Што е Православието и што не е - Монах Мојсеј Светогорец

2727

Нема да спомнувам цитати од книги, но ќе зборувам од моето срце. Вистината е единствено во Православието. Тоа е покана за возбудлива и неверојатна авантура. Бара смелост и крие ризици. Тоа не се потпира врз старата слава. Се согласувам со реченото од Достоевски: “Верувам дека нема ништо попрекрасно, подлабоко, повоодушевувачко, поразумно, похрабро и посовршено од Христос.”

Православието сака да нѐ види целосно очистени и добродетелни. Неговите очекувања за нас се големи. Без Бог ние несомнено би биле ужасни, никакви. Вистина е дека ние не сме светители. Да си придаваме изглед на светители е исклучително лоша особина. На Бог воопшто не му се допаѓа тоа. Православието бара од нас да сме нелицемерни, искрени, вистинито смирени и милосрдни спрема другите. И исто така – едноставни, незлобиви, внимателни. Христос во Православието е близок, пријателски, љубезен, простува и е сочувствителен. Тој никогаш не рекол остри зборови кон грешниците, ниту, пак, ги презирал. Тој ги разбира нашите слабости. Тој не се гневи, не укорува, не казнува, не се одмаздува. Тој простува, љуби и се жртвува за нас.

Еден романски Евреин, Николае Стајнхарт кој станал православен во затворот, во својот „Дневник на среќата“ пишува: “Бог во никој случај не е нешто апстрактно, некој бездушен уметник, недопирлив и непроменлив индиски жрец, ниту, пак, дивинизација на знаењето што се одвива низ вековите“. Православието не е просто една од многуте добро прифатени религии. Тоа е пат, позиција, образец и начин на живот. Тоа е жртвена и безусловна љубов. Тоа е љубов кон непријателите и прошка за сите. Православието е скандал и безумие за оние кои се потпираат на логиката.

Православното учење не е нешто апстрактно, противречно, исцрпувачко или невозможно. Тоа не е за наивни луѓе, ниту за фанатички поддржувачи на религиозноста. Тоа е за луѓе со храброст, со светло чувство и воинствен дух. Тоа дава вистинска слобода и благодат. Тоа открива што претставува внатрешниот мир, кроткоста и добродушноста на светиите. Православието не е лек против болка ниту наркотик. Тоа е бескрајна одговорност, внимание, постојаност, будност, возбуда.

Православието не е грчко, туку универзално. Не е сoкриено на Света Гора или во Ерусалим, но е во срцата на вистински смирените.

Оние што веруваат дека Православието е за наивни и лесноверни, страдаат од мизерна заблуда. Ако некој мисли, дека Православната Црква изградува мрзливци и безработници, се лаже самиот. Православните водат борба за духовна целовитост, отвореност и чистота. Во нив нема преправање и студенило. Врз нас суетата на светот не дејствува депресирачки, но нè потикнува за уште подлабоко разбирање на животот. Нашиот Бог не е волшебник, факир, гледач, чуден илузионист. Нему не Му се својствени нешта кои се неразбирливи, угнетувачки, неосмислени, избрзани. Тој ја сака вистината, чистотата, смиреномудрието.

Во Православието, секогаш сме исполнети со надеж, со внатрешна радост и секогаш гледаме кон светлата страна на животот. Ние живееме за да љубиме. Во голема заблуда се оние кои мислат дека Православието бара непријателства, непрестајни судири, се стреми кон превласт, осудува и наложува анатеми (проклетства). За да воскреснеме најпрво треба да се распнеме. Распнувањето бара подготовка, распување на крстот во свое време. Православието е распнато, понижено и воскреснато.

Православието значи вистинско дејствување и живеење. Верно и вистинско познание за чистиот живот. Православието е неразбрано. Можеби е наша вина за неговото неправилно претставување.

Православието е директно поврзано со живото искуство, а не со теоретски стекнатото знаење. Православието наликува на прегратката на мајката што ги љуби и ги дарува своите деца со незаменлива утеха.

 
Монах Мојсеј Светогорец
 
Извор:johnsanidopoulos.com

Previous article„Бог над сѐ“ - Лудвиг Ван Бетовен
Next articleСвета Литургија во црквата Свети Илија во Футскрај