Грозје на љубовта

2142

Околу 330 години после Христа, свети Макариј Египетски се населил во еден скит. Полека-полека, околу свети Макариј се собрале илјадници монаси кои ги прифаќале неговите совети и зборови. Но и многу мирјани од целиот Египет доаѓале кај овој Божји светител за да примат плод од неговата љубов. Неговата слава се распространила по целата земја. Еден ден, во монашкото село дошле некои поклоници за да го видат Авва Макариј. Се разбира, од градот му донеле една полна кошница грозје. Тие останале мошне долго кај Старецот, ги чуле неговите скапоцени совети и духовно збогатени тргнале кон градот.

-Ова е за тебе, отец, – му рекле на заминување. Знаеме дека многу сакаш грозје. Земи го, те молиме.

Авва Макариј им се заблагодарил на поклониците и ги испратил со насмевка. Среде трошната колиба се наоѓала една преполна кошница со прекрасно миризливо грозје. Редок дар, бидејќи во тој крај немало ништо слично.

-Сигурно ќе биде многу слатко, – си помислил Аввата сакајќи да го вкуси.

Но како што се надевал, здогледувајќи ги преку прозорецот колибите на останатите подвижници, почуствувал грижа на совеста.

-Не е праведно јас да го задржам грозјето. Останатите отци воопшто не го ни вкусиле. Ќе му го однесам на Авва Петар, стар е и многу ќе му се допадне.

Така, го зел грозјето и за миг му го однел кај Авва Петар, кој навистина бил најстар во скитот.

-Отец, ми го донесоја ова грозје, па помислив дека многу ќе ти се допадне. Би сакал да ми сториш љубов и да го задржиш, – љубезно рекол Авва Макариј.

-Ти благодарам, отец, Бог да те благослови, – одговорил Старецот, и Авва Макариј се вратил во својата колиба.

Авва Петар го зел грозјето сакајќи да го вкуси.

-Чекај малку, – помислил, другите отци воопшто не го вкусиле. Знам дека Авва Исидор многу сака грозје. И без многу размислување, ја зел кошницата и му ја однел.

-Старче, ми го донесоа ова грозје. Стори ми љубов и задржи го. Знам дека многу ти се допаѓа, – рекол Аваа Петар, нудејќи го својот дар на Авва Исидор.

-Бог да те благослови, – одговорил тој и го зел. Но, ниту третиот отец не го задржал саканото грозје.

-Не е праведно да го задржам, – рекол Авва Исидор и го однел на следниот отец. А тој – на следниот.

До крајот на денот, кошницата со грозјето поминала низ сите трошни колиби и никој не ја задржал, мислејќи дека е потребна на другиот. Кога кошницата стигнала во последната колиба, монахот кој живеел во неа помислил:

– Грев е да го задржам ова грозје, многу му се допаѓа на Авва Макариј. И се упатил кон неговата колиба.

– Отец, прости ми, но знам дека ти се допаѓа ова грозје. Стори ми љубов и земи го.

Тогаш, Авва Макариј, гледајќи ја кошницата полна со грозје, недопрена, онаква каква што ја добил на почетокот на денот, го прославил Бога бидејќи скитот има такви монаси, кои се одликуваат со толкава љубов и сочувство. Во тој момент, некои монаси дошле од далеку за да земат благослов од Старецот, а тој, со радост на лицето, им рекол:

-Јадете, деца мои, од ова грозје на љубовта. Тоа е најслаткото грозје на светот.

И тогаш им ја раскажал целата случка.

Previous articleСвета Литургија во манастирот Свети Прохор Пчински во Донибрук (11-та Недела по Педесетница)
Next articleБлагодарете за сѐ оти таква е волјата Божја за вас