македонија.

МПЦ‒ОА денес е признаена Црква, а токму на македонските епархии во дијаспората, „на поширок терен“, им се наложува одговорноста да го претставуваат македонското православие и да градат односи со останатите помесни Цркви, па и со оние со кои историски сме немале потесна соработка, а сега сме во ситуација да делуваме едни покрај други. Корисно е со сите нив да градиме единство и да споделуваме искуства бидејќи имаме соживот во иста духовна и општествена стварност. Се надевам дека и со останатите претставници на помесните сестрински Православни Цркви, на тлото на Австралија и Нов Зеланд, ќе остваруваме и негуваме полезни врски и соработки.

До нас доаѓаат информации за зголемен интерес за Православието во западниот свет. Дали имавте можност да се запознаете со предизвиците од тој аспект во Австралија?

Вашите сознанија се точни. Интересот за Православието, во контекст на општествено-културолошката стварност на западниот свет, како израз на христијанската духовност, доживува подем. Доживувањето извесна празнотија во живеењето во новото доба, во материјалистичка идеологија, повреденоста на потрошувачкото општество од замките и опасностите во виртуелниот свет и интернетот, живеењето една површност во меѓучовечките односи во која уште подлабоко боледува од самотија, сето тоа е поттик нашиот современик да започне потрага по смислата и целта на постоењето. Тоа се причините зошто се буди духовното битие кај човекот во 21‒от век. Автентичното сведочење на Христа и Неговото учење секогаш го привлекува вниманието на боготражителот, бидејќи Евангелието му открива дека Царството Негово не е од овој свет, дека Он е патот, вистината и животот, дека смртта не е последната станица…

Дали е потребно една епархија на Македонската Црква во дијаспората да има мисионерска дејност помеѓу луѓето кои не се Македонци и не се православни? Дали имате планови на тоа поле?

Тоа прашање во текот на минатиот век се поставило во круговите на сите епархии на помесните Цркви во дијаспората, особено во големите руски и грчки заедници во европските земји и Америка. Како и кај нив, и кај нас првите црковни заедници се создадени за потребите на македонската дијаспора, и затоа тие биле најпрвин јазично и културолошки „затворени“ заедници. Но, Црквата живее вистински кога не робува на етнички граници. Нашата национална историја и култура се македонски, нашето предание е православно, но Евангелието е универзално.

Со текот на времето, заради тоа приоѓање на други нехристијански и инославни луѓе кон тие црковни заедници, зависно од конкретниот свештеник и неговата паства, тие се отворале за примање на конвертитите или неокатехумените во нивното духовно семејство.

Денес е време тоа да се случува на поорганизиран и подобро устроен начин. Во таа смисла во Австралија, не само поради доаѓањето на верници од други нации, туку и поради сѐ поголемото непознавање на македонскиот јазик помеѓу младите Македонци, се наложува употребата на англискиот јазик во богослужбениот и во парохискиот живот.

Во Вашата биографија читаме дека сте член на повеќе значајни архиепископски и епархиски црковни тела и органи. Дали би сакале да ни кажете повеќе за тоа кои се тие црковни тела и органи и кој е Вашиот ангажман во нив?

За време на моето служење во Преспанско-пелагониската епархија, бев член во речиси сите епархиски тела, во Епархискиот управен одбор, Епархиското собрание, Епархискиот црковен суд, Епархискиот црковно-просветен совет и бев делегат во Црковно-народниот собор. Член сум на синодската Комисија за канонизација на нови светители, која изминатите години препорача до САС на МПЦ‒ОА да реализира десетици канонизации на светители од Македонија. Сметам дека оваа Комисија изврши значаен придонес во стандардизацијата на новосочинетите агиографски и химнографски книжевни творби посветени на новоканонизираните македонски светители.

Во овие тела човек стекнува драгоцено искуство, особено во административното работење во епархиските и во архиепископските тела. Секако, секогаш треба да се има на ум и фактот дека, иако администрацијата и поредокот се потребни, тие се само средства. Целта се Христос и човекот.

Повеќе од четврт век бевте посветени во монашкиот живот. Како ја оценувате состојбата на монаштвото во Македонија денес?

Монашкиот живот е она благословено „иноје жителство“ (поинакво, друго, различно) живеење и постоење, кое својата смисла непрестано ја црпи во Евангелието, во апостолскиот живот, во мачеништвото… По обновувањето на монаштвото во Македонија во текот на 90-тите години во минатиот век, денес веќе конкретно можеме да зборуваме за неговото место и за улогата во современиот црковен живот кај нас. Во Православното предание и во устројството на манастирското секојдневие, на централно место се поставени молитвата, покајанието и литургискиот живот. Враќањето кон овој древен образец веќе обилно ги дава своите плодови, особено за нашиот народ, кој во монахот сака да го види охристовениот човек, да ја види силата на преображението, привлекувањето и делувањето на божествената благодат.

Во Македонија познавам многу прекрасни и духовно зрели монашки личности, кои живеат во автентичен рамномаченички подвиг на покајание и љубов кон Бога и кон човекот. Иако тие аскетски постојано внимаваат, заради мирот и присуството на благодатта, секогаш да останат невидливи и скриени за светот, а не да му се наметнуваат, лично верувам дека благословениот напредок на црковниот живот кај нас во изминатите 30 години во голема мера е плод на нивната молитва и на нивната посветеност.

Која е Вашата пастирска порака кон читателите на порталот Литургија.мк?

Идејата за добрата вест ‒ за благовестието, е во духот на евангелското разбирање на значајното и полезното за нашето спасение. На вашите читатели може да им посведочам дека досега во вашиот портал била препознаена црковна свест за објективно известување на црковни настани и вести од областа на делувањето на Православната Црква. Блажениот отец Серафим Роуз велел дека сѐ можеме да читаме, но треба да сме свесни дека сѐ што е прочитано остава трага во душата, или добра или лоша. Затоа, најпрвин, да го бараме Царството Божјо, да се молиме за другите, како и за своето спасение, станувајќи на тој начин полезни за Црквата, за да заслужиме мир и благослов од Бога!

Извор: https://liturgija.mk/glasilo/razgovori/intervju-so-mitropolitot-avstralisko-novozelandski-nikola/

Previous articleПрославена храмовната слава во Соборниот храм во Сиденхам