Интервју со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Петар за новинарството

1663

Интервјуто е интегрален текст запишан од аудио запис во просториите на храмот „Свети Кирил и Методиј“ во Прилеп, на 24.05.2018 година.

Интервјуто со Митрополитот г. Петар (M.П) го водеше новинарот Тачко Локвенец (Т.Л).

Т.Л: Владиката Петар, ужива голем авторитет, а тоа се покажува на секој чекор. За него многу може да се зборува, меѓутоа мојот впечаток е, дека е еден од ретките великодостојници во Македонија, кој има и горчливи и благородни искуство со новинарите. Митрополитот Петар е човек кој е секогаш во првите редови, кога треба да се соопшти или кажи нешто, и неговото искуство во односите со новинарите, јас сакам да го преточам во една лекција, која ќе произлези од висок достоинственик, од човек кој, нè само што воопшто не греши, туку дозволува неговите грешки, ако некој му ги препише, времето да ги покаже како негова доблест. Во неговата кариера, се направени многу шпекулации, но тоа е во неговото CV, во неговиот животопис, за кој верувам дека владиката г. Петар, ќе го преточи во нешто кое ќе остани или некој друг библиограв тоа ќе го напише.

Јас го замолив дедо Петар да можеме малку да позборуваме на една многу сложена тема, која досега никој не ја акцентирал, односно за новинарството.

Треба ли новинарот да биде верник, да оди во Црква, да ги негува Православните обичаи и традиции, да ги следи морални норми во своето пишување, односно нема да копа непријателски ровови, од каде што ќе се лансираат непроверени вести?

М.П: Најнапред сакам да појаснам која е улогата на новинарите. Имено, новинарите се гласници, односно оние што пренесуваат глас за нешто што се случило, или што ќе се случи, или што се случува во моментот. Оттаму за новинарот може да се рече дека треба да се поистоветува со ангелот или со ангелите, бидејќи ангелите се Божји весници или Божји благовесници. Тие се оние кои пренесуваат благи или добри вести.

Знаеме дека Светиот Архангел Гаврил е еден од Светите архангели, кој ја имал улогата да ги известува луѓето и народите за настаните кои требало да се случат со добри вести. Се знае дека најголемите настани што се случувале, биле соопштувани од ангелите, односно најповеќе од архангел Гаврил, како што е случајот со радосната вест на Свети Захариј, за тоа дека ќе му се роди син, Светиот Јован Крстител; тука е и радосната вест на Светите Богоотци Јоаким и Ана за раѓањето на Пресвета Богородица, и за раѓањето на Господа наш Исуса Христа, од Пресвета Богородица, која и ја соопштил Светиот архангел Гавриил; понатаму, исто така следува и  радосната вест на ангелите за Христовото Воскресение; потоа радосната вест за Христовото Вознесение на небесата, кога двајца ангели го придружувале Христа, при Вознесувањето на небесата, а двајца други ангели биле со апостолите и со Мајката Божја и.т.н.

Да не ми биде забележано од новинарите, ќе кажам, дека има и други ангели, кои пренесувале лажни вести, односно тоа се сатаната и неговите ангели. Од тој аспект сметам дека сите новинари, и не само новинарите, туку и сите луѓе, ако не ја говорат вистината, и ако не ги пренесуваат вестите и информациите со добра намера, и ако не ги фалсификуват, односно нè ги кажуваат дословно, онака како што се, тогаш тие работат во интерес на злото.

Честопати и добрата вест, ако е искоментирана со зла намера, може да биде лоша, како што говори Свети апостол Павле дека: „Вистината е како меч со две острици“ (сп. Евер. 4, 12), и може да нанесе повеќе штета отколку добро, ако не се каже во вистинско време. Задоцнета вистина може повеќе да направи штета и зло, отколку добро. Како пример ќе наведам, дека ете некој направил убиство, а некој друг човек го видел убиството, но несакал да го соопшти и да ја информира јавноста и службите, за тоа кој е убиецот, и затоа бил осомничен невин човек и лежел во затвор дваесет години. По дваесет гоцини, оној што го видел убиството со свои очи, се осмелил да ја каже вистината, но било доцна, бидејќи невиниот човек одлежал дваесет години во затвор. Ако тој човек ја кажел вистината пред да биде судењето на невиниот човек, ќе го спасел човекот. Тој ја кажал вистината, но во лошо време. Не треба да се говори вистината, само за да се каже, вистината треба да се говори со добра намера, во вистинско време. Ако не е кажана во вистински време, или предвреме ако е кажана, може да донесе големо зло. Затоа Свети архангел Гавриил, и другите Свети ангели што ги спомнавме, ги споопштувале вестите навреме. Пред раѓањето на Свети Јован Крстител, на Свети Захариј, му било соопштено од страна на Свети архангел Гаврил за неговото раѓање.

Спасителот наш Господ Исус Христос, бил зачнат во утробата на Мајката Божја, откако претходно нејзе архангел Гаврил и ја соопштил радосната вест. Од таа гледна точка сакам да кажам дека новинарите треба да бидат, ангели, кои ќе ги следат небесните ангели, кои носеле добри вести, а не да бидат на страната на сатаната и неговите ангели, со нечесно соопштување на лоши вести со зла намера.

Т.Л: Човек со неспорна интелектуална моќ, многу силно ги доживува и среќите и несреќите во неговиот живот. Јас за несреќи, ги сметам оние несреќни кавги, недоразбирања и импутирања во Австралија. Дедо Петар, вие живеете во едно многу реално време, опкружени сте со секакви новинари. Како сте задоволни од нив?

M.П: Јас можам да кажам дека, што се однесува лично до мене како човек, немам никаков проблем да поднесам било какви навреди и обезличувања, бидејќи истите ќе ги сметам како награда за во Царството Небесно, ако со трпение ги поднесам, и ако ги примам со уверување, дека Господ тие поднесени навреди и понижувања, ќе ми ги прими како награда. Честопати моите реакции, не се заради себе, туку  заради други причини. Една од причините е кога се понижува угледот и достоинството на Црквата Христова, угледот на нашата Света Православна вера во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и заради Црквата Христова, која всушност е Невестата Христова, која не треба да се обезличува и понижува и.т.н.

Реагирам само тогаш, кога се понижува достоинството на Црквата. Моите реакции се и заради оние кои ги прават тие навреди, за да ги поттикнам и потсетам, дека не е добро така да прават, најнапред заради нив самите, оти на тој начин тие практично си прават многу големо зло, бидејќи за секој кажан збор, што ќе го кажеме, ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Христов Суд. Прашање е дали секој од нас, почнувајќи од мене и понатаму, ќе се покае за гревовите што сме ги направиле. Некои велат, добро јас ќе грешам цел живот, ако треба и најголем грешник ќе бидам, ќе бидам еднаков на сатаната и на ѓаволот, но кога ќе дојде времето ќе се покајам.

Има еден англиски поет, кој објаснува како душата човечка станува многу мрзлива, кога ќе почне недостојно да живее, кога нема да го сообрази својот живот, со учењето на Црквата, со верата, со Светото Писмо, со Светото Предание и со учењето на Светите Отци и.т.н. Тој тоа го објаснува на следниов начин: Во Англија во тоа време имало многу бродови што патувале по океаните и по морињата, и на тие бродови имало многу птици, кои со помош на бродовите биле однесени и во Австралија и во Америка. Некои орли, кои се нашле на бродот, немајќи можност да летаат, како кога се на планините, се случило да станат мрзливи, бидејќи немало каде да застанат, освен на самиот брод. Таа нивна мрзливост, отишла до таму, што еден од тие орли кога сакал да полета и да се возвиши, поради немање на кондиција, се вивнал и почнал полека да паѓа во морето и се удавил. Така е и со човечката душа, кога ќе се навикне на нечесен, недостоен и лош живот, станува мрзлива. Од неа не може да се очекува, дека таа еден ден ќе се покае. Таа не може да се покае, бидејќи се навикнала на грешен живот, а навиките се страшна работа. Како што се навиките за телото, односно како што многу луѓе стануваат зависници од алхохолот, од дрогата и од други пороци, така и душата станува зависна на гревот, неморалот и нечесните работи. Таа нема никаква претстава за доброто. Во таа смисла сакам да укажам дека реагирам заради таквите нешта, кои можат да им се случат на одредени луѓе.

При една прилика ми забележија  дека покрај мене има постојано луѓе, кои ме заштитуваат од луѓе, кои сакаат да ме нападнат физички и да ме убијат, а некои од нив дури се заколнувале дека ќе ме убијат. Ме прашуваат: зошто дозволувате да имате луѓе околу себе кои ќе ве заштитуваат? Јас им говорам, тоа не е за мене, туку за оние кои сакаат да ме убијат. Тие луѓе потоа треба да лежат во затвор, а исто така ќе го изгубат и Царството Небесно. Не се работи за мене, кој сум јас да се спасам. Ние сме најнесигурните суштества во светот. Еден вирус, кој е невидлив за човечкото око, може да биде причинител моментално да умреме. Ние немаме никаква гаранција за нашиот живот. Колку мина, имале стотици и илјадници телохранители, и на крајот некој се нашол и ги убил. Тука ќе го спомнеме Џон Кенеди и многу други да не ги набројувам. Александар Македонски, знаеме дека се разболе и умре од вирус, на триесет и три години. Ние немаме никаква гаранција за нашиот живот, но кога некој се подготвува да направи некое зло, ние сме должни да работиме и да не дозволиме тој човек да пострада, нè толку заради нас, колку заради него.

Т.Л: Кое е вашето општо мислење за македонскиот журнализам и за македонското новинарство? Дали новинарството трпи удари или промени?

M.П: Македонското новинарство повеќе од деведесет проценти, е подложно на политичкото влијание.

Т.Л: Дали новинарите доброволно се заробуваат, или тоа некој им го наметнува?

M.П: Тоа се работи за карактерни особини, бидејќи знаеме дека имаме новинари кои останале доследни на своите ставови, односно имаат етика и морал. Нивниот морал не им дозволува да пренесуваат лажни вести. Може да се случи таквите луѓе да не дадат вест. Многу е подобро да нè даде вест, отколку да даде лажна вест, или да се изложи себеси на опасност и.т.н. Ние сме сведоци дека македонското новинарство е подложено на силни политички влијанија, а исто така и на поткуп. Јас имам сведоштва за одделни новинари, дека биле поткупувани, и сè уште ги поткупуваат. Не е добро за нив, погрешно да ги информираат  и насочуваат луѓето, бидејќи тие автоматски ќе одговараат за нивните души. Какво семе ќе посееме, такво семе и ќе никне. Не може да никне друго, како што се говори во песната: „Посеав босилек, ми никна џунџуле“. Се знае, што ќе посееш, тоа ќе ти никне. Како ќе си постелеш, така ќе си легнеш.

T.Л: Како би постапувале, кога денеска би биле новинар?

M.П: Јас сум новинар, бидејќи сум главен и одговорен уредник на три периодични списанија. Во Преспанско-пелагониската епархија сум главен уредник на списанијата  „Вистина“ и „Пелагонитиса“, а во Австралиско-новозеландската, сум уредник на списанието „Осми ден“. Списанијата „Осми ден“ и „Вистина“ излегуваат четири пати годишно, а списанието „Пелагонитиса“ излегува еднаш годишно, и според тематиката има научен карактер, бидејќи во него пишуваат свои статии, луѓе кои се занимаваат со наука, односно: теолози, историчари, музичари, историчари на уметноста, јазичари и.т.н

Мене новинарството не ми е непознато, туку напротив секој ден вршам корекции на текстови. Нашата Епархија има издадено многу книги. Сите богослужбени книги што ги имаме издадено до сега, а тоа се околу дваесет тома, имаат поминато низ моја рака. При корекцијата на овие книги внимавам на сè, односно и на точки, и на букви, и на запирки, односно максимално се трудам да се намалат грешките, кои ќе го симнат нивото и достоинството на книгата или списанието кое треба да се печати.  Во таа смисла, новинарството не ми е туѓо, туку напротив, ми е многу добро познато. На едно од нашите списанија му ставивме насловот „Вистина“. Зошто? За да ја говориме вистината во тоа списание. Исто така имаме издадено и една книга, во која вие го имате главниот удел, односно „Гласот на вистината“, и оттаму почна тоа, бидејќи сакавме да не се скрие вистината, и вистината тогаш се појави. Вистината, навистина е секогаш болна и мачна, но без неа нема иднина и живот. Која е вистината? Вистината е Господ Исус Христос. Никој не се осмелил да каже дека е Пат, Вистина и Живот, освен Христос нашиот Бог и Спасител. Ниту пред Него некој го кажал тоа, ниту по Него има смелост да го каже, зашто Христос кажал: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“ (Јован 14, 6).

T.Л: Дедо Владика, малку сега ќе навлезам во една небулозна схема што викаат хрватите. Како ќе постапите ако сте новинар во денешен ден, каде што има многу сомнежи, многу нејасни работи, каде треба да одлучите дали критички ќе се осфрнете на нешто, или ќе барате некое длабоко оправдување за тоа што се случува. Како ќе се однесувате спрема настанот, пишувајќи ја веста?

M.П: Секогаш треба да се соопшти вистината, но како што кажав и претходно, со добра намера.

Т.Л: Ако откриете, да речеме, дека јас сум извршил некој злочин или сум направил криминал, дали вие ќе влезете во една подлабока дубиоза да го откриете тоа, или ќе се повлечете?

M.П: Ако некој направил такво нешто, односно такво злодело, прво и основно, јас би зборувал со тој човек, а од него очекувам да каже дали е тоа така или не. Ако е така, сум во состојба, да ја премолчам вистината, ако тој вети дека ќе се поправи. Но ако човекот е  непоправлив, тогаш во Светото Писмо се вели дека таквиот треба да се изобличува. Колку поупорен е во злото, ти треба да бидеш поупорен во неговото изобличување. Треба да се оди до крај. Еве, ќе ви посочам пример, со случајот со Ирод. Господ Исус Христос отворено кажал: „Кажете и на таа лисица, на Ирода“ (сп. Лука 13, 32). Со овие зборови Спасителот укажува на карактерот на Ирод, дека тој е лисица – итроман, односно нечесен човек. Господ Исус Христос го отсликува него и го обележува како таков. Зошто? Затоа што има прилика повеќе пати да му укаже за неговото зло, но овој не сакал да се поправи.

Т.Л: Дали Господ Исус Христос во тој момент бил во улога на новинар?

M.П: Не! Господ Исус Христос не бил новинар, Господ е сезнајна личност. Господ Исус Христос секогаш кога укажувал на гревовите, говорел дека не дошол за праведниците на овој свет, туку за грешниците. Па оттаму, улогата на новинарите е да им помогнат на грешните луѓе да станат праведни. Тоа е целта! Не е целта да го уништиме некој човек, бидејќи ние можеме и најчесниот човек да го уништиме, ако со зла намера тргнеме и почнеме да го оцрнуваме пред јавноста. Тогаш ние ќе бидеме соучесници во тоа злодело. И обратно, ние можеме некој грешен човек, да го поправиме, да се врати на правиот пат, ако врз него влијаеме позитивно.

На Крстот на Кој Спасителот Христос бил распнат, биле распнати двајца разбојници, еден од десната, а еден од левата страна. Христос на оној од десната страна му ги простува гревовите и му вели: „уште денеска ќе бидеш со мене во рајот“ (сп. Лука 23, 43), а другиот кој хули на Христа, не се спасува. Ете ја мрзливоста на оваа душа.  Душата на разбојникот кој се спасил, иако била грешна, била подготвена, топла и пријатна, односно била расположена да се спасува. Побарала прошка, и се ослободила од гревовите во последниот миг.

Мрзливата душа не може да го распознава доброто од злото. Луѓето кога ќе навлезат во злото, за нив злото е добро, а доброто е зло. Денеска ние живееме токму во такви состојби, кога вредностите се крајно испревртени, до таа мера што злото се промовира за добро, а доброто за зло. Ако е тоа така, а факт е дека е така, тогаш не можеме да ги прогласуваме врвните пресуди на европските судови, како да не значат ништо, иако се праведно донесени, а сите наместени пресуди со зла намера, да се прогласуваат за исправни. Тоа е крајно забегување. Кога треба нешто да се каже, правдата и вистината мора да триумфираат, се разбира со добра цел и со добра намера. Најдобра вест е лошата вест, односно ѓаволската вест е најдобра вест. Испревртени состојби! Денес најдобра вест е да се случи голем благороден настан, да се роди прекрасно дете, да се отвори нова фабрика и.т.н. Но овие вести денес се затскриваат, а се промовираат измислени вести, дури и за луѓето пишуваат дека умреле, иако се сеуште живи. Еве, за мене три четири пати имаат кажувано дека сум умрел.

T.Л: Која им е целта, односно што сакаат со тоа да направат?

M.П: Целта им е да направат зло.

T.Л: Има една поговорка која вели: „оној што го прогласуваш за мртов, тој најдолго живее“.

M.П: Луѓето кои говорат вакви работи, се луѓе со зла намера. Не е никаква тајна дека ме клеветеа, дека сум бил дилер на дрога и многу други глупости. Оние луѓе кои ме имаат клеветено, им станува непријатно заради клеветата, кога ќе видат дека и полицијата нема докази, за она за кое ме клеветеле.

T.Л: Дали новинарот треба да биде верник?

M.П: Не само новинарот, туку и секој човек треба да биде верник. Новинарите се должни да ја пренесуваат вистината, да укажуваат на правдата, а исто така и да го потиснуваат злото, со своите изјави, кажувања и разобличувања на злото. Црквата преку устата на Свети апостол Матеј вели:„ Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си; ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор; ако ли, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник“ (Мат. 18, 15). Ваквиот човек повеќе не треба да се прима во Црквата. На друго место Свети апостол Павле вели: „исфрлете го лошиот помеѓу вас“ (1. Кор. 5, 13). Штом имаш лош човек во средината, а не можеш да го поправиш никако, мораш да го исфрлиш или отстраниш од средината, бидејќи тој е заразен.

Ние треба сосема поинаку да пристапуваме кон луѓето, особено ние свештенослужителите, но и секој верник. Имено, кога ќе видиш дека некој згрешил, ти оди поучи го и посоветувај го и.т.н. Лекарот кога ќе види дека некој се разболел, од тешка, неизлечива и заразна болест, оди и го лекува болниот, со силна желба и етички кодекс да го спаси билниот, дури и по цена на својот живот, бидејќи и тој може да се зарази од истата болест од која го лекува. Ако лекарите, за да ги спасат своите пациенти, честопати ги жртвуваат своите животи, тогаш истото се однесува и на нас, и на секој човек.

T.Л: Во однос на ова кажување, која е целта на новинарите?

M.П: Новинарите имаат должност со своите информации да им помогнат на луѓето. Како би постапил јас, ако ја имам улогата на новинар. Еве на пример, ако дознаам дека некој човек нешто украл, јас нема ништо да напишам и да соопштам во јавноста за тоа, туку ќе го посоветувам човекот кој украл да се покае и да го врати украденото. Ако се покае и го врати украденото, тогаш ќе бидам сведок дека таквиот човек се поправил, а ако почне да се правда дека не е виновен, тогаш ќе му кажам дека неговото злодело ќе го објавам во јавноста.

Новинарот во едно општество може да спаси многу работи.

T.Л: Дедо Владика, нивото и авторитетот на новинарот не е толку висок, за да може да разговара, да речеме со еден крадец, на кој ќе му рече, си го украл ова и сега врати го.

M.П: Рековме дека ако новинарот има сознанија, зошто да не може да влијае врз сторителот кој извршил престап. Новинарот на сторителот на некој престап може да му помогне, односно може и да му помогне и да му одмогне.

Еве, јас конкретно ќе ви кажам за еден новинар од Австралија, кој за мене објави лага, но јас сега нема да го кажам неговото име и медиумот каде што работеше.  Јас му се јавив на овој новинар и му реков дека веста која ја објави е лажна, бидејќи изнесе спротивни информации на штета на Црквата. Додека разговаравме по телефон, го замолив да има доблест и во следните вести да си ја исправи грешката и да ја каже вистината. Но наместо тоа, тој ми возврати: Дали знаеш дека ти утре ќе бидеш разрешен од владика во Австралија.

T.Л: Што му дава за право тоа да го речи?

M.П: Тој ова го вели, бидејќи е платена личност, од страна на оние кои работеа против мене.

T.Л: Во ред нека го плаќаат, но дали е тоа вистина, дека ќе ве разреши вас како владика во Австралија?

M.П: Тие имале извесни сознанија дека се работело на тоа, и тој бил еден од учесниците во групата, што работеле за таа работа, и биле уверени дека така ќе биде, сè до денот кога требаше тоа да се случи, но не се случи. Е сега, зошто истиот новинар, нема доблест да каже на вестите, дека излажа, и дека му се закани на Владиката со разрешување. Наместо да се покае и да се повлече од новинарството, тој до ден денес, на неговиот сајт постојано шири вести со лажна содржина, заедно со една новинарка од Прилеп, и насекаде со нивните информации прават пустош.

На пример кога јас служам Света Литургија во некоја Црква, ваквите новинари известуваат дека во тој ден во таа и таа Црква се служеше Света Литургија, но не кажуваат кој служеше. Во истиот медиум објавуваат дури и слики, на кои јас не сум присутен. Какво е тоа новинарство?

T.Л: Дедо Владика, дали новинарот верник, треба да биде различен од другите обични верници, или треба да биде исто каки и другите?

M.П: Јас мислам дека треба да биде како и другите верници. Јас имам пример со неколку новинари, не сакам да ги именувам, кои се добри верници, доаѓаат во Црква, се исповедаат, се причестуваат, односно во ништо не се разликуваат од обичните верници, кои се литургиски образовани.

Новинар кој пишува за црквата, тој  мора да ја познава Црквата, мора да ја знае  историјата на Црквата, животот на Црквата, односно мора да е длабоко проникнат во животот на Црквата, бидејќи не може некој да пишува за верата и Црквата, ако не живее Црковен живот, или е неверник или атеист.

Незнам дали го имате гледано интервјуто што го направи еден американски новинар со Владимир Путин. Новинарот во тоа интервју, во никој случај не го доведе претседателот на Русија Владимир Путин, во ситуација дека ќе го злоупотреби, туку со полна доверба од него го извлече максимум што сакаше да го извлече. Тоа интервју во Австралија, го смени за осумдесет проценти мислењето на австралиската јавност за Русија.

Во тоа интервју, Владимир Путин прашува, каде тие извршиле инвазија или каде нападнале, односно го кажува фактот дека тие се јавуваат само како бранители, таму каде што се  појавила војна, а не дека тие отвориле војна во Либија, Сирија или Авганистан.

T.Л: Треба ли новинарот да има цензура и автоцензура?

M.П: Новинарот не треба да има цензура, но треба да знае да си прави автоцензура. Секој новинар, треба да е доволно свесен и паметен, да процени од веста што ќе ја каже, дали ќе направи повеќе добро или зло, бидејќи и војни се случуваат поради лажни вести. Ние знаеме дека новинарството е седмата сила во светот. Колку влади паднале заради давање на погрешни информации!? Да не одиме подалеку, за Ирак од медиумите беше кажано дека таму имало хемиско оружје и дека се уништила една цела држава, а за тоа што го пишуваат и говорат немаат докази. Либија, која беше една прекрасна муслиманска држава ја уништија и сега таму никој не може да стави ред и поредок. Последиците од војната во Сирија, ги чувствуваат сите европски земји, со мали исклучоци, а сето тоа е последица на погрешните изјави кои ги даваат новинарите.

T.Л: Верувате ли во македонското новинарство?

M.П: Јас во извесни новинари во македонското новинарство верувам, но нè во сите. Од друга страна сакам да кажам дека, тие што се најчесни и најдостоинствени, кога ќе дојде крајот на нивната новинарска кариера се повлекуваат. Мене не ми се допаѓаат, сега ќе употребам груб израз, новинари „угичи“, односно водачи, како што во стадото имате брав угич, кој ги води овците, и кај ќе ги поведе тие одат по него. Кај нас за жал, има неколку такви новинари угичи, кои кажуваат лажни вести и на крајот на краиштата приказната завршува многу лошо. Во нашиот конкретен случај се појавија неколку новинари, како најповикани за Македонската Црква, кои деведесет проценти даваат промашени изјави, а во јавноста се сметаат како за најупатени во црковната проблематика.

Но има и доблестни новинари, кои спасиле многу ситуации, како покојниот Менде Петкоски, кој мене лично ме информира за работи за кои бил принудуван во тоа време да и напакости на Македонската Црква, а лично и на мене. Кога ми ги кажа тие работи, не се случи тоа што беше палнирано да се случи. Е тоа се тие новинари, чесни, доблесни, достојни, фер, кои спасуваат и се грижат да не се направи поголема штета, бидејќи откако ќе се направи штетата, не може лесно да се поправи. Затоа новнарите можат и да спасат ситуација, а можат да создадат и катастрофа со своите непромислени и лажни информации кои ги даваат.

T.Л: Дедо Владика ви благодарам за гостувањето!

Преземено: http://www.pppe.mk

Previous articleЧествуван чудотворецот Свети Спиридон и одржан традиционалниот македонски пикник во манастирот Донибрук
Next articleСвета Литургија во манастирот Свети Прохор Пчински во Донибрук (31 Недела по Педесетница)