Христијанската вера ни е доверена

7233

Има некои вистини во христијанската вера, кои што не бива да ги забораваме. Тука ќе се обидам да ги опишам основите на христијанството. Првата е верата, за која што нашиот Господ Исус Христос кажал: „Ако можеш да поверуваш? Сè е можно за оној што верува“. (Мк 9,23)

Зборот „вера“ на арапски јазик означува две нешта: таа означува „доверување“, да предадеш на некому нешто скапоцено. А оној што верува – тоа е верниот човек, кој што ја примил верата, како и определен начин на живот сообразен со таа вера. Кога зборуваме за верникот, ние знаеме, дека тој е пазител на нешто кое му е доверено, кое го примил без да го запустува и за кое ќе одговара пред Господ.

Вeрата исто така означува крепост, тврдина, место во кое непријателот не може да влезе. Луѓето во време на беди за да се заштитат од непријателските напади бараат заштита во крепостите. Следствено, оној што верува е оној човек кој смета дека поседува крепост и дека таа крепост е Господ. Оној што верува е силен човек, кого не можат да го расколебаат световните промени, затоа што тој стапнал на здрава основа. Верникот е како и сите останати луѓе, се измачува и се тревожи, зашто е од тело и крв и е несовршен, но знае, дека штом му е поверена таа вера, тој веќе поседува сигурно место. Тој знае каде се наоѓа Бог и посакува да остане со Него до последниот ден. Затоа тој е цврст. Стапнал врз основата која што е Христос и следствено стапнал врз основата на Црквата. Христос денес е видлив преку Црквата и го вкусуваме кога ќе се собереме околу светите дарови.

Втората паралела која можеме да ја направиме е, дека верата е храна за човекот кој сака да е со Бога и кој се стреми преку молитвата кон Него. Затоа никогаш нема да поверувам дека постои верник кој не се моли. Човекот ја примил верата од Црквата преку благодатта, но тој ја чува преку молитвата и божественото слово кое што го чита во Евангелието. Оној кој сака да живее во Божјата близина, прилега на човек кој го чува пријателството со чести јавувања и посетувања. Оној што верува знае дека само ако ја чува верата ќе се исцели.

Кога во срцата допуштаме туѓи на Бога нешта, односно неговиот непријател, тогаш Бог ќе е подалеку од нас. Нашиот однос со Бога е однос на љубов, на стремеж кон Него. Ние ако се храниме со молитвата се храниме со Бог. Затоа се кажува: „Јадете, ова е моето тело“. Бог ни се открива Себе Си во формата на леб, а ние преку јадењето на тој леб разбираме, дека го јадеме самиот Бог, тоест Го примаме во себе си. Исто така Господ Исус се открива Себе Си преку општата чаша, кога кажува: „Пијте од неа сите“. Во молитвата има едно основно нешто а тоа е, оној што се моли се враќа кон спокојството. Се враќа кон небото, душата му се очистува од гревот и му се оправдува, и тишината се враќа во него. Не може да се постигне вистински спокој и тишина освен преку молитвата. Така човекот успева да се избори со страстите. Оној што верува застанува пред искушението и се бори со него. Христијанинот станува господар на своите очи, уши, раце и нозе. А Бог останува Господар над душата, прво преку верата и, второ, преку молитвата и изоставањето на душевните похоти и стремежи. На тој начин се обидуваме да живееме христијански живот.

Митрополит Георгиј (Ходр)

Извор: Двери на православието, https://dveri.bg/uacqu

 

Previous articleСвета Литургија во Соборната Црква во Сиденхам (Недела на Сите Светии)
Next articleСреќата не е главна цел на бракот