Велигденско Послание на Митрополитот г. Никола

22

+ НИКОЛА

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

МИТРОПОЛИТ АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ

ДО СВЕШТЕНСТВОТО, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА

НА АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,

ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО НАЈРАДОСНИОТ ВЕЛИГДЕНСКИ ПОЗДРАВ

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

Возљубени во Христа Воскреснатиот,

Ве поздравуваме во овој ден со најторжествениот поздрав на Црквата, исполнети со неискажлива духовна крепост во светлината на Христовото Воскресение. Велигден е Празник над празниците, највеличественото славје што го познава човечкиот род, чија радост ја засенува сета тажна и плачовна историја на човештвото!

Денес се открива тајната на Божјата љубов кон човекот и светот, бидејќи Бог покажа дека не ја сака смртта на грешникот, туку да се покае и да биде жив. Затоа овој пресветол празник е исполнување на нашата надеж, темел и смисла на нашата вера и предвкус на вечната радост. Следејќи Го Христа, ние стануваме наследници на вечноста, повикани да постоиме едни покрај други во светлина, љубов и вистина.

Победата над смртта нека го одредува и управува целиот наш живот: во секое време и на секое место нашите зборови и дела нека бидат плод на верата дека смртта нема веќе власт над нас, дека ние, иако некогаш заробеници на смртта, денес сме исцелени и слободни во Бога.

Во сите свети храмови на нашата Црква, со духовни песни и химни денес се присоединуваме кон ангелските хорови, ликувајќи со небоземна радост, восхитени од неизглаголивата Божја промисла. Пееме и Го прославуваме Христа, Победителот на смртта, Кој ги разруши адските врати и дарува вечен живот. Ова е часот во кој торжествено ја славиме слободата од ропството на смртта: ние повеќе не сме заробеници, не сме во прогонство, туку се овенчавме со Христовата победа, се украсивме со слобода и вечност. Се воздигнавме во славата на Оној Кој ги потчини сите таги и мракови, оставајќи ги во празнотијата на гробот.

Скапоцени чеда Божји,

И во нашево време неброени се сведоштвата на христијаните за тоа што значи да се живее со убавината на воскресенската вера. Но, истовремено, очигледна е и вистината дека овој спасоносен глас за Воскресението не допира до секого.

Сведоци сме дека во современиот свет се уште постојат братоубиствени  војни, опиеност од омраза и непријателство, богатење во злото, изобилие на болка и страдања, занесеност во самољубие, заслепеност за ближниот. Трагедијата на човечкото отпадништво од Бога не само што везден не опкружува, туку и лажно се прикажува како човечки напредок.

Затоа, нашата молитва за овие состојби треба да е постојана, просејќи од милостивиот Бог штедро да го умножи дарот на верата. Доколку ние самите во секоја прилика ја исповедаме и ја сведочиме Христовата победа над смртта и адот, тоа сведоштво ќе допре многу срца. Да го имаме секогаш пред очите некогашниот Савле, кој не го приведе ништо друго кон верата, туку токму видението на Воскреснатиот Христос.

Возљубени чеда на Македонската црква,

И овде, во Австралија и Нов Зеланд, каде што нè има многумина од македонскиот род, достоинствено да го носиме својот крст со трпение и надеж. Да врвиме по Христа на патот на Голгота, да се сораспнеме и соединиме со Него, бидејќи на тоа ни укажува и Апостолот, „ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението“ (Рим. 6, 5). Иако сме далеку од родните огништа, татковината и блиските, во нас никогаш не згаснува копнежот по Бога. Во домот Божји, светата Литургија и заедницата во Христа наоѓаме не само духовно прибежиште, туку ја откриваме нашата небесна татковина.

Божјата љубов и Божјата милост се бескрајни. Како што во гревот сите умираме и до смрт згаснуваат нашите сили и дарови, така во воскресението сите оживуваме, се подигнуваме во нов човек и за нов живот. „Како што во Адама сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани“ (1Кор. 15, 22).

Затоа, да Му благодариме на Воскреснатиот Господ, за дарот на животот и спасението. Да останеме цврсти во верата, исполнети со надеж и љубов, сведочејќи ја радоста на Воскресението во целиот наш живот. Во благословените празнувања на Христовото Воскресение, нека ни се обнови духот и нека се умножи мирот и љубовта меѓу нас. Нека Воскреснатиот Господ нè удостои секогаш да бидеме едно и заедно во Него, амин!

 

Во Мелбурн

На Велигден

2026-то лето Господово

 

Previous articleАрхиерејска литургија на Цветници во Сиденхам