Молитва кон Свети Наум Охридски Чудотворец

16483

Тебе, угоднику на Живиот Бог, Науме чудотворче, со љубов ти се поклонуваме и ти благодариме за многуте твои чудесни дела, со кои им помогна на немоќните луѓе и го прослави името на нашиот Господ и Спасител. Тебе ти се даде благодатта на Светиот Дух: демоните да ги изгонуваш, болните да ги лекуваш, немоќните да ги подигнуваш, ожалостените да ги утешуваш и во секоја нужда на луѓето да им помагаш. Поради тоа, ние недостојните те почитуваме како наша небесна утеха и сад на Светиот Дух, и го прославуваме Творецот на сè Кој те дарува со Божествена сила.

Преподобен оче наш Науме, праведнику и собеседнику на Небесните бестелесни сили, со умиление ти приоѓаме и ти се молиме: не престанувај, пред престолот на Пресветата Троица, да се молиш и застапуваш за сиот православен христијански народ, за епископите, свештениците, ѓаконите и монасите, за властите, за дарителите и помагачите во твоите манастири и цркви, за оние кои со вера доаѓаат да се поклонат на твоите свети мошти и твојата чудотворна икона, за праведниците и грешниците, за оние кои страдаат и боледуваат, за старите и младите, за мајките, девојките и децата и за оние кои со вера умираат.

Преподобен оче наш Науме преблажени, со твоите молитви покриј ги и нашите слабости и излечи ги нашите болести. Амин.


Молитва кон Свети Наум Охридски  (над болен)

Уште ти се молиме, оче наш Науме, за слугата Божји (името), кој страда од тешка немоќ и болест. Ако тој се врзал со својот грев или со гревовите на своите родители и ако поради гревот ја добил оваа болест, застапи се ангелоподобен Светителу, кој стоиш пред Престолот Божји, Семилостивиот Бог да му го прости гревот и да ја излечи болеста. Ако, пак, оваа болест е допуштение од Бога, по зборовите: „Кого Господ го сака – го кара и казнува и како син го прима“, повторно помоли го милостивиот и човекољубив Бог. Преподобен оче наш Науме, поскоро услиши ја нашата молитва и исцели го слугата Божји (името) за да не кажат безбожниците: Каде е нивниот Бог?

О, свет и преподобен оче наш Науме, покажи ја твоја сила дарувана од семоќниот Бог, и како што си направил безброј чудеса над болните и немоќните, така и сега, направи го овој слуга здрав по душа и тело; изгони од него секаков ѓаволски напад, зацврсти му го телото и дај ѝ сила на неговата душа да се покае и со добар подвиг да го здобие Небесното Царство. Одгони ја од него привремената смрт, за да со добри дела и зборови Му угоди и го прослави благиот Бог и пред Неговиот Суд да ја добие Неговата милост.

О, преславен чудотворче Науме, измоли за овој Божји слуга (името), простување на волните и неволни согрешенија, и очистување преку Светиот Дух од секоја нечистотија, за да може да го прослави Триедниот Бог – Кој тебе те прослави – Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Previous articleСвета Литургија во црквата Света Богородица - Пречиста во Ливерпул (30-та Недела по Педесетница)
Next articleПрославен споменот на преподобниот Наум Охридски во неговиот манастир во Роклин