Непознатата лекарка - хирург од Андрос

4419

Mногу чуда се направени од големата светителка и помошничка на страдалниците Света Марина. И денес има сведоштва кои ја потврдуваат нејзината помош кон луѓето кои молитвено, со вера и надеж, прибегнуваат кон неа.

Во семејството Василиу од Лимасол, Кипар, се случило несреќа. Нивниот син, Андреј, итно имал потреба од хируршка операција – трансплантација на коскена срж. По долго време барање, од 2000 до 2002 год., вклучително и повици за помош на телевизија, бил најден донатор. Операцијата требало да се изврши во САД, во болницата М.Д. Андерсон во Хјустон.

Родителите на момчето секојдневно се молеле на Господа, на Пресветата Мајка и на сите светители за помош, надевајќи се дека операцијата ќе биде успешна и нивното дете ќе биде излечено. Пред заминувањето за Америка, дознале за чудата што ги извршувала Светата Марина врз болните. Некој им кажал дека на островот Андрос имало познат манастир посветен на светителката. Но, бидејќи немале време да го посетат, се јавиле на игуменот архимандрит Кипријан, и побарале да се помоли во нивно име на Светата Марина за здравјето на нивниот син. Тој ги уверил дека ќе се помоли, самата Света Марина да бдее над него за време на операцијата.

Семејството пристигнало во САД и дошол денот на операцијата. Одеднаш, во операционата сала влегла една жена велејќи дека е исто така хирург и побарала да присуствува како асистент на операцијата. Хирургот, врз основа на прописите на болницата, дека не смеат непознати лица да присуствуваат на операција, на почетокот ја одбил. Но, непознатата лекарка инсистирала и молела да присуствува на операцијата покажувајќи големо знаење за клиничкиот случај и хируршка пракса со што го убедила лекарот во нејзината способност, па тој се согласил таа да присуствува.

Во текот на операцијата, непознатата лекарка многу помогнала со своето знаење и искуство и операцијата завршила успешно. Американскиот хирург ги известил родителите на момчето за тоа што се случило, и изразил чудење што тие дошле да го оперираат синот дури преку океанот, и покрај тоа што во татковината имале толку талентирани хирурзи, каква што била докторката – хирург, што ја довеле со себе.

На тоа, родителите биле многу изненадени и зачудени, што туку-така дошол некој лекар – сонародник да помогне на нивниот син во Америка. Родителите, претпоставиле, дека откако нивниот случај станал познат на телевизија, некоја лекарка од Кипар или од Грција, одлучила да дојде тука, без да ги извести. И отишле на рецепцијата за да ги видат податоците што лекарката ги оставила при нејзината регистрација.

Огромно било нивното чудење откако го прочитале името во книгата. Таму било напишано: “Марина од Андрос”. Следуваа моменти исполнети со радост, восхит,  одушевување, и благодарење од сè срце кон милостивата светителка Марина, која ги слушнала молитвите на игуменот архимандрит Кипријан и дошла напомош со личното учество во операцијата.

Штом се вратиле во Кипар, семејството Василиу го раскажале ова чудо јавно пред сите медиуми, и изјавиле дека, како знак на благодарност, ќе го посетуваат секоја година манастирот на света Марина на островот Андрос.

Ова собитие станало познато благодарение на пензионираната лекарка г-ѓа Спиридула Кириакопулос, како и на игуменот и на братството на манастирот Света Марина на островот Андрос.

Извор: Православен свят; Оrthodoxia.gr

Previous articleЗнак на здравата душа
Next articleСвета Тајна Миропомазание