Девојче - маченица

2161

Знаете ли дека во старо време, христијаните биле гонети и мачени од страна на идолопоклониците – неверниците и предавани на големи маки и казни? Меѓу мачениците имало и малечки деца, момчиња и девојчиња.

Овој расказ зборува за гонењето на христијаните во денешна Франција, во Лионската област за време на императорот Марко Аврелиј. Гонењето започнало со тоа што, најнапред христијаните биле исмевани и мавани со камења а потоа грабани од дома и носени по судовите. Едни ги испитувале и ги присилувале да се откажат од Христа, да станат неверници, како и оние кои ги суделе, а други пак ги клеветеле за некакви измислени престапи кои наводно ги правеле христијаните. Мачењата биле толку жестоки и долготрајни, така што мачителите омалаксувале при мачењата, а христијаните останувале верни на Христа и на Вистината.

Едно девојче по име Бландина, робинка, секогаш давала ист одговор: „Јас сум христијанка, во христијанското учење нема ништо лошо!“ Таа била одведена на суд, испрашувана и мачена, но таа секогаш го давала истиот одговор, едвај дишејќи.

Малиот петнаесетгодишен Поптик, исто така мажествено ги поднесувал сите мачења не одрекувајќи се од својата вера; неговата сестра стоејќи до него го убедувала и храбрела да не се откажува од верноста. Епископот на областа, старец на деведесет години, претрпел такви страшни мачења што по два дена во затворот починал. Храброста на децата и нивната силна вера, дејствувале и на другите, кои започнале да се колебаат, така што и тие без страв го исповедале Христа; отпаднатите повторно се враќале во верата и сакале да бидат принесени на мачења. Некои од овие христијани умреле исечени од меч, а мнозинството било фрлано во арените на циркусот, како плен на дивите ѕверови. Сето ова било пратено со громогласни овации од јазичниците, кои се наситувале од ваквите циркуски игри. Сите осудени, умирале со величествена радост.

Бландина стоела и ги храбрела другите; со радост и слава во Бога, и таа влегла во арената, како невеста која оди на венчание, а не на маченичка смрт. Нејзе ја завиткале во мрежа и ја фрлиле до еден разјарен вол, кој што ја убил прободувајќи ја со роговите. Согледувајќи ја нејзината цврстина и трпение, јазичниците говореле дека кај нив не постојат така храбри жени.

Христијанскиот писател вака ни ја претставил оваа случка, притоа говорејќи: “Така, Господ ги прослави сите оние, кои што изгледаа слаби и ништожни во очите на светот“.

Така, телата на сите маченици ги палеле, а пепелта ја фрлале в река, за да би ја избришале секоја трага на христијанството.

Преземено од Вистина, Гласник на Преспанско-Пелагониската Епархија, 51, 2006

Превод од руски: Весна Апостоловски

Previous articleКрстот
Next articleDeclaration of Dependence - The Sacrament of Confession